ВМРО vs ДПМНЕ
Како што ни е на сите познато, една од најголемите политички партии во Република Македонија, е партијата ДПМНЕ, која во својот назив ги вклучува и четирите свети букви за нас, македонците, ВМРО. Уште повеќе, оваа политичка партија, која е основана на 17 јуни 1990 година, себе си се смета за наследничка на ВМРО, па дури и се поистоветува со оваа света организација, како продолжение на истата, но во модерна форма на политичка партија.
Пауза. (Сметам дека не е потребна, но, сепак, мала пауза. Па сега повторно прочитајте го горе-изнесениот параграф.)
Најпрво, македонската револуционерна организација од самиот почеток на идејата и сите нејзини понатамошни форми и различни имиња, претставува организација која дејствува во илегала, од проста причина што условите во тоа време го налагаат тоа - Македонија била поробена. Како таква организација, ВМРО дејствувала со терористички акти во најразлични форми, како атентати, бомбашки напади, киднапирања, итн. За ВМРО и неговата историја, има доволно пишани факти и студии, па тука нема да навлегуваме во понатамошни дискусии, а тоа не е ни тема на оваа колумна. Во интерес на темата (определена од самиот наслов), само ќе го констатираме следново: По дефиниција, ВМРО е терористичка организација. Како таква, ВМРО е пример кој се изучува во светската литература за ваков вид на организации. Иако терористичка, што е условено од актите што организацијата ги превземала и ги определила јасно и концизно во своите статути и устави, сепак, ВМРО е света организација за секој македонец, од проста причина што основната цел на нејзината борба е слободна и независна Македонија.
Од друга страна, пак, партијата ДПМНЕ, е политичка организација, основана во слободна Македонија, во периодот во кој Македонија е дел од Југославија, непосредно пред нејзиниот распад. Набргу потоа, Македонија е независна и самостојна република. Независно од тоа како биле третирани оние македонци кои продолжиле да се борат за македонската кауза во рамките на Југославија, Македонија сепак била оформена како држава. Иако, ако подобро се размисли и анализира, Македонија и денес после 27 години независност, не може да кажеме дека е слободна, а не е ни цела! Сепак, тоа е друга тема за дискусија.
Темата на оваа колумна е едноставна: ВМРО vs ДПМНЕ. Првата е револуционерна организација, втората е партија. Се чини дека во оваа реченица е јасно кажано се. Сепак, неопходно е малку да додадеме дополнителни образложенија. Не може една политичка партија, себе си да се смета за наследничка на револуционерна организација, па уште и да се именува со истите букви. Дури и да станува збор за истите индивидуи, кои што биле членови на ВМРО и спроведувале терористички акти, доколку овие индивидуи се решат да стапат на политичка сцена, тие стануваат членови на партија, а тоа е сосема различно. Да биде иронијата уште поголема, денешните членови на партијата ДПМНЕ, ниту биле дел од ВМРО, ниту пак имаат потенцијал и капацитети да бидат револуционери. Дека тоа е така, денес покажуваат фактите, а нели, пред фактите и боговите молчат. Имено, да се биде револуционер, тоа е идеологија всадена длабоко в срце, и вгнездена цврсто во разумот на револуционерот. Во овие 27 години независна Македонија, имаше многу периоди кои ја загрозија уставноста и слободата на Македонија. Низ повеќе наврати имаше такви ситуации (денес уште повеќе има) во кои вистински револуционери не би се поколебале ни за миг, а да не сфатат дека е загрозена татковината и дека е потребно да се превземат акти (и терористички, се разбира) за да се воспостави контрола над непожелните состојби. Сведоци сме дека такви акти вооптшо не се случија, а тоа пак покажува дека денес, во нашата Македонија не постојат револуционери!
Од фактите толку, да се вратиме на темата. За жал, денес ќе видиме како членови на оваа партија (ДПМНЕ) се поистоветуваат со револуционерните дејци од ВМРО. Смешно, трагично, патетично. Во интервју за ТВ медиум, во периодот пред фамозниот конгрес на оваа партија, нејзиниот член Филип Петровски изјавува дека шести пат ќе учествува на конгрес и со тоа се изедначува со Тодор Александров по број на учества на конгреси. Да нема забуни, интервјуто може да го погледнете и сами, тука. Патетиката во оваа изјава е повеќе од очигледна, а преку овој пример јасно се гледа како членовите на ДПМНЕ со огромно задоволство и без трошка срам, се поистоветуваат себеси со револуционери. Ајде да речеме и дека е така, тогаш, почитуван господине Филип, каков сооднос имаш, споредено со Тодор Александров, во поглед на бројот на извршени атентати, терористички акции, бројот на членови во твојата револуционерна дружина или чета, бројот на испукани куршуми, бројот на блиски средби со смртта, итн. ?
Одговорот на тоа прашање е повеќе од очигледен, а со самото тоа веќе и станува појасно која е разликата од ВМРО до ДПМНЕ. Има уште многу други членови од партијата кои би можеле да се наведат како пример. Сашо Мијалков се покажа како добар бизнисмен, за тоа впрочем учел и школо. За патетиката на Груевски и сите негови порази, можеби е подобро и воопшто да не дискутираме.
Конечно, да резимираме. ВМРО е револуционерна организација. Во неа членувале родољубиви македонци, интелектуалци и револуционери. ДПМНЕ е политичка партија. Во неа членуваат политичари, квази-интелектуалци. Зошто квази? Па затоа што вистински интелектуалец би бил свесен дека политичката партија во која што членува не може да ја поистовети со револуционерна и терористичка организација, а и самиот себе не може да се поистовети со револуционер, кога наместо кама и револвер, со себе носи пенкало. Со такво пенкало, во 2001-ва година беше потпишана капитулацијата на првата модерна и независна Република Македонија, во нејзиното најсвето место, Охрид. Чисто за споредба, и Гоце Делчев беше интелектуалец, но носеше и револвер. Од него испукал небројани куршуми за татковината, од куршум и загина. Како ќе завршат нашите денешни политички маскоти, останува да видиме. Едно е сигурно, нивните сметки се дебели, а во нив нема ни „Р“ од револуционери!
Да живее Македонија!
Автор на колумната: Армакедон, слободоумен македонец.
Датум на објава: 17 јануари, 2018 година.
* Блогот „За македонските прашања“ се оградува од секакви ставови или тврдења изнесени во колумните. Овој блог само остава простор за објава на колумни, со цел да излезе во пресрет на авторите, кои имаат нешто да кажат на дадена тема, да дадат свое видување по однос на некои прашања и да поттикнат размислување или дебата помеѓу читателите на блогот. Колумните се објавуваат во целост, онака како што се доставени до администраторот на блогот. Авторите на колумните го задржуваат правото на текстот, како и правото да се потпишат со своето цело име, акроним, или пак да останат анонимни.
----------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------
Subscribe to:
Post Comments (Atom)
-
Псалм за непостојниот Боли тоа што не постојам Длабоко боли тоа што не постојам Боли главата што ја немам Боли болката во таа глава Б...
-
Црноризец Храбар е анонимен писател во словенската средновековна литература. Некои од славистите сметаат дека позади псевдонимот Црноризец ...
-
1903 година Во четирите горни статији на оваа книга јас сакаф да обрнам погледите на мојите сонародници на нуждата од једно корено измену...
No comments:
Post a Comment