Грабнувањето на Мис Стон



Организацијата секогаш го чувствуваше недостигот од парични средства. Самиот Гоце Делчев на двапати (во септември 1897 година го грабна Назлам бег кај Струмица, а една година подоцна грчкиот лихвар Димитраки), по пат на грабнување на богати луѓе, се обиде да и’ обезбеди парични средства на Организацијата. Јане Сандански летото 1901 година направи план да го грабне Американецот, д-р Хаус, протестантски мисионер, меѓутоа, се откажа, кога чу дека во Разлошко доаѓа мис Стон, исто така протестантска мисионерка, меѓутоа, како што разбра, позначