Иван Хаџи Николов за основањето на Револуционерната Организација
1892 година
Во јули 1892 година дојдов во Софија за да побарам преку Коста Шахов, кој издаваше македонски весник, едно авторитетно лице, Македонец, кој ќе дојде во Солун и ќе застане на чело на револуционерната организација за ослободување на Македонија.
Откако ме ислуша, К. Шахов ми рече: разбрав што сакаш, но не моѓеш да го најдеш тука бараното лице. Тука сите се шмеќари, само зборуваат, а кога ќе дојде за работа, ги нема. Тука има само едно лице со кое можеш сериозно да зборуваш по македонското прашање. Тоа е јункерот Гоце Делчев...
Се согласивме со Коста Шахов да му соопшти на Гоце Делчев дека сакам да се видам со него и в недела во два часот попладне да се сретнеме кај Шахов. Во определеното време јас отидов во печатницата на Коста Шахов и таму ги затеков двајцата. За да разговараме послободно, предложив да отидам во Борисовата градина и таму, во некој оддалечен крај, да разговараме.
Планот на основање на револуционерната организација:
1. Организацијата да се основа во Македонија, а не во Софија, бидејќи основана во Софија и раководена од Софија, Србите и Грците ќе ја третираат како измислица на бугарската влада, ќе основаат и тие такви организации и од нашата организација нема да излезе ништо. При тоа таа треба да биде тајна.
2. Основачите да се Македонци, чесни, да имаат добро име и да живеат во Македонија, за да бидат постојано во контакт со населението во Македонија, да бидат и тие изложени на истата опасност на каква што ќе бидат изложени нивните следбеници, преку кое полесно ќе ја спечалат и довербата на населението.
3. Паролата треба да биде автономијата на Македонија. Нашето барање треба да се потпира врз член 23 од Берлинскиот договор, за да се надеваме на успех. Да постигнеме автономија на Македонија, значи да ја откинеме не само од Турците туку и од Србите и Грците. Оцртани еднаш границите на автономна Македонија, Србите и Грците не ќе можат да бараат делови од неа, додека ако посакаме присоединување на Македонија кон Бугарија, Србите и Грците ќе посакаат и тие делови од неа. Нашата задача треба да биде да ја спасиме Македонија цела, а тоа може да стане преку автономна Македонија.
4. Организацијата треба да биде самостојна и независна, да нема никакви врски и ангажмани со владите на соседните држави, за да не и’ влијаат и да не ја обвинуваат дека е орудие на некоја од тие влади и со тоа да предизвика противдејство од страна на другите соседни влади.
5. Од Македонците во Бугарија и од бугарскиот народ ќе бараме морална и материјална поддршка, без при тоа да ни се мешаат во работата.
По четиричасовно осудување К. Шахов и Г. Делчев го прифатија планот. Гоце рече: „Слушај, г. Хаџи Николов, толку време минало, нека мине уште една година. Јас в година го завршувам военото училиште и ќе ме произведат за офицер. Ќе подадам оставка на офицерството, ќе дојдам во Солун и ќе ја основаме револуционерната организација. Откако ќе почнеме да работиме, ние ќе спечалиме авторитет и нема да има потреба да бараме друго авторитетно лице.“
Гоцев лист I/1 (1933), 8; Гане Тодоровски, Формирањето на ВМРО според ракописните мемоари на Иван Хаџи Николов. - Разгледи XI/10 (1969), стр. 1072-1074.
Subscribe to:
Post Comments (Atom)
-
Псалм за непостојниот Боли тоа што не постојам Длабоко боли тоа што не постојам Боли главата што ја немам Боли болката во таа глава Б...
-
Црноризец Храбар е анонимен писател во словенската средновековна литература. Некои од славистите сметаат дека позади псевдонимот Црноризец ...
-
1903 година Во четирите горни статији на оваа книга јас сакаф да обрнам погледите на мојите сонародници на нуждата од једно корено измену...
No comments:
Post a Comment