Гемиџиите


„Кога по револуционерните окрузи посериозно започнало да се дискутира за проблемот на востание, еден друг настан ја возбуди Македонија. Тоа биле солунските атентати. Тие биле дело на група македонски интелектуалци, кои се наоѓале под влијание на анархистичките идеи, а во Солун формирале своја терористичка група позната под името „Гемиџии“. Во својата дејност тие се ориентирале кон подготвување на „динамитни атентати“ за рушење на установи на капиталистичките држави или на установи каде што бил инвестиран странски капитал во Македонија. Основната акција на тие динамитни акти се состоела во стремежот да се заинтересира европската јавност за состојбата во Македонија и да се предизвика интервенција на европските сили... Солунските атентати предизвикале голем шум во Македонија и во Европа... Со тоа кај значителен дел на поробената македонска маса се засилувал отпорот, стремежот да се најде спас од кризата. Таа состојба солунските атентати, како и другите слични акции, особено атентатите на железничките линии, уште повеќе ја револуционизирале. Во европската јавност и во дипломатските кругови... започнало се повеќе да се говори за македонските работи и да се предлагаат можности за решавање на прашањето на Македонија“.
(Од „Историја на македонскиот народ“, книга втора).

„Ние сакаме да жртвуваме свои сопствени, а не народни животи, за создавање услови за едно широко востание и ослободување на нашиот народ. Ние сакаме повремено да предизвикуваме судирања со турските полчишта и преку нашата крв да го свртуваме вниманието и симпатиите на „човекољубивата“ Европа и да ја придобиеме - во едно наше востание ако не ни помогне, барем да не биде против нас“.
(Од писмото на Петар Манџуков до Костадин Кирков, Женева, 18 јуни 1898 година).

Вообличен мозаик од факти


Поврзувањето и афирмирањето на групата македонски револуционери, наречени Гемиџии, нивната национално-политичка и идејна физиономија и практична дејност со право го привлекуваат вниманието зашто тие се релевантни моменти и прашања за позадлабочено проникнување во главните текови, струи и тенденции на македонската револуционерна демократија на преминот од XIX во XX век. Во тој временски период, како последица на економско-социјалната диференцијација и на општествените и духовните превирања и насочувања во Македонија, настануваа и се издвојуваа неколку струи и поборници со изнијансирани сфаќања за патиштата, средствата и целите на борбата за национална и социјална еманципација на Македонија. Неминовната потреба од премавнување на создадените заострени класни, национални, верски и други спротивности на собудените народни сили во Македонија ја наметнуваше борбата за урнување на намразениот брутален османлиски систем на економско ограбување, национално угнетување и политичко обесправување.
Во врска со тактиката и стратегијата за насилна промена на неподносливата положба и на одживеаните општествени односи во Македонија, се појавија групи и протагонисти, чии погледи и визии имаа многу допирни точки со програмските начела и барања на ВМРО, како и дивергентни мислења и разијдувања, особено по прашањата за средствата и методите на револуционерната борба. Една таква група што се одликуваше со мошне карактеристични и издиференцирани разбирања и со вонредна упорност во остварувањето на своите замисли беа, несомнено, Гемиџиите. Во досегашните обиди и настојувања за утврдување на идејните корени и импулси на Гемиџиите не се одминува значењето и улогата на младинскиот кружок во Пловдив, образуван од Михаил Герџиков, Петар Манџуков (од скопското село Мирковци) и велешанецот Георги Бошков.
Членовите на пловдивскиот кружок Михаил Герџиков и Петар Манџуков со своите непосредни контакти и ангажирања извршија големо влијание врз идејното формирање на Гемиџиите и нивното определување за атентаторска дејност. М. Герџиков и П. Манџуков за време на студирањето во Швајцарија 1897 година дошле во допир со анархисти, нихилисти, руски револуционери и со други радикални елементи и политички емигранти. Швајцарија со политиката на стриктна неутралност во меѓународните односи и со внатрешно либерално-демократско уредување претставуваше бастион на слободоумното и „ветена земја“ за револуционерите и политичките дејци и бегалци од целиот свет, кои во неа наоѓаа азил, се собираа, организираа и ги пропагираа своите идеи и цели. Од тамошните социјално-политички движења и идејни струи анархизмот оставил во тоа време најдлабоки траги на М. Герџиков и П. Манџуков.
Вклучувајќи се во Женева во „еден кружок на лица со најлиберални, крајно левичарски идеи“ М. Герџиков и П. Манџуков ја започнале својата дејност со издавање на трајно отпечатен повик - апел кон македонскиот народ. Откако се констатира дека политичкото ропство и потиснување, е „анахронизам во векот на напредокот и на слободните институции“, во апелот се укажува на тоа дека македонскиот народ и понатаму стенка под гнетот на одвратната султанска тиранија додека Европа врви во пресрет на социјалната револуција и на ослободувањето од ропството на капиталот.
Наскоро кружокот се преформира и се нарече Македонски таен револуционерен комитет (скратено: МКРТ), чии членови во објавената Програма декларираа дека не се задоволуваат „со некакви прости реформи во монархијата на царигрдскиот деспот“, тукут сакаат „целосно одделување во политички и административен однос на Македонија и Одринскиот вилает од султановата држава“ и „најцелосна независност и широка слобода за населението на оваа земја“. Голема принципиелна важност имаше стојалиштето дека МТРК е создаден и има главна цел да ја урне тиранијата и да ги раскине ропските окови, „да ги ослободи од векови потиснатите и измачени Македонци“. За постигање на таа цел МТРК гледа само едно средство - револуцијата што ја подготвува.



