Showing posts with label Поезија. Show all posts
Showing posts with label Поезија. Show all posts

Везилка - Блаже Конески

 
Везилке, кажи како да се роди
проста и строга македонска песна
од ова срце што со себе води
разговор ноќен во тревога бесна?
 
– Два конца парај од срцето, драги,
едниот црн е, а другиот црвен,
едниот буди морничави таги,
другиот копнеж и светол и стрвен.
 
Па со нив вези еднолична низа,
песна од копнеж и песна од мака,
ко јас што везам на ленена риза
ракав за бела невестинска рака.
 
Судбинско нешто се плело за века
од двете нишки, два созвучни збора,
едната буди темница што штрека,
другата буди вкрвавена зора.
 
Везилке, крени наведена лика,
погледај в небо во претпладне златно:
се шари таму и чудесна блика
твојата везба на синото платно.
 
За тебе нема ни вечерен запад,
ти – морно око на трепетна срна.
Две бои таму ти горат и капат,
две шарки твои – црвена и црна.
 
Зар не се плашиш од јаркоста нивна,
и најмил спомен дека ќе ти згасат?
Зошто се губиш, ти строга, ти дивна,
дните ти минат, прокоби се гласат.
 
– И најмил спомен што в душа ми блеска
се гаси од нив ко цвеке без боја.
Но ти што ловиш звук на чудна песна,
ти си ја кажа судбината своја.

Завет - Гане Тодоровски

 
Овдека дечиња, овдека внучиња мои.
Ридјето кај што се гравали, дабјето кај што се рои,
Могилка малечка овдека нека ми стои.
 
Могилка молковна: два-три миловидни бреста –
Налик на клепала, за да ја разнесат веста
Дека на некојси овдека гласот му престанал…
 
Грска темјанушки, ко што е редно, да ‘ртат,
Колку на минувачите погледот да им го свртат
И да им приспомнат троа-од-троа за смртта.
 
Кожле да вишнее. Вардар со рикот да рика,
Полногласно од врутока до утока да вика.
Одоколу да тече време македонско, да блика…
 
Могила што ќе ја молитват ветројне планински,
Камен, со неколку галежни зарешки кирилски,
И – едно нашинско презиме, со златно крајче на СКИ!

Нашинска - Гане Тодоровски

 Да ни е да сме доста
колку за да се разбистри небото
над Бистрине, Корабине-

Да ни е да сме доволно
колку за да се довардиме
покрај Вардарине и Струмине –

Да ни е да сме мерата
колку за да се прелееме
од колено во колено до крај истрајвекот-

Малцичка сме ли ете па што
малцичка божем а веќе со векови
по стопати по севезден нè пребројуваат

Но ние сме како што сте како што се
И покрај сè и покрај сè
колку сме толку сме токму сме!

Глас од Македонија - Коле Неделковски

 
О, трајте, трајте, тирани недни!
Доста се тија лаги и злоба —
пакосен глас од устите гадни
над мојот народ у секоја доба.

Та ете веќ векови цели
писка и стенка од волци гости –
за брата вијат кој да го дели
за да му глода сувите коски.

Па нека сега сам да си реши
со своја волја судба и сева,
в животот еднаш сам да се теши,
д’издигне славно свој род без врева.

Та Шар и Пирин дружно да викнат
родната песна в небеса темни
и бурниот Егеј — на век да плиска
тешкиот глас на новите химни.

Денови - Кочо Рацин

 
Како на вратот ѓердани
ниски камења студени,
така на плешки денови
легнале та натежнале.

Денови ли се денови
аргатски маки големи!

Стани си утре порано
дојди си вечер подоцна,
наутро радост понеси
навечер тага донеси –

ај пуст да е, пуст да би
останал живот кучешки!

Роди се човек – роб биди
роди се човек – скот умри,
скотски цел живот работи
за други, туѓи имоти.

За туѓи бели дворови
копај си црни гробови!

За себе само ‘ргај си
за себе маки тргај си –
нижи си ѓердан денови
нижи си алки ковани,
нижи си синџир железен
околу вратот навезен!

Т’га за југ - Константин Миладинов

 
Орелски крилја как да си метнех,
И в наши ст’рни да си прелетнех!
На наши места ја да си идам,
Да видам Стамбол, Кукуш да видам,
Да видам дали с’нце и тамо
Мрачно угревјат како и вамо.

Ако как овде с’нце ме стретит,
Ако пак мрачно с’нцето светит
На п’т далечни ја ќе се стегнам
И в други ст’рни ќе си побегнам,
К’де с’нцето светло угревјат,
К’де небото ѕвезди посевјат.

