Showing posts with label Литература. Show all posts
Showing posts with label Литература. Show all posts

Петре М. АНДРЕЕВСКИ


Петре М. АНДРЕЕВСКИ е поет, раскажувач и драмски писател. Роден е во Слоештица, Демир Хисар, во 1934 година. Гимназија завршил во Битола, а студирал на Филозофскиот факултет во Скопје, група: југословенска книжевност.










Негови позначајни дела се:
Јазли (поезија);
И на небо и на земја (поезија);
Седмиот ден (раскази);
Дениција (поема);
Богунемили (драма);
Дални наковални (поезија);
Неверни години (раскази);
Време за пеење (драма);
Пофалби и поплаки (поезија);
Пиреј (роман);
Скакулци (роман);
Вечна куќа (поезија);
Небеска Тимјановна (роман);
Сите лица на смртта (раскази);
Последните селани (роман);
Тунел (роман);
Сегашно минато време (есеи).

Има објавено и две книги поезија за деца: Шарам барам и Касни порасни (сликовница). Во 1984 и во 2002 година му излегуваат одбрани дела во пет и во шест тома.

Ги има добиено речиси сите позначајни награди за литература: 11 Октомври, Браќа Миладиновци (двапати), Рациново признание (двапати) и Стале Попов (двапати).
Негови дела се преведени на српски, хрватски, француски, романски, англиски, шпански, јапонски и на други јазици. Застапуван е во сите антологии на македонската поезија и проза.
Беше член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) од мај 2000 година.

Почина во Скопје, септември 2006 година.

Црноризец Храбар


Црноризец Храбар е анонимен писател во словенската средновековна литература. Некои од славистите сметаат дека позади псевдонимот Црноризец Храбарсе крие името на Климент или Наум Охридски, или пак некој нивен ученик кој добро бил запознаен со изворните учења на Кирил и Методиј. Други пак сметаат дека Црноризец Храбар е припадник на Преславската школа и кругот на царот Симеон.

Псевдонимот Црноризец Храбар означува калуѓер храбар. Се претпоставува дека живеел во IX – X век. За него се знае дека е автор на делото О писменех ( за буквите).

Црноризец Храбар - О писменех (за буквите)


Порано Словените немаа книги, но со црти и рески читаа и гатаа, бидејќи беа јазичници. Откако се покрстија беа принудени да ги пишуваат словенските зборови со римски и грчки букви без устроение. Но како може да се пишува добро со грчки букви? Така беше многу години...

Потоа човекољубецот Бог, кој уредува се и не го остава човечкиот род без разум и спасение , но сите ги довдува кон разум и спасение, се смилува над човечкиот род, му го испрати свети Константин Филозоф, наречен Кирил, праведен и вистинољубив маж и им остави 38 буквиЧ едни по образецот на грчките букви, а други според словенскиот збор. Во почетокот очнаа по грчки: тие така велат алфа, тој аз. И двете азбуки започнуваат со аз. И како што тие ги направија своите букви според еврејските и тој ги направил според грчките. Првата буква кај Евреите е алеф, што значи учење. Кога се води детето на училиште му се вели – уши-тоа е алеф. Подржувајќи го тоа и Грците рекоа алфа. Тој еврејски израз се вклопи во грчкиот јазик што место да му говорат на детето – барај учење, велат алфа што на грчки значи - барај. Угледувајќи се на тоа и свети Кирил ја создаде буквата аз. Но како прва буква аз е дадена и од Бога на словенскиот род за отварање на устата на оние кои преку азбуката се вразумуваат се изговара со широко отварање на устата а другите букви се изговараат и се произнесуваат со мало отварање на устата.

Ете тоа се словенските букви и вака треба да се пишуваат и изговараат:

а,б,в.г......