Насловната страница од Уставот на МТРК

Уставот на Македонскиот таен револуционерен комитет, составен и објавен заедно со Програмата и Апелот, на вонредно прегнантен начин ги изразува раководните принципи, карактерот и намената на МТРК. Околноста што веќе во чл.1 од Уставот на МТРК се истакнува дека МТРК треба во прв ред да ја подготви и доврши револуцијата во Македонија со сите можни средства за конечно ослободување на македонскиот народ и истовремено да работи за „неговото економско, класно разбудување“ е мошне убедливо сведоштво за рефлектирањето на социјалистичките идеи кај основачите на МТРК. За целосно посветување на ослободителното дело се бараше членовите на МТРК да бидат лишени од секакво чувство и помисла за сопственост и се’ што имаат („ум, сили, живот и имот“) да му припаѓа на Комитетот и на светиот револуционерен потфат. Во распоредбата на Уставот за можноста МТРК да се снабдува со финансиски средства - пари, употребувајќи начини што тој ги наоѓа за „најдобри и целесообразни“ е изразено во зачеточен вид сфаќањето што подоцна ќе се среќава во практиката на некои револуционерни дејци во Македонија да не се избегнуваат грабнувања и други насилни методи за доаѓање до пари за потребите на ослободителното дело или за извршување одредени покрупни акции. ...



Банк Отоман во Солун


.. Наскоро по појавата на првиот број на весникот „Глас“ (јуни 1898) како орган на МТРК кој „излегува кога ќе најде за нужно“, се појави идејно сличен весник - „Отм’штение“, во чија насловна страна стоеше дека е „орган на македонските револуционери терористи“. Според досега утврдените податоци групата на македонските револуционери терористи ја сочинувале Михаил Герџиков, Петар Манџуков, Славе Мерџанов, Д. Општински, Ј. Калчев, Д. Ганчев, Д. Николов и Г. Дончев. Како во времето на афирмирањето и групирањето на „македонските револуционери терористи“ така и во наредните години највидна улога играа М. Герџиков, П. Манџуков и Сл. Мерџанов. Со цел да пуштат корени и да организираат акции во Македонија, кон крајот на 1898 година Сл. Мерџанов ги напушти студиите во Женева и пристигна во Солун, а П. Манџуков дојде во Скопје. Меѓу учениците на солунската гимназија Сл. Мерџанов брзо нашол приврзеници и следбеници на замислите за вршење атентати и други потфати на индивидуален терор за револуционерни цели. М. Герџиков исто така ги прекина студиите во Швајцарија за да се посвети на револуционерна дејност во Македонија која под името на неговиот женевски колега Тодор Луканов ја започна како учител во битолската гимназија во есента 1899 година. Таму се поврзува и најтесно соработува со Дамјан Груев, земајќи активно учество во македонското национално-ослободително движење. Заедно со В. Пасков, Д. Груев и П. Мартулков го издадоа во Битола хектографираниот весник „На оружје“, на чија насловна страна - според соопштението на конзулот Крал - се наоѓал женски лик како симбол на Македонија или вооружен борец со замавнат јатаган и паролите „Слобода или смрт!“ и „Смрт на тираните!“. Запаметени останале предавањата со „револуционерно-воспитни тенденции“ што Д. Груев, М. Герџиков и други се држеле на битолските граѓани во т.н. „Неделно училиште“. ...



