Showing posts with label Религија. Show all posts
Showing posts with label Религија. Show all posts
За Свети Наум
Ако свети Климент Охридски остана во споменот на народот со својата просветителска дејност, со подучување на народот не само на пишување и читање, туку и на други корисни работи, свети Наум остана запаметен како чудотворец, со моќта да лекува и за време на животот и по смртта, да лекува од најразлични болести и луѓе од разни вероисповести, односно сите што искрено и со верба му се обраќале без разлика на вера и народност. Но свети Наум остана запаметен и по заштитата на манастирот, по наградувањето на оние што со добра мисла доаѓале во кругот на манастирот и казнувањето на оние што иделе со намера да направат некоја штета, да го испоганат објектот или да го навредат светителот. Култот на свети Наум зрачел на поширок простор не само во охридскиот крај, туку и во преспанскиот, па дури до Корча, каде што манастирот имал свои имоти. Но култот кон свети Наум бил раширен и во Унгарија и Романија каде што имало иселеници од овие краишта.
За животот и дејноста на Свети Наум Охридски малку се знае, иако со Свети Климент Охридски се најпознатите и најзначајни ученици на Светите браќа Кирил и Методиј. Се знае дека учествувал во Моравската мисија, дека во Рим кон крајот на 867 или почетокот на 868 бил посветен во духовен сан и дека по смртта на Методиј во 885 година преку Бугарија дошол во Македонија. На брегот на Охридското езеро основал манастир што го носи неговото име. Умрел во 910 година и наскоро по смртта бил прогласен за светец. Неговите ученици за него напишале житија и служба.
Свети Наум освен по црковната дејност е познат и како македонски средновековен писател и културен деец. Од неговите творби, за кои се претпоставува дека се повеќе, откриено е химнографското дело „Канон за апостолот Андреј“, а се знае за уште други два канона напишани од него: „Канон на Архангел Михаил“, и „Канон за пренесување на моштите на Јован Златоуст“.
Во житието на Свети Наум се вели дека тој е брат на Свети Климента. Некои истражувачи сметаат дека тоа се однесува на брат во духовна смисла - собрат, но повеќемина се убедени дека Климент и Наум навистина биле родени браќа. Не само затоа што свети Климент бил епископ, а свети Наум презвитер, а во православието епископ и презвитер никогаш не се нарекувале браќа, туку и поради некои други показатели.
Иако податоци за чудотворната моќ на светителот среќаваме и во житијата за него, што без сомнение биле извор и на народните умотворби, сепак култот на св. Наум најповеќе е одразен во преданијата раскажувани на овој простор од најстари времиња, значи уште од времето кога светителот бил жив. Сепак тие се бележени од средината на деветнаесеттиот век па се до денес. Најрано ги среќаваме во зборниците на браќата Миладиновци, и Кузман Шапкарев, а подоцна и кај други собирачи на македонски народни умотворби, патописци, или едноставно кај луѓе што престојувале или пишувале за Охрид и Охридско и посебно за манастирот кој со својата местоположба и со култот на светителот го привлекувал вниманието.
Марко Цепенков, во своите записи за еснафските празници направил и список на празниците што ги служеле разните еснафи во Прилеп. Притоа вели дека чоаџо-абаџискиот еснаф го празнувал 20 јуни, Свети Наум Охридски.