Некои велат:- Зошто создал 38 букви, кога може да се пишува и со помалку, како што Грците пишуваат со 24? Но тие не знаат со колку букви пишуваат Грците. Навистина тие имаат 24 но не ги исполнуваат со нив книгите, туку додале 11 двогласни и 3 за броевите: 6,90,900. и се собрале 38. слично на тоа, и на ис начин Кирил создаде 38 букви.

Други пак велат: - зошто се словенски книги? Нив ниту Бог ги создал, ниту ангелите, ниту се првични како еврејските, римските и грчките, кои се уште од почетокот и се примени од Бога. А други мислат дека Бог ни ги создал буквите. И не знаат што зборуваат океаните-дека Бог заповедал на три јазици да се пишуваат книгите, како што пишува Евангелието: “И имаше натпис напишан на еврејски, римски и елински“. А словенскиот јазик го немаше таму, затоа и словенските книги не се од Бога. Што да кажеме кон тоа, или што да им кажеме на таквите безумници? Но сепак да им го кажеме она што сме го научиле од светите книги-дека се по ред доаѓа од Бога, а не од друг. Бог не го создал еврејскиот јазик понапред, ниту пак римскиот, ниту елинскиот, но сирискиот на кој зборувал Адам, и од Адама до потопот и од потопот, кога Бог ги разделил јазиците при така и карактерите, и обичаите, и наредбите, и законите, и искуствата според народите: на маќионичарството и сите човекви искуства; на Евреите-светите книги, во кои е напошано дека Бог ги создал небото и земјатс и се што е на неа, и човекот и се по ред, како што пишува; на Грците пак им ги даде: граматиката, реториката и филозофијата.

Но, според тоа Грците немаа букви на свој јазик, а пишуваа со филикиски букви. И така беше многу години. Потоа кога дојде Панамид започна од алфа и вита и им најде 16 букви на Грците. Кон нив додал уште 3 Кад’м Милиски. Со тие 19 букви пишуваа долго време. Потоа Симонид пронајде и додаде 2 букви, а писателот Епихари пронашол 3 букви.И се собраа 24. по многу години, Дионисиј Граматик пронашол 6 двгласни, а потоа друг – 5, и друг 3 за броевите. И така мнозина за многу години, одвај собраа 38 букви. Потоа, откако изминаа повеќе години, се најдоа по Божја волја 70 мажи кои го преведоја од еврејски на грчки- Светото писмо. А словенските книги самиот свети Константин, наречен Кирил, ги превел и буквите ги создаде за малку години, а оние мнозина – 7 души, и за многу години ги создадоа нивните букви, а 70 – преводот. Затоа словенските букви се посвети и почесни, бидејќи свет маж ги создал, а грчките – елините јазичници.

Ако пак некој рече не ги устроил добро, бидејќи и сега се доустројуваат, ќе го дадеме овој одговор: и грчките исто така, многупати биле поправени од Акила и Симах, а потоа и од многу други. Полесно е нешто да се поправи подоцна отколку да се создаде прв пат.

Ако ги запрашаш грчките книжевници, велејќи; - Кој ви ги создал буквите, или ви ги превел книгите, или во кое време?,ретко од нив тоа го знаат. Но ако ги запрашаш словенските книжевници велејќи: Кој ви ја создал азбуката и ви ги превел книгите? – сите знаат и ќе ви одговорат – Константин Филозоф, наречен Кирил, тој ни ја создаде азбукатаи и ги преведе книгитеи брат му Методиј. И ако запрашаш во кое време, тоа го знаат и ќе речат: за времето на грчкиот цар Михаил и на бугарскиот кнез Борис, и на моравскиот кнез Ростислав, и на блатенскиот кнез Кољец во годината 6363 од созадавањето на светот.

Има и други одговори кои ќе ги кажеме на друго место, а сега нема време. Така, браќа, Бог им дал разум на Словените. Немѕ слава, чест и власт, сега и засекогаш и во вечни векови. Амин

Кирил Пејчиновиќ - Тетоец



Кирил Пејчиновиќ - Тетоец (1771 - 1845) е просветителски автор кој сите свои дела ги напишал на народен јазик и заедно со Јоаким Крчовски ја претставуваат првата генерација писатели на современата македонска книжевност. Пејчиновиќ исто така се смета за дел од бугарската книжевност, иако пишувал на македонски, тетовски говор.


















Биографија


Пејчиновиќ е роден во тетовското село Теарце во 1771 година. Првите почетоци од неговото образование биле во селото Лешок, а потоа продолжил во Дебарскиот манастир "Свети Јован Бигорски". Меѓутоа, потоа татко му решава да го продаде имотот во Теарце и со него и со неговиот чичко одат во Света Гора каде се замонашуваат. По извесно време Кирил се вратил во Тетово, а оттаму заминува во Кичевскиот манастир "Света Богородица Пречиста".

Во 1801 година Пејчиновиќ станал игумен на Марковиот манастир, кој решил да го обнови. Манастирот бил речиси уништен, меѓутоа Кирил успеал да издејствува помош од верниците, па конаците и манастирот биле обновени. Во наредните 17 години (до 1818 година), тој се занимавал со обновувањето и истовремено оформил манастирска библиотека од собраните ракописи од претходниот век. Додека престојувал во Марковиот манастир ја напишал неговата прва книга Книга сија глаголемаја Огледало, која била отпечатена во 1816година во Будим. По дваесет години минати во манастирот, под притисок на грчкиот владика од Скопје, го напуштил Марков манастир и се вратил во родното Теарце. Го обновил Лешочкиот манастир со помош на богатите верници и отворил училиште во кое ги подучувал младите и старите. Патувал и како проповедник собирајќи книги и пишувајќи сопствени текстови. Кирил Пејчиновиќ умрел на 12 март 1845 година во Лешочкиот манастир и е погребан во црковниот двор.


Етнички димензии на делото на Пејчиновиќ


Современите бугарски стремежи насочени кон културното и историско наследство на Република Македонија не го одминуваат ни Пејчиновиќ. Имено, бидејќи на првата страница од книгата Огледало стои дека книгата е напишана ради потреби и ползованија препростејшим и не книжним јазиком Болгарским долнија Мисии..., БАН тврди дека тоа е израз на националната освестеност на тогашните народни маси од Македонија како Бугари. Интересно е дека во втората објавена книга "Утешение грешним" во предговорот, напишан од Теодосиј Синаитски, стои дека книгата е напишана на простиј јазик Болгарскиj долниjа Мисии Скопскиj и Тетовскиj. Неговата книга Утешение грешним е напишана само на простиј јазик, не прецизирајќи поподробно. Виктор Фридман тврди дека Кирил Пејчиновиќ имал "желба за единствен македонско-бугарски jазик, што ќе биде базиран на компромис меѓу различните диjалекти". Блаже Конески тврди дека независно од тоа што Пејчиновиќ го нарекувал неговиот jазик "бугарски", неговото дело е напишано на тетовски диjалект.


Книжевната дејност на Пејчиновиќ


Пејчиновиќ зад себе оставил три книги: првата е Книга сија глаголемаја Огледало, втората еУтешение грешним и последната е Житие на кнез Лазар, од кои отпечатени му се првите две. Делото Житие на кнез Лазар е всушност последната хагиографија во македонската и во јужнословенската книжевност, воопшто. Освен ова, Пејчиновиќ напишал и еден епитаф во кој е сместена целата негова биографија и денеска претставува надгробен натпис на Кирил во манастирот во Лешок.


