Псалм за непостојниот
Боли тоа што не постојам
Длабоко боли тоа што не постојам
Боли главата што ја немам
Боли болката во таа глава
Боли окото во таа глава што не постои
Боли пустелијата околу таа глава
Боли единствениот патник
Кој потајно минува низ таа глава
Кој запален доаѓа да ми соопшти
Оти јас сосема не постојам
Оти длабоко боли тоа што не постојам.
__________________________________________________
Страв
Ветрот ми го пожолте дрвото
Срцето ми е темно.
Нели вие ме гоневте до полноќ?
Скокаат славеи над мојата куќа
Стравот ми е бршлен на ѕидот
Пожар во полноќна галија
Го слушате ли гласот
Во тајната соба на срцето?
Ноќта е златен облак
Вие ѕвезди што ми покажувате
Лажен пат.
Славеите на небо се убиваат.
__________________________________________________
Раѓање
неопфатна
совршена
светлина -
се роди мојот брат.
неопфатна
совршена
светлина
се роди мојата сестра.
неопфатна
совршена
темнина -
се родив јас.
и така...
по две совршени живеачки
премина мојата сестра
а потоа мојот брат.
а јас?
ќе прашате
преминав во миг
на совршена светлина
начната од мисла една:
И мртов
ова да ви го
соопштам.
__________________________________________________
Одиме за рака фатени
Одиме
за рака фатени:
Ангелот и планината
Славејот и тишината
Душата и темнината
Одиме за рака фатени.
Одиме
за срце фатени:
Ѕверката и планината
Кобецот и тишината
Црвот и темнината
Одиме
За срце фатени.
__________________________________________________
Различности
Постои различност меѓу дрвјето:
Дрво со седало.
И дрво без седало.
Во седалото се испилува радоста
И влегува во нас
Другото постои заради различност.
Постои разлика меѓу тревите:
Трева со бубалка
И трева без бубалка.
Бубалката брмчи
И ни го населува увото
Другото постои заради различност.
Постои различност меѓу луѓето:
Постои човек со тага
Постои човек без неа.
Човекот без тага си ти
А оној со тага сум јас
а постојам само заради
Различност.
No comments:
Post a Comment