Остатоците на Банк отоман по атентатот

.. Предлозите и намерите на Сл. Мерџанов за вршење атентати со цел да бидат засегнати објектите и интересите на странскиот капитал беа прифатени од Гемиџиите со младешки ентузијазам и крајна самопожртвуваност и упорност. Како прва акција тие го изведоа привидното киднапирање на Костадин Кирков и Тодор Богданов со цел од нивните родители да изнудат откуп и со добиените пари да пристапат кон подготовките за минирање на Отоманската банка и сл. Заслужува да се спомене интересниот податок дека Македонската револуционерна социјалистичка група околу Васил Главинов и весникот „Политическа свобода“ внимателно ја следела аферата со исчезнувањето, односно „грабнувањето“ на Кирков и Богданов и ја ползуваа за напади против турската власт, бугарската полиција и сомневањата и поткажувањата на таткото на Кирков. Запознат со акцијата и во договор со Гемиџиите, Гоце Делчев, со чија чета порано заминаа за Македонија Сл. Мерџанов, П. Соколов и П. Манџуков, одигра улога на посредник за земање на откупот во полза на Гемиџиите, што беше знак на взаемната доверба и врска помеѓу Гемиџиите и видниот идеолог и предводник на македонското револуционерно национално-ослободително движење. Основата на таквите разбирања и односи лежеше во блискоста на погледите и методите, во склоноста на Гоце Делчев да одобрува или и самиот да применува слични постапки. Впрочем, самиот Гоце говореше за себе „дека во душата е анархист, по убедувањето социјалдемократ, а по делата револуционер“. ...



Парабродот „Гвадалкивир“

.. Покрај тоа што врз Гемиџиите беше доминантно влијанието на анархистичките идеи и методи и што тие се воодушевуваа и вовлекуваа во поединечни потфати и акции по углед на оние што ги вршеа руските, ерменските, ирските, италијанските и другите анархисти и терористи, Гемиџиите не беа едноставни, заслепени и секташки закожуравени доктринери што се оддаваат на индивидуален терор од болна херостатовска амбиција да ги запамети историјата како херои или како маченици. Гемиџиите беа - како што ги карактеризира Хр. Силјанов - „далеку од разбирањето на анархизмот како филозофска концепција и се вовлечени главно од неговите терористички методи, пренесени врз почвата на месната борба против тиранијата“. Споменатото вовлекување на Гемиџиите беше наедно и израз на нивниот нагласен индивидуализам, на нивното сфаќање дека масовната револуционерна дејност и борба не ветуваа скоро ослободување и дека за ослободителното македонско дело повеќе можат да придонесат спектакуларни акции што ќе одекнат во светот. За да имаат тие акции максимален ефект треба да бидат насочени против објектите и интересите на европските капиталистички држави - главните виновници за продолжување на ропската положба на Македонија. Настроението на Гемиџиите никнуваше и од спонтаното бунтарство што ги опфаќаше декласираните елементи од малограѓанството што пропаѓаше, понатаму: од замаглените перспективи на македонската интелигенција и од психологијата на жестоко експлоатираните работни маси во Македонија, кои својата огорченост ја истураа низ одделни истапувања и насилни акти. Иако малубројна група Гемиџиите се покажаа идејно единствени и компактни, останувајќи докрај решени да ги остварат своите замисли по цена на најскапи жртви - нудејќи и ги на татковината сопствените животи. Подготовките за извршување на солунските атентати траеја со години и за сето време не се појави кај нив никакво малодушие и сомневање. Прокопувањето на каналот бараше натчовечки маки и напори, што тие стоечки ги поднесуваа.



„Гвадалкивир“ во пламен

За големината на нивната саможртва најречито зборува нивниот договор да не ги преживеат планираните акции и повеќе од тоа: да не ги остават за потомствата дури ни своите ликови на фотографија. Желбата да останат анонимни покажа колку високо го ценеле делото на кое се’ треба да му биде потчинето и да му служи. Проникнати со чувство на длабок хуманизам во текот на акциите во последните денови на април 1903 година, кога самите одеа да загинат, правеа се’ да се избегнат непотребните невини жртви. Гемиџиите кои одамна престанаа да мислат на своите животи во најкритичните моменти за време на солунските настани со најголема присебност се грижеа да ги заштитат туѓите. Непомирливи противници на секаков авантуризам и самољубивост тие и’ се подадоа на смртта во цветот на својата младост. Експлозијата на бродот „Гвадалкивир“, кревањето во воздух на солунската филијала на Банк отоман, прекинувањето на осветлувањето и другите акции во Солун им покажаа на Турција и Европа дека Македонија нема да се смири се’ додека не стане слободна. ...