Во старо време еден месец пред празникот Свети Наум, праќале од манастирот Свети Наум риби летници подарок на чоаџискиот еснаф и на секој мајстор му се подарувале по една како за покана, за да отидат на поклонение на манастирот. Бидејќи во тоа време еснафот бил во расцвет, на поклонение оделе фамилијарно мајсторите со калфите. Ако пак се случело да не одат, му испраќале парична помош на манастирот. „Јас само 2-3 години го достигнав тоа и после лека-полека паричната помош се прекина, пак и манастирот престана да праќа риби подарок за нашиот еснаф.“
За канење со риби за панаѓурот пишува и во Летописот на манастирот Свети Наум пишуван од Димитрија Петру, учител, свештеник и едно време секретар на Манастирот. „Според старата традиција и церемонија двапати годишно за време на панаѓурите, на зимниот и летниот помен на св. Наум, заради благочестие и почит манастирот по обичај испраќа риба во Битола и Корча, а од неодамна и во околните села. Заедно со рибата таму каде што е потребно се испраќа и писмена покана. Оние што од особена побожност пробуваат од рибата ги добиваат истовремено испратените покани кои носат печат со ликот на светителот. Чувствувајќи голема почест, тие од своја страна принесуваат доброволен прилог со податоци за имињата на личностите од кои потекнува. Нивните имиња потоа се споменуваат на светата служба на поменот на светителот. Ако се пресмета колкава е сумата за купувањето на рибата заедно со другите давачки за оваа цел излегува сосема незначителна добивка. Па сепак не треба да се рушат вековните меѓи што ни ги поставиле нашите татковци...“
Цепенков, уште во поглавјето за светците истакнувајќи ги нивните функции вели: „Светците се наредиле на служба“ и покрај другите свети Наума го споменува заедно со свети Андонија и свети Спиридона. „Свети Наум, свети Андонија и свети Спиридон - да лекуат улаите.“ Значи во народното верување овие тројца светители се лекари што лекуваат душевни болести. Значи, не случајно свети Наум е насликан меѓу светите врачи на фреска во црквата “Света Софија” во Охрид.
Како што споменавме според Цепенков, односно според народното паметење свети Наум бил „да лекуат улаите“. Оттука и охридската пословица „Кој за ум, која за Свети Наум“, или пословицата запишана во Прилеп: „Ја ум, ја на сфети Наум”. Лекувањето душевно болни од страна на свети Наум е честа тема и во народните преданија и легенди поврзани со неговото име. Вакви сцени се гледаат и на фреските од црквата во неговиот манастир, а на оваа тема се пее и во една популарна охридска песна.
Во споменот на народот св. Наум останал како чудотворец. Познато е дека на гробот на свети Наум доаѓале и луѓе од други вери, особено муслиманите од Македонија и Албанија.
Дека припадници на други вери го почитувале светителот и манастирот се зборува и во Летописот на манастирот каде што се вели: „Оваа света институција стекна голем углед и чест и кај друговерци, а особено кај Отоманите Бекташи, кои не се знае од какви причини, ова светилиште го викаат „Сари Салтик баба“ што преведено од турски значело жолтобрадиот татко. Според едно предание еднаш кога дошле на гробот на свети Наум неколку Турци замолиле некој од поупатените да им ги објасни ликовите од фреските. Кога тој што им ги објаснувал рекол: „Овој е свети Наум“, тие радосно извикале: „А тој е нашиот татко.“
Интересен бил и начинот на кој се молеле Бекташите (муслиманска секта). Тие кога ќе дојделе во манастирот чевлите ги оставале пред манастирската капија и до црквата се доближувале со метании. На враќање излегувале наназад секогаш свртени со лицето кон црквата и пак со метании.
Особено св. Наума го почитувале Еѓупците и посебно тие од Ресен. Во едно предание се раскажува дека Еѓупците Зизовци од Ресен на манастирот му поклониле камбана. Мерија се молел на свети Наум да отиде во Америка, ветувајќи дека на манастирот ќе му подари камбана. Откако навистина заминал и таму работата убаво му тргнала, испратил чек со кој во Битола била купена камбаната и била однесена во манастирот, а овде била пречекана лично од владиката и свештениците. Камбани на манастирот подариле и Умер Зизо од Ресен кој работел во Америка, и Џемаил Зизо, исто така од Ресен, кој тоа го направил затоа што свети Наум го оздравел неговиот брат Сулејман Зизо. Итн, итн. Интересен бил и начинот на кој се молеле Еѓупците. Тие уште од вратата се поклонувале, застанувале до гробот на светителот и му се обраќале со одбрани зборови, како: „Свети Науме, докторе златен, спасителу наш.“ Тие и кога излегувале од црквата излегувале наназад се до излезот.
Манастирот најповеќе се афирмирал како лечилиште со исцелување болни од многу болести, посебно од душевни болести. За тоа придонесло верувањето во исцелителната моќ на светите мошти на светителот. Има поголем број преданија што раскажуваат за лечење душевно болни од страна на светителот. Познато е и тоа дека во манастирот долго време постоела и душевна болница.