Овде је мрачно и мрак м’ обвива
И темна м’гла земја покрива:
Мразој и снегој и пепелници,
Силни ветришча и вијулици;
Околу м’гли и мразој земни,
А в гр’ди студој и мисли темни.

Не, ја не можам овде да седам,
Не, ја не можам мразој да гледам!
Дајте ми крилја ја да си метнам,
И в наши ст’рни да си прелетнам:
На наши места ја да си идам,
Да видам Охрид, Струга да видам.

Тамо зората греит душата
И с’нце светло зајдвит в гората:
Тамо дарбите природна сила
Со с’та роскош ги растурила:
Бистро езеро гледаш белеит
Или од ветар сино – темнеит;
Поле погледниш или планина,
Сегде божева је хубавина.

Тамо по срце в кавал да свирам,
С’нце да зајдвит, ја да умирам.

Дениција ..


Песна за мојата песна



Отспрегни ce машки ветру, мој личен телалу,
надлетајте го својот глас птицо и грмотевицо,
бидете редачки мои мачни посестрими
и искрај в краја пренесете ја песната за мојата песна:
За таа топола меѓу две пустини, меѓу две планини,
за тој постојан бакнеж меѓу две пречисти усти,
за тоа виножито меѓу две возбудени шуми,
за таа неизодлива ноќ меѓу две преноќишта,
за таа потпалена свеќа меѓу два непријателски черепа,
за таа мировна труба меѓу две завојувани земји,
за таа воздушна коњица меѓу две села,
меѓу две стомни вода,
за тој преотворен чадор на печурката,
за таа препрочитана телеграма меѓу два братски дожда,
за таа непомрдната Деница меѓу две оддалечени утра,
за тоа растојание меѓу два одѕива,
за тие речни слабини меѓу две скарани перачки,
за тој затскриен студ меѓу две топли соби,
за тој буквар, за таа сметалка меѓу два ближни града,
за тоа засолниште меѓу две селски горештини,
за тој пејзаж, меѓу две писма, меѓу две боишта,
меѓу две Крушевски Републики,
за таа пот, за тој дијамант меѓу две стушени чела,
за таа грутка снег меѓу две детски дланки,
за тој сончев прстен, за таа рамноденица,
за таа расонета струја меѓу две растителни ноќи,
за тоа запечатено пладне меѓу две речни промаи,
за таа капка вода меѓу две суви непца,
за таа камбанарија меѓу два ѕидара, меѓу два ѕвонара,
за тоа нескротливо животно, за тоа милозливо Невреме,
за тој водопад меѓу моиве две раце,
ЗА ДЕНИЦИЈА.


Кога ја љубев Дениција



Кога ја љубев Дениција,
како да калемев светлина на мракот,
како да топев снегови фатени во движење,
како да станував единствен сведок
за бакнежот меѓу металот и громот.

Кога ја љубев Дениција,
како да му пронајдував брзина и на каменот,
како да ја одделував душата од телото,
како да го палев барутот
на тилот од смилот и трендафилот.

Кога ја љубев Дениција,
како да внесував летен воздух во воздухот зимен,
како да ги откривав сите руднуци на злато,
како да добивав телефонска врска со сонот
од сите успани работници.

Оти ја љубев Дениција,
како што ги отварав пролетните аптеки,
сместени во гласот од славејот,
како што славејот ги спријателуваше
небото и земјата,
како што таа ми ја одземаше тежината,
додека трчав кон неа,
како што не можев да видам ништо освен неа,
како што таа живееше додеја јас умирав,
како што и јас не знаев како би умрел,
ако таа не се родеше.

Кога ја љубев Дениција,
како да учествував во создавањето
на првата Македонска Држава.


Од Дениција на Петре М. Андреевски.

Михаил Ренџов - Поезија


Псалм за непостојниот



Боли тоа што не постојам
Длабоко боли тоа што не постојам
Боли главата што ја немам
Боли болката во таа глава
Боли окото во таа глава што не постои
Боли пустелијата околу таа глава
Боли единствениот патник
Кој потајно минува низ таа глава
Кој запален доаѓа да ми соопшти
Оти јас сосема не постојам
Оти длабоко боли тоа што не постојам.
__________________________________________________

Страв



Ветрот ми го пожолте дрвото
Срцето ми е темно.

Нели вие ме гоневте до полноќ?

Скокаат славеи над мојата куќа
Стравот ми е бршлен на ѕидот
Пожар во полноќна галија

Го слушате ли гласот
Во тајната соба на срцето?

Ноќта е златен облак
Вие ѕвезди што ми покажувате
Лажен пат.