Патници се спасуваат од запалениот брод




.. Аналитичкото вникнување во идеите и делата, потфатите на Гемиџиите упатуваат на заклучок дека тие беа во прв ред национални револуционери, крајно загрижени за судбината на својата поробена татковина, патриоти на кои најважна цел им е ослободувањето на Македонија, а терористичките методи се само средство од секундарно значење.
(* напишал Д-р Данчо Зографски, од книгата „Гемиџиите“ на Јован Павловски)



Резултат од разорното дејство на динамитот




За време на судењето: Павел Шатев, десно, Марко Бошњаков, во средината и Милан Арсов, лево

..Од судењето:
.. Четиринаесет дена траеше испитувањето на Павел Шатев. Тој настојчиво тврдеше дека се вика Георги Манасов и дека е од Ќустендил. Го донесоа како сведок Иван Гарванов:
- Да, рече тој, го познавам: тоа е Павел Коцев Шатев. Четири години му бев учител.
Шатев продолжуваше по своето:
- Веројатно господинот се лаже, јас првпат го гледам!
Го повикаа добродушниот учител по турски јазик Етхем ефенди.
- Дали е ова Павел Шатев? го прашаа.
- Да, потврди тој.
- Дали знае турски?
Етхем ефенди знаеше дека Павел одлично зборува турски, меѓутоа, сепак, рече:
- Колку што знам, беше многу слаб ученик по турски.
Сакаше да му помогне, зашто се прошири гласот дека уапсениот Павел Шатев тврди оти не знае турски и дека бара преведувач.
Најпосле Џемаил бег му нареди на Павел:
- Земи молив и хартија и напиши: On dit que la mort n'est pas un mal (Се зборува дека смртта не е несреќа).
Павел Шатев ја напиша оваа изрека и самоиницијативно го потпиша нејзиниот автор: Демокрит. ...
.. Едип паша кимна со главата: ..Тогаш му се обрати на Павел:
- Му припаѓаш ли на некое современо социјално учење?
- Не, одговори Павел Шатев. Не и’ припаѓам ниту на една организација, било национална или социјална, јас, едноставно, сум Македонец!
_______________________________________________________________




Михаил Герџиков (1877-1947) е истакнат македонски војвода, учесник во македонското револуционерно движење, следбеник на Гоце Делчев.

Петар Манџуков е роден во село Мирковци, Скопско, околу 1880 година. Беше член на Македонскиот таен револуционерен комитет во Женева и, најверојатно, соработник на весникот „Отмштение“.


Павел Шатев

 



Павел Шатев е роден во Кратово, на 2 јуни 1882 година. Во родното место завршил основно училиште, а во Скопје трети клас прогимназија. Во Солун матурирал во летото 1900 година во Реалната гимназија. Умрел во Битола во 1952 година.



















Костадин Кирков

 


Костадин Кирков е роден во Велес во 1882 година. Ја завршил Реалната гимназија во Солун. Еден е од првите членови на кружокот на гемиџиите.





















Илија Трчков

 


Илија Трчков е меѓу најмладите членови на кружокот на гемиџиите - роден е во 1884 година во Велес. За да може да ја прикрие својата револуционерна дејност, понекогаш во Солун работеше како чевлар. Беше најмолчаливиот меѓу заговорниците.





















Тодор Органџиев

 


Благодарејќи на проф. д-р Георги Шоптрајанов можеме нешто повеќе да кажеме за биографијата на Тодор Органџиев: татко му на Тодор, Андреја Органџиев, беше познат трговец од Велес. Се збогати тргувајќи со афион купуван од Велес, Свети Николе и Штип и продаван во Солун. Во Велес отворил шарлаганџилница и станал сопственик на големи поседи земја во околината на Велес. Тодор Органџиев беше еден од првите членови на гемиџискиот кружок. Тој ја користеше трговијата на татко му со зејтин, за да префрли динамит од Кочани и Велес во Солун. Акцијата на неговите другари го затече во Велес. Разбрал за неа утредента и веднаш од Велес избегал во Скопје во куќата на чичко му Лазар, свештеник. Чичко му му помогнал, преоблечен како свештеник, да остане десетина дена скриен во еден гроб на скопските гробишта, од каде една вечер избегал во Бугарија, а потоа во Дрезден, каде што ја завршил Високата техничка школа. За време на Првата светска војна Тодор Органџиев беше проектант и изведувач на теснолинејката од Градско до Прилеп. По војната работеше во Софија како инженер. Умре во октомври 1958 година.









Ѓорѓи Богданов

 


Ѓорѓи Богданов е роден во Велес (1889) и, заедно со брата си Тодор, беше еден од првите членови на гемиџискиот кружок. По кревањето во воздух на Банк отоман беше уапсен и во затворот страотно мачен. Во еден момент му попуштија нервите. Единствено тој и Павел Шатев од атентаторите останаа живи.



















Милан Арсов

 



Милан Арсов беше најмладиот гемиџија. И неговото родно место беше Велес. Во јуни 1903 година, значи, два месеца по атентатите, тој требаше да ја заврши Реалната гимназија во Солун. За време на акциите немаше ни полни 18 години.

























Марко Бошњаков

 



Марко Бошњаков е роден во Охрид. За време на атентатите имаше повеќе од 40 години.


No comments:

Post a Comment