Но споменот на свети Наум најповеќе останал во народните преданија и легенди. Во овие прозни народни умотворби народот раскажувал за сето она што го привлекувало неговото внимание, а што било во некаква врска со светителот. Така ликот на св. Наум е еден од најзастапените ликови во македонските народни преданија и легенди”.
Собирачите и истражувачите на народните преданија и легенди за св. Наум овие народни умотворби ги групираат во неколку поглавја според нивната содржина (лекување болни, скротување ѕверови, изградба на манастирот, негова заштита итн.) иако тоа е тешко прецизно да се направи поради тоа што во некои преданија се преплетуваат по повеќе мотиви.
Значи, култот кон свети Наум, раширен не само околу манастирот, туку и на многу поширок простор, резултирал со бројни народни преданија и легенди. Тие се создавале во текот на вековите и сеуште се создаваат што од една страна зборува за сеуште живиот култ на светителот, а од друга страна за сеуште живата фолклорна традиција во Македонија.
Богородица
Благодатната Марија, благословена меѓу девојките и жените, храм на Светиот Дух, олтар на Живиот Бог, трпеза на Небесниот Леб, кивот на Божјата Светост, дрво на најслаткиот Плод, слава на човечкиот род, пофалба на Женскиот род, источник на девственост и чистота - тоа о ќерката на Јоаким и Ана. Родена е во Назарет, а по три години одведена во ерусалимскиот храм, на празникот Воведение. Света Дева Марија се вратила повторно во Назарет, за наскоро да ја слушне благата вест од светиот Архангел Гавриил за раѓањето на Синот Божји, Спасителот на светот, од Нејзиното пречисто и девствено тело. Пресветата Дева Марија била и останала девојка и пред зачнувањето на Синот Божји и за време на зачнувањето и раѓањето, а и по раѓањето останала Приснодева, што значи Вечна Девојка. Ова чудо на зачнување и раѓање на Господ Исус Христос во Нејзината утроба е од Светиот Дух, зашто каде што сака Бог таму се надминува природниот поредок.
Црква Света Богородица
село Лешок, Тетовско
Според Преданието засновано на зборовите на свештеномаченикот Дионисиј Ареопагит Богоносец, Свети Амвросиј Милански, во делото „ За Девствениците“, пишува за Мајката Божја: „ Таа не беше Дева само со телото туку и со духот смирена во срцето, претпазлива во зборот, благоразумна немногузборлива, богомудра, не брза на зборови, постојано го читаше Светото Писмо, беше неуморна во трудољубивоста, целамудрена во разговорите, зборувајќи со луѓето како пред Бога. Нејзиното правило беше: никого да не повреди, на сите да им посакува добро, да ги почитува постарите, да не им завидува на другите, да го избегнува фалењето, да биде здравомислена, да ги сака доблестите.
Според забелешките на историчарот Никифор Калист, Богородица „беше со средна висина или како што сметаат некои малку повисока, а бојата на Нејзиното лице како боја на пченично зрно. Нејзината коса беше светло-кафеава и малку златеста, очите бистри со боја на зрела маслинка, веѓите извиени и темни, носот малку издолжен,устата како бојата на лицето и исполнето со слатки зборови, лицето ниту округло ниту остро, туку некако издолжено, дланките и прстите долги... Во говорот со другите секогаш урамнотежена, не се смееше и не се збунуваше, а посебно никогаш не се гневеше... секогаш едноставна, без и најмелку преправање, без сентименталност. Во исто време, беше олицетворение на највозвишена смиреност. Нејзините одежди беа едноставни, без никакви украси, како што се гледа од Нејзиниот свештен покров на главата, којшто е сочуван до денес. Накратко решено, од се на Неа извираше огромна благодат“.
