Апел против теророт во Македонија


1 февруари 1928 година

„Голготата на македонскиот народ. Македонија обвинува. Апел“

Тоа што им се има случено во последно време во Македонија и тоа што сега се случува не принуди да ви се обрнеме и да го упатиме овој апел, очекувајќи дека ќе преземете нешто за спасување на македонското население од денешните ужаси. Македонија страда. Тоа што во неа сега се случува повеќе не може да се поднесе. Дојде такво време, што ние овде не знаеме дали ќе осамнеме ако сме замркнале, ниту дали ќе замркнеме до колку сме осамнале. Овде народот се наоѓа во очајна состојба. Од една страна, Протогеров ги испраќа своите чети да прават атентати од кои скоро секојпат страдаат и невини Македонци. Од друга страна, денешниот режим секој таков обид за атентат без оглед дали успеал или не го користи за да воведува овде се посилен терор којшто само води кон зло. И така, преку нашата кожа се води спор чија е Македонија, а од тоа пресметување само Македонците страдаат, иако не соучествуваат во тоа и ја осудуваат и едната и другата страна.
Долго молчевме и трпевме. Се надевавме дека владите што една по друга се менуваат ќе обрнат внимание на оваа запустена и разорена област, но попусто. Од ден на ден е се полошо. Веројатно се што е од луѓето најлошо овде се праќа чија единствена грижа е на сметка на веќе оголените Македонци да се збогатат. Секоја чест на исклучоците, но многу се ретки.
Годинава што доаѓа не ни носи ништо подобро. Бидејќи наместо во буџетот (да се предвиди) тоа што е вистински потребно за Македонија, се предвидува огромно зголемување на давачките за таканаречената јавна безбедност на Југот, т.е. за полицијата и жандармеријата, иако е сега бројот на жандармите во Македонија многу голем: по зборовите на г. Прибичевиќ од 15.000, колку што сега ги има, на Македонија отпаѓаат 10.000.
Ние изгубивме секоја надеж дека владата и сама ќе се сети да и помогне на Македонија, бидејќи се што е правено досега секојпат беше на наша штета. Вистина во некои весници често се пишува дека во Македонија е се добро. Меѓутоа, тие статии секогаш доаѓаат од луѓе кои се блиски до владата и до режимот и на кои навистина им е добро. Дали се појавила статија од овдешните луѓе кои би ја фалеле положбата овде на Југот?
Ние нема да ги бараме виновниците, никого нема да обвинуваме. Ние само сакаме за судбината на оваа несреќна покраина да се заинтересираат само напредни елементи. Зашто овде систематски се спроведува злото. Луѓето што се добри спрема граѓаните веднаш се преместуваат, а се доведуваат други кои во слепата желба да му угодат на денешниот режим се готови на се. Можеби ќе се бара да се наведат таквите: невозможно е бидејќи ги има многу, би можело да се наведат само исклучоците. Најголемата несреќа доаѓа од полицијата и жандармеријата. Жандармите понекогаш се посилни од поглаварот, поголеми дури и од самиот жупан. Тие за своите дела никого не оговараат, така што се добива впечаток дека од самите виши органи добиле одобрување за својата крвава работа.

Македонски граѓани


Овој апел бил упатен до редакциите на повеќе весници:„Новости“, „Рад“, „Одјек“, „Реч“, „Политика“ во Белград, „Борба“, „Дом“, „Обзор“ и „Ријеч“ во Загреб итн. Потоа, до редакциите на списанијата „Книжевни гласник“, „Мисао“, „Будучност“ во Белград: „Нова Европа“ и „Книжевна република“ во Загреб. Исто така апелот бил упатен до ректорите на универзитите во Белград, Загреб и Љубљана; до клубовите на народните пратеници, до истакнатите политички, јавни и културни работници како што беше Светозар Прибиќевиќ, Стјепан Радиќ, Љуба Давидовиќ, Слободан Јовановиќ, Драгољуб Јовановиќ, Јаша Проданови, Мирослав Крлежа, Анте Трумбиќ и др. Апелот го објавил само весникот „Борба“.

No comments:

Post a Comment