Христо Татарчев, кратко биографско видео

 


Христо Татарчев е еден од основачите на Македонската револуционерна организација и прв претседател на нејзиниот Централниот комитет. Роден е во градот Ресен и по професија бил лекар. Уште од млади години го чувствувал тешкиот живот на сопствениот народ и бил сведок на низа настани кои му останале во сеќавање и го предодредиле неговото подоцнежно активирање во револуционерната дејност за ослободување на Македонија. Есента 1892 година Татарчев се вработил како лекар во Солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј". Во текот на следната година Татарчев посетил неколку градови во Македонија со цел подобро да се запознае со состојбите во земјата. По оваа обиколка кај него се развива идејата за формирање на револуционерна организација која може да ја ослободи земјата и да ги пресече туѓите пропаганди во Македонија. Во август 1893 година барајќи медицинска помош кај него дошол Даме Груев и по нивното запознавање тие почнале почесто да комуницираат и отворено да разговараат како да се подобри состојбата на народот. На 23 октомври (стар стил)1893 година, Христо Татарчев заедно со Даме Груев, Иван Хаџи Николов, Антон Димитров, Петар Поп Арсов, и Христо Батанџиев ја формирале Македонската револуционерна организација. ".......Голем дел од народот помина низ какви не морални и физички мачења и лежеше по затворите, без да се издаде револуционерната тајна. И само при таква револуционерна вознес, беа возможни оние возвишени легендарни подвизи на храброст и саможртва на македонскиот борец. Тој импулсиран од волја на натчовечко суштество, во борбата со непријателот, го задржуваше последниот куршум за да си го забие во својот череп, или пак се искачуваше на бесилката со песната, „да живее слободна Македонија"........" По неколку години револуционерна дејност, на 25 јануари 1901 година, за време на таканаречената „Солунска провала", заедно со неколку свои другари Татарчев бил уапсен од турските власи и осуден на доживотен затвор во Подрум-кале. Наредната година е помилуван со уредба на султанот. Татарчев активно се залагал за кревање на Илинденското востание иако имал забелешки за начинот на кој била донесена одлуката за негово кревање. По неуспехот на востанието, Татарчев се јавува како еден од поддржувачите на десната струја на ВМРО. По несогласувањата со Тодор Александров, Татарчев се преселува во Торино од каде што останал активен пишувајќи многу статии за Македонија. Починал далеку од родната Македонија, на 5 јануари 1952 година во Торино, Италија, со единствена желба неговото тело еден ден да биде погребано во главниот град на слободната татковина.

No comments:

Post a Comment