Ѓорѓи Сугарев (1876 - 24 март 1906) бил македонски револуционер, член и војвода на Битолскиот револуционерен округ на Македонската револуционерна организација. Ѓорѓи Сугарев е роден во Битола во 1876 година во семејство од крајно сиромашни родители. Мајка му е Донка Сугарева (1846-1932). Браќата му Христо, Вангел и Михаил емигрираат во САД и активно учествуваат во работата на Македонската патриотска организација. Уште во детските години тој ја почувствувал омразата кон турскиот аскер, а во младинските години таа добила сè поголем размер. Поради големите семејни оскудици Сугарев не успеал да заврши IV клас во Битолската бугарска егзархиска гимназија. Поради тоа, тој ја напуштил гимназијата и ѝ се оддал на учителската кариера, преку којашто успеал да го прави тоа што најмногу му лежи на срце. Тој учителствува во градот Битола, Битолската и Кичевска околија. Во 1901 година, незадоволен од легалната дејност, Сугарев станал четник во демир-хисарската чета на војводата Никола Русински. Истата година, тој бил избран за член на раководното тело на Битолскиот револуционерен округ, и за да може да ја исполнува дадената организациска должност, тој повторно станал учител во Битола. Ја напуштил Битола и со неколкумина другари започнал нелегална дејност во Битолската околија. Сугарев оди секаде каде што се чувствува потреба од неговата организаторска вештина. Тој ги посетил скоро сите села во Демир-хисарско, Кичевско, Ресенско, Крушевско и Поречјето. Сугарев учествувал како делегат на Смилевскиот конгрес во 1903 година, на кој било донесено решение за кревање на вооружено востание во Македонија. Тој бил назначен за горски началник во Битолско. Востанието го затекнало Сугарев во селата околу Битола. Уште од самиот почеток на востанието на 2 август 1903, војводата Сугарев учествувал во заземањето на селата околу Битола. Цели 3 месеци здружените чети под негова команда војувале против многубројниот противник. Водејќи десетици жестоки битки против осмалиската војска, тивкиот, скромниот и секогаш молчеливиот борец создал легенди за него сред локалното население. Тој се претворил во легенда за време на битката кај село Ѓавато, каде што со својата храброст, тој на својот народ му дал пример како се војува за својата земја. По крајот на Илинденското востание, голем број на комити и војводи побегнале во Бугарија. Сугарев бил еден од малкуте раководители кои останале во нивните реони. После востанието, Сугарев најмногу работел на борбата против грчката и српската пропаганда во Македонија. Пролетта на 1906 година, поради појавувањето на грчки андарти во Мариовско, Битолскиот револуционерен округ му наредил на Ѓорѓи Сугарев да оди во Мариово и да се пресмета со непријателските грчки андарти. Во тоа време, Петар Лигушев, началник на Битолската окружна организација, главно поради лични интереси, започнал на битолскиот валија да му предава тајни на комитетот. Така, тој на битолскиот валија му ја предал маршутата на четата на Сугарев која била на пат кон Мариово за пресметка со андартите. Точно кога на утрото на 24 март 1906 година Сугарев пристигал во село Паралово, кон селото се испратила илјадна војска која го опколила селото. Следувала битка, која траела цело попладне. Гледајќи дека нема излез, Ѓорѓи Сугарев ги истрошил сите куршуми, а со последниот се самоубил. Со него загинала и целата негова чета од 21 комита. Според една друга верзија за смртта на Сугарев, која била пренесувана од колено на колено, Сугарев добил писмо од страна на четник во кое пишувало дека тој треба да дојде во Јени Мале во Битола на разговор околу тоа како да се среди ситуацијата во организацијата и поради тоа што не можат да одлучат кој да биде локален војвода, исто така и за да се пресмета со грчките андарти кои наводно започнале сериозно да го повредуваат населението. Писмото било напишано и испратено од Петар Лигушев. Сугарев како задолжен за тие работи се упатил кон тој регион. Во меѓувреме, Лигушев го набедува селскиот поп да му каже на Сугарев кога ќе дојде дека Лигушев ќе го чека кај манастирот, а во исто време им дал до знаење на османлискиот аскер дека четата на Сугарев ќе се појави на тоа место. Сугарев, заедно со својата чета се појавил на договореното место, но бил пресретнат од страна на османлиската полиција. Четата на Сугарев броела 25 луѓе кои тој ги раководел. Нападнати, битката траела скоро цела ноќ. Следниот ден, на местото на настанот биле пронајдени телата на 24 борци. Не било пронајдено телото токму на Сугарев. Ѓорги Сугарев по големата битка со аскерот бил тешко ранет, но не починал. Сугарев успеал да побегне од османлискиот обрач и да се засолни во селото. Тој неколку часа безуспешно барал помош, но наводно и таму бил пресретнат од Лигушев или од Црни Петар, кој пак му го нанел последниот смртоносен удар. Телото на Сугарев ниту пак неговата пушка не се пронајдени до ден денешен. Ниту пак по долго долго пребарување на планинските места бил пронајден трупот негов од страна на Турците.
No comments:
Post a Comment