Портите на црквата Света Богородица
Клучот од портите на црквата Света Богородица
Христијанството во Македонија
Христијанството во Македонија, па и пошироко на Балканот, прв го проповеда и шири апостол Павле при своите мисионерски патувања, за што сведочат и „Делата Апостолски“.На тие негови патувања го придружуваат и Лука, Тимотеј, Сила и Тихик кои и самите независно од апостол Павле работат на христијанизација на овие простори. Низ Македонија проповеда и Апостол Андреј Првоповикан кој и го поставува апостол Урбан за прв епископ во Македонија. Апостол Силуан бил првиот епископ во Солун, а Епафродит во Адрија или Адријакија (погранично место со Тракија). Што значи дека уште тогаш се поставени темели на организирана Црква. Би спомнале тука и дека апостолите Аристарх и Секунд биле Солунјани, Епафродит бил од Филипи, а Гај од Добер (Дервија) кој се лоцира накаде меѓу Струмица и Валандово. Во тоа време Македонија била под римска власт така што често ги менувала своите граници и својот етнички состав. Како резултат на христијанизацијата извршена во првите три века, веќе на почетокот на IV век Христијаните на просторот на Македонија имале организирана Црква со црковна ерархија, чии епископи понатаму редовно учествуваат на помесните и вселенските собори.
- Во V век на просторот низ цела територија на Македонија постојат повеќе митрополии и епископии, од кои попознати биле Солун, Скопје, Хераклеа, Баргала и Стоби. Во тој период и низ цела територија на Македонија никнуваат многу ранохристијански базилики.
- За време на владеењето на царот Јустинијан I (527-565), кој потекнувал од с. Таврисион, близу до денешното Скопје, бил изграден нов град наречен Јустинијана Прима, во близината на родното место на царот. Скупскиот митрополит бил издигнат на ниво на автокефален Архиепископ. Кателијан бил првиот Архиепископ на Архиепископијата Јустинијана Прима. Имало и други архиепископи, како што се: Бененат, Павле, Јован I, Леон, и последниот - Јован IX, кој во 680-681 година учествувал на Трулскиот Собор во Цариград.
- Во VII век на територијата на Македонија е извршена словенска колонизација при што доаѓа до мешање на староседелците со Словените. Нивната христијанизација започнува во IX век, со делото и со животот на браќата Свети Кирил и Методиј, кои потекнувале од Солун. Тие ја составиле азбуката на словенскиот јазик и го превеле Светото Писмо и другите дела што биле потребни за да можат црковните служби да се молитвословат на јазикот на кој зборувал народот. Нивното дело со помошта на бугарскиот цар Борис I Михаил го продолжуваат Климент и Наум Охридски, Константин Брегалнички и нивните ученици кон крајот на IX и почетокот на X век.
- Климент Охридски го основал првиот универзитет на Словените на овие простори, а Наум Охридски го основал првиот словенски манастир на брегот на Охридското Езеро. Во втората половина на X век, во рамките на Самуиловата држава е организирана Охридската автокефална Архиепископија, во достоинство на патријаршија, а подоцна, по паѓањето на Самуиловото Царство, повторно е сведена на степен на архиепископија и како таква постои цели осум века, се до 1767 година кога е укината од страна на турскиот султан Мустафа III, а нејзините епархии се присоединети кон Цариградската патријаршија.
- Нејзините епархии смениле неколку јурисдикции од соседните православни цркви. Особено жестоки борби биле водени по средата на XIX век за создавање на Бугарска Егзархија, во кои учествувале деjци како Браќа Миладинови, Григор Прличев, Кузман Шапкарев. Таа била афирмирана со султански ферман во 1870 со центар во Цариград и до Балканските воjни ги вклучувала епархиите Битолска, Велешка, Дебарска, Охридска, Скопска, Струмишка, Неврокопска и имала обласни претставители во Леринско (Магленско), Воденско, Солунско, Поленинско (Кукушко), Серско, Мелнишко, Драмско. Во 1912 имала 1,373 егзархиски училишта со 2,266 учители и 78,854 ученици во Македониjа. Денес неjзина наследница е Бугарската Патриаршиjа. По Балканските и Првата светска воjна и укинувањето на Бугарската Егзархиjа во Вардарска Македониjа таа беше насилно потчинета на Обединетата Православна Црква на Србите, Хрватите и Словенците. Во текот на Бугарската окупацијана Македонија (1941-1945) црквата во Македонија повторно била под управа на тогаш непризнаената Бугарска Православна Црква. Услови за враќање на самостојноста се создаваат дури кон крајот на Втората светска војна.
- Пред самиот крај на војната, во 1944 г. во селото Врановци е создаден Иницијативен Одбор за организирање на Македонската Православна Црква. На 4 март 1945 година во Скопје е одржан првиот црковно-народен собор, на кој е донесена Резолуција за обновување на Охридската Архиепископија, како Македонска Православна Црква. Оваа одлука е доставена и до Архиерејскиот собор на СПЦ, бидејќи пред војната епархиите во делот на Вардарска Македонија беа во составот на Обединетата Православна Црква на Србите, Хрватите и Словенците, подоцна - Српска Православна Црква. Архиерејскиот собор на СПЦ не ја прифаќа оваа одлука, поради што по Соборот од 9 и 10 мај 1946 година во своите понатамошни барања Иницијативниот одбор истапува со одредени редукции: наместо како автокефална, бара да биде признаена како самостојна црква. Но, повторно не наидува на одобрување. Од 4 до 6 октомври 1958 година во Охрид е одржан Вториот македонски црковно-народен собор, каде што е прифатен предлогот за обнова на Свети-Климентовата Охридска Архиепископија, олицетворена во самостојната Македонска Православна Црква, а за нејзин прв епископ е избран г. Доситеј.
- Архиерејскиот собор на СПЦ се согласи со одлуките на Македонскиот црковно-народен собор, во одлуката АС. бр. 47/1959 година и 6/1959 година зап. 57 од 17/4 јуни 1959 година.
- Одлуката за самостојност на МПЦ беше потврдена преку отслужувањето на заедничка архиерејска Литургија со српскиот патријарх Герман, на 19 јули 1959 година во црквата на Свети Мина во Скопје, и истовремено е извршена и хиротонија на преспанско-битолскиот владика Климент. Со тоа Светиот Архиерејски Синод на СПЦ дал самостојност на Македонската Православна Црква, со тоа што таа и понатаму останува во канонско единство со СПЦ преку нејзиниот Патријарх. По неколку дена во црквата на Свети Никола во Штип е хиротонисан за владика на Злетовско-струмичката епархија г. Наум. Конституиран е Синодот на МПЦ според Уставот на МПЦ, како и другите административни органи и тела во Архиепископијата и во епархиите.
- Во мај 1962 година во придружба од патријархот Герман, со неколку епископи на СПЦ, во посета на МПЦ дошол Патријархот Московски Алексиј, придружуван од митрополитот Никодим, епископот Пимен и повеќе високодостоинственици на Руската Православна црква. На празникот на Свети Кирил и Методиј во црквата Света Богородица Каменска во Охрид беше одржана и архиерејска литургија, на која што зеле учество патријархот Московски Алексиј, патријархот Српски Герман и Архиепископот Охридски и Митрополит Македонски Доситеј. Ова било прво сосложување на поглаварот на МПЦ со поглавари на други афтокефални цркви.
- Во 1966 година односите со СПЦ повторно се влошуваат. По новонастанатите недоразбирања и судири, Светиот Синод на МПЦ на 17 јули 1967 година во Охрид го свикува Третиот црковно-народен собор и на свечената седница во охридската црква Свети Климент, ја прогласува Македонската Православна Црква за автокефална. Чинот на прогласувањето на автокефалноста на Македонската Православна Црква е совршен на Светата Архиерејска Литургија, отслужена во црквата Света Богородица Перивлепта (тогаш позната и како Св. Климент) на 19 јули 1967 година, од Светиот Архиерејски Синод на МПЦ. Точно 200 години по нејзиното укинувањето од страна на Турција.
- На 12 ноември 2009 година Македонската Православна Црква во своето име ја додаде додавката Охридска Архиепископија како директна наследничка на старата Охридска архиепископија. Покрај додавање на додавка, МПЦ-ОА изврши и промени во грбот и знамето, односно наместо приказот на црквата Света Богородица - Перилепта, сега е црквата Света Софија од Охрид како седиште на архиепископите на Охридската архиепископија.
Subscribe to:
Posts (Atom)
-
Псалм за непостојниот Боли тоа што не постојам Длабоко боли тоа што не постојам Боли главата што ја немам Боли болката во таа глава Б...
-
1903 година Во четирите горни статији на оваа книга јас сакаф да обрнам погледите на мојите сонародници на нуждата од једно корено измену...
-
Црноризец Храбар е анонимен писател во словенската средновековна литература. Некои од славистите сметаат дека позади псевдонимот Црноризец ...