Славеите на небо се убиваат.
__________________________________________________

Раѓање



неопфатна
совршена
светлина -

се роди мојот брат.

неопфатна
совршена
светлина

се роди мојата сестра.

неопфатна
совршена
темнина -

се родив јас.

и така...
по две совршени живеачки
премина мојата сестра
а потоа мојот брат.

а јас?
ќе прашате

преминав во миг
на совршена светлина
начната од мисла една:
И мртов
ова да ви го
соопштам.
__________________________________________________

Одиме за рака фатени



Одиме
за рака фатени:
Ангелот и планината
Славејот и тишината
Душата и темнината

Одиме за рака фатени.

Одиме
за срце фатени:
Ѕверката и планината
Кобецот и тишината
Црвот и темнината

Одиме
За срце фатени.
__________________________________________________


Различности



Постои различност меѓу дрвјето:
Дрво со седало.
И дрво без седало.

Во седалото се испилува радоста
И влегува во нас
Другото постои заради различност.

Постои разлика меѓу тревите:
Трева со бубалка
И трева без бубалка.
Бубалката брмчи
И ни го населува увото
Другото постои заради различност.

Постои различност меѓу луѓето:
Постои човек со тага
Постои човек без неа.
Човекот без тага си ти
А оној со тага сум јас

а постојам само заради
Различност.

Михаил Ренџов


Михаил Ренџов е роден на 25-ти август 1936 година во Штип. Средното образование го завршил во својот роден град. Дипломирал на правниот факултет на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Работел во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје како советник по библиотекарство. Член е на Македонскиот ПЕН центар и на Друштвото на писателите на Македонија.

Ренџов е истакнат македонски поет, раскажувач, преведувач.
Автор е на повеќе дела, меѓу кои:
Лирика: „Иселеник на огинот“ (1965), „На работ од сонот“ (1972), „Збор и бол“, „Полноќ“ (1979), „Нерези“ (1982), „Аутодафе“ (1985), „Феникс“ (сонети) (1987), „Земја, потоп“ (1991), „Вечната, бесконечната“ (1996), „Јас оксиморон“ (1998), „Псалми“ (2000) и др.
Поеми: „Тој“ (лирска поема) (1993), „Апокалипса“ (драмска поема) (2002), „Земја“.
Проза: „Захариј и други раскази“ (2004).
Препеви: „Гилгамеш“ и други дела од асировавилонската поезија, делови од јидиш - поезијата, поезија од Лермонтов, Пушкин, Лучијан Блага, Дритеро Аголи, Каролина Илика и други.

Добитник е на десетина национални и интернационални награди: „Браќа Миладиновци“, „Прличевиот ловоров венец“, „Рациновото признание“, „Ацо Шопов“, “Grand prix international” во Романија за неговата целокупна работа и др.
Застапуван е во антологиите на македонската, југословенската и светската поезија.

Армакедон - Мизар (кобна убавина)


АРМАКЕДОН


Со тимпани и труби, торжества,
го дочекаа младиот цар:
на постела од свила безбожно дете,
на новата правда син.

Среде ноќ волците вијат
низ празни булевари со подземен крик.
По кожа ми врват морници ладни,
в глава ми удира гонг.

Од Исток до Запад,
од Тибет до Урал:
Terrible beauty is born! - W.B. Yeats


Над главава ми фрштат жешки јазици,
од водата се ведат гнасни ѕверови.
Го држам силно в рака крстот железен
со верба дека се уште сум со тебе.

Лажен сум бард на бродот наречен пропаст,
поморец без очи и без глас.
Изгубен сум син на стравот од вода и од пламен,
со глава нурната в длабок вир.

Господи од верба венец исплети ми,
над мојава глава пред напукнат ѕид.

Смрт од вода, страв од потоп,
изградете кораб, изградете мост
и бидете спремни на жестока љубов
како на Оној, распнатиот на крст!

Еве доаѓам по нив,
нема да одминам никого.
В рака носам огнен жиг,
посилен од нивното мастило.
Еве ме пак и пак,
немам страв но носам страшна пресуда.
И носам радосна вест:
твојата крв е нивна слобода!

Над главава ми летаат бесни змејови,
од очиве ми искрат молњи пламени.
Замавнувам со мечот косам пред себе,
Господи, Ти си моето силно оружје!

Зад мене летаат сили и престоли,
бегајте гнасни ѕверој, змии, гуштери!
Одвнатре бликнува Твојата светлина:
Ќе ги погубиме со убавина!


(Г. Трајкоски)



Мизар

Албум: Кобна убавина (2004)