Првата книга на Пејчиновиќ


Огледало (1816, Будим) е првата книга на овој наш просветител. Таа е неопходна книга - прирачник за свештеникот при вршење на верските обреди. Првиот дел го сочинуваат молитви и верско-обредни текстови на црковнословенски јазик со македонски народни црти, а вториот дел го сочинуваатбеседите напишани на тетовски говор со елементи на скопскиот и други македонски говори. Во првиот дел од книгата, Пејчиновиќ дава коментари на Библијата, а во вториот, во беседите, поучува и критикува. Ги напаѓа суеверието и паганските обичаи на народот. Во овој текст, Пејчиновиќ мошне интересно ја поистоветува верата со народноста. И тој како и Крчовски, ги критикува своите колеги-поповите. Им забележува дека себично се здружиле со Турците и го измачуваат сопствениот народ. Неговата просветителска насоченост се согледува во пропагандата на книгите.


Втората книга на Пејчиновиќ


Втората книга на Пејчиновиќ е Утешение грешним (1840, Солун) која, иако е продолжение на првата книга, има повеќе значења. Книгата е составена од два дела - молитви и беседи. Пејчиновиќ оваа книга му ја испратил на кнез Милош во Србија, надевајќи се на помош за печатење од христијанскиот владетел. Црковната цензура не го дозволила печатењето на оваа книга (содржела бројни турцизми, а и тетовскиот говор пречел), па Пејчиновиќ, обесхрабрен, сторил напори да се обнови солунската печатница на Теодосија Синаитски. Конечно, на теренот на кој живеел македонскиот народ се отпечатила првата книга на македонски народен говор.

Во делото е поместен предговорот на издавачот (на Теодосија Синаитски). Текстот го содржиНифонтовиот тропаркој содржи различни молитви, приказната за војникот*, Таксиот кој воскреснал од мртвите, а најобемниот и најоригиналниот дел од оваа книга е Поуката за бракот. Како извори за оваа книга послужиле различни беседи на Илија Минијат, Софрониј Врачански и делата на Јоаким Крчовски.
Значењето на Кирил Пејчиновиќ

Кирил Пејчиновиќ, речиси полуписмен калуѓер, е многу значаен културен деец во нашата историја. Неговите книги напишани на народен јазик, иако не сосем чист, туку со примеси од црковниот и со турски зборови, биле примени од народот со задоволство бидејќи ги разбирал и читал. Нивното печатење било овозможено со помош на македонските занаетчии и трговци. Така се создал поттик и интерес среде народот за книга на народен јазик што ќе биде од далекусежни последици за развитокот и усвојувањето на народниот јазик во писмениот говор во натамошните децении.


Значењето на "Слово на празниците" на Пејчиновиќ


Оригиналната проповед Слово на празниците на Кирил Пејчиновиќ најсилно ни ги претставува неговите погледи. Оваа проповед се отклонува од традицијата со тоа што проповедите обично поаѓаат од "книшки" (од Библијата), пример кој потоа може да се догради со примери од животот. Оваа проповед своите примери ги зема од животот, па често пати неговите повикувања на одредена ситуација ни откриваат некое конкретно однесување на нашиот народ од почетокот на минатиот век. Всушност во текстовите на Пејчиновиќ се согледуваат болните вистини за заостанатоста на народот во неговото време.

Кирил Пејчиновиќ во своето дело, со воведување на народниот јазик, но и со животот во кој доследно живеел живот на народен учител кој подучува, оставил скапоцен придонес во македонска култура. Со просветителските идеи за собирање книжно наследство, за пишување и печатење книги на јазик кој ке биде разбирлив станува голем културен деец на македонското просветителство.


Епитафот на Пејчиновиќ


Во 1835 година, Пејчиновиќ за себе составил надгробен натпис (епитаф) во облик на стихотворба. Ова е најраниот познат авторски пример на пишување стихови на народен говор во развитокот на македонскиот јазик. Епитафот гласи:

Теарце му негово рождение
Пречиста и Хилендар пострижение
Лешок му е негоо воспитание
Под плочава негоо почивание
От негово свое отшествие
До Христово второ пришествие
Молит вас бракя негои любимия
Хотящия прочитати сия
Да речете Бог да би го простил
Зере у гроб цръвите ги гостил

Овде лежи
Кирилово тело
У манастир
и у Лешок село
да Бог да
за доброе дело