Петар Чаулев е роден во 1880 година во Охрид. Неговото семејство потекнува од Албанија откаде дошле и се претопиле во мнозинското македонско население. Завршил гимназија во Битола, каде учествувал во работата на Ученички револуционерни кружоци. Учителствувајќи во Охрид, Чаулев во исто време станал секретар на организационите чети во Охридско. Како војвода на чета и раководител на Охридскиот револуционерен комитет, за време на Илинденското востание учествувал во востаничките борби во Охридско и Кичевско. Во 1911 год. заедно со Тодор Александров и Христо Чернопеев станува член на ЦК на обновената ВМРО. За време на Балканските војни зема активно учество во борбите за ослободување на Македонија. Петар Чаулев е учесник во Тиквешкото востание од јуни 1913 година кога биле ослободени Кавадарци и Неготино, а два месеци подоцна Чаулев се јавува како еден од водачите на (Македонско-албанскиот бунт)Охридско-дебарското востание од 1913 година кое завршило неуспешно. По неуспехот на востанието бега во Албанија, но во 1915 година повторно доаѓа во родниот Охрид каде за време на Првата светска војна бил околиски началник на градот. По првата светска војна одново е член на ЦК на Организацијата, а на 6 мај 1924 година, заедно со Тодор Александров и Александар Протогеров, го потпишал Мајскиот манифест на ВМРО, за обединување на сите револуционерни сили на македонското националноослободително дело. Поради несогласување помеѓу дел од членовите на ЦК Чаулев доаѓа во судир со нив и пребегнува во Италија. Неговиот бурен живот завршува кратко потоа кога на 23 декември 1924 година умира во Милано, Италија.
No comments:
Post a Comment