Крале Марко, кратко биографско видео

 


Крале Марко (околу 1335 - 17 мај 1395) — последниот крал што владеел со поголемиот дел од Македонија пред повеќевековната власт на турските султани. Истовремено, тој е најпознатиот јунак на епското народно творештво, не само на Македонците, туку и пошироко. Кралството на Марко било со средиште во Македонија, со Прилеп како главен град. Крал Марко бил еден од четирите синови на кралот Волкашин и неговата сопруга Евросима (Елена). Освен браќата Андреаш, Иваниш и Димитри, Марко имал и сестри: Оливера, Милица, а во усните преданија се спомнуваат и Марија, Угра, Кита, Ѕвезда, Дева, Вида, Угра, Шаина и Беда. Марко имал две сопруги, Елена и Теодора, но не е познато дали имал наследник. За потеклото на фамилијата Мрњавчевиќ нема сигурни сознанија, бидејќи современите пишувани извори не даваат податоци за тоа. Најстари податоци за ова семејство дал дубровничкиот писател Мавро Орбини од XVII век. Според него, тие потекнувале од Ливно, во Херцеговина, од сиромашниот владетел Мрњава, кого царот Душан (1346-1355) го повикал на својот двор и многу го издигнал. Врз основа на ваквото пишување на Орбини прифатено е презимето Мрњавчевиќ за оваа фамилија и како такво одамна е востановено во литературата. За време на владеењето на неговиот татко, Марко ја имал титулата “млад крал“, односно престолонаследник. Во Маричката битка во 1371 год., Марко не учествувал во бојот, туку останал да управува со територијата на земјите на неговиот татко и на чичко му. По неа и по смртта на браќата Мрњавчеви, тој станал крал и формално-правно совладетел на царот Урош. Според некои научници, тој бил и единствениот легитимен наследник на Душановото царство, по смртта на Урош и замирањето на династијата Немањиќи. Но, владеењето на кралот Марко се соочувало со постојани притисоци, како од страна на српските големци, така и од страна на Турците, кои постепено завладувале со Балканот. Набргу, некои територии му биле одземени од кнезот Лазар, Никола Алтомановиќ, Балша и Турците. Тоа било време кога многу од владетелите склучувале мир со Османлиите, станувајќи нивни вазали. Така, и Марко ја признал врховната власт на Мурат I, се обврзал да му плаќа данок и да ѝ служи на турската војска во нејзините воени походи.

 

 

No comments:

Post a Comment