Леб и Сол

Во првата половина на седумдесетите години од минатиот век музичката сцена во Скопје била релативно мала па идните членови на ЛЕБ И СОЛ често работеа во исти групи. Првиот посериозен проект Влатко и Гаро го имаа со џез - рок групата БРЕГ која ја предводеше Мики Петковски.
Со клавијатуристот Кокан Димушевски и тапанарот Димитрије Чочоровски, Влатко и Бодан го основаат ЛЕБ И СОЛ на 1. Јануари 1976 година. Првите снимки Етида бр.3, Деветка и Песна за нас ги прават во студиото на Радио Скопје за само два часа. Првиот настап вон Македонија го имаат во 1977 година во Нови Сад. На основа на таа снимка добиваат покана за Младинскиот Фестивал во Суботица. Таму добиваат награда, прва поширока афирмација и договор со ПГП - РТС. Во август истата година настапуваат како предгрупа на Бело Дугме на легендарниот концерт Хајдучка Чешма, како и во Сараево, Нови Сад и во Скопје. Со нив е и Гаро кој неколку недели пред тоа се приклучува на групата.
Деби албумот ЛЕБ И СОЛ го снимаат во студиото на РТВ Нови Сад во септември 1977 година. На тој албум доминираат џез - рок теми со етно влијанија, а од вкупно девет песни дури шест се инструментали. Сите четворица компонираат иако Влатко е најпродуктивен. Како хит од таа плоча се издвојува песната Нисам твој.
Набрзо избиваат на самиот врв на Југословенската сцена и за вториот албум ЛЕБ И СОЛ 2 добиваат многу подобри студијски услови. Пратејќи го стилот од деби албумот, покрај високооценетата Абер дојде Донке вториот албум ги нуди и одличните Марија, Акупунктура, Таласна дужина.
Според читателите на, тогаш највлијателниот музички магазин во Југославија Џубокс, ја добиваат титулата "Група на годината" во 1978 година.
Третиот ЛП Ручни рад го снимаат во студиото 5 на Радио Белград. Авторството и понатаму го делат сите четворица. Како амбициозни теми од овој албум се издвојуваат: насловната Ручни рад, Кумова слама и Верни пас . По објавувањето на овој албум групата ја напушта Коки Димушевски. На негово место доаѓа Мики Петковски кој во 1980 година заминува од ЛЕБ И СОЛ. По неговото заминување одлучуваат да работат како трио и тогаш компонираат музика за театарските претстави Диво месо, Убавата Вида, Среќна Нова 49 И многу други. Заминуваат на летна турнеја, свират десет концерти, и потоа во Скопје го подготвуваат новиот албум Бесконачно. Го задржуваат својот стил, а музиката ја прилагодуваат на форматот трио. ЛП-то Бесконачно понуди обработка на старата народна песна Ајде сонце зајде, Влатковата Жива рана, Касно поподне на Гаро и Бодановиот Скакавац. Тоа лето групата ја напушта Гаро, а на негово место како тапанар доаѓа Драгољуб Ѓуричиќ.
ЛП-то Следовање го снимаат во студиото на Радио Скопје, а по првпат самите се продуценти на плочата. На оваа плоча за првпат предничат вокалните песни, а Носим твој жиг го добива епитетот радиски хит.
Летото 1982 година со театарот КПГТ гостуваат низ Америка цели два месеца. Настапуваат во клубови и свират заедно со групата Big Country.
Со објавувањето на двојниот албум Акустична траума се збогуваат со ПГП РТС и преоѓаат во Југотон. Во 1983 година за Југотон го издаваат ЛП-то Калабалак. На него како гости учествуваат Боби Мицев на клавијатури и Петар Каргов на саксофон.
Албумот Тангента настана во Белградското студио Аквариус во 1984 година заедно со Кевин Ејерс како продуцент. Името на оваа плоча го дава токму тој затоа што според него музиката на членовите на ЛЕБ И СОЛ тангентно се доближувала со различити стилови. На оваа плоча гостуваат Лаза Ристовски на клавијатури и Ненад Јелиќ на перкусии. Од овој албум како радиски хит се издвојува песната Контакт је скуп.




Десетогодишнината ја одбележуваат кон средината на 1986 година со објавувањето на плочата Звучни зид на која се наоѓа применета музика за театар, филм и телевизија, како и темите од ТВ емисијата Бушава азбука, театарските претстави Ослободување на Скопје, Среќна Нова 49, Коштана и филмовите Шмекер За среќа се потребни тројца. Автори се Влатко и Бодан, а на снимањето учествува и Гаро кој во меѓувреме се враќа во групата.
Брзо после тоа на ЛЕБ И СОЛ им се приклучуваат саксофонистот Гоце Мицанов и клавијатуристот Кирил Џајковски и со нив во 1987 година ја снимаат плочата Као какао.
На оваа плоча за одлучуваат за значаен стилски пресврт и објавуваат десет вокални песни. Плочата ја продуцираат Бодан и Влатко заедно со Брацо Зафировски, а како гости се појавуваат пеачките Беби Дол, Ана Костовска и Рони Ватен на ирски гајди. Текстовите се на Влатко и Горан Стефановски. Со оваа плоча ЛЕБ И СОЛ забележуваат серија хитови како Скопје, Као какао, Мамурни људи и Чувам ноќ од будних.
Наредниот албум Путујемо го снимаат со истата постава. Повторно го продуцираат заедно со Брацо Зафировски и повторно сите песни се вокални. Заедно со гостите Калиопи како пратечки вокал, Зоран Јовановиќ на саксофон и Кире Костов на хорна ЛЕБ И СОЛ на публиката им ја нуди основната тема на плочата поврзана за физичките и менталните патувања. Извесно време во групата како клавијатуриста учестуваваше Валентино Скендеровски, за потоа да се врати Кокан Димушевски кој учествува во снимањето на Путујемо. Ударен хит од овој албум е, сега веќе антологиската Чукни во дрво.
Година дена подоцна, во 1990 година Влатко и Бодан го објавуваат ЦД - то Зодијак со музика компонирана за истоимената балетска претстава на Македонскиот Народен Театар.
Од групата во 1990 година повторно заминува Гаро.
Во мај 1991 година ЛЕБ И СОЛ заминуваат на турнеја во САД и Канада. Во поставата се Влатко, Бодан, Кокан и Драгољуб. Концертот во престижниот CBGB во Њу Јорк забележен е на дискот Live in New York. На овој албум се наоѓаат и записи од пробите во студиото Американ, снимка на песната Благослов од Македонската Православна Црква во Торонто, темата Going back to Skopje снимена во подвижното студио во Торонто и обработката на народната Учи ме мајко, карај ме снимена во Скопје во октомври 1991 година.



Текстот е превземен од страната на Леб и Сол.

No comments:

Post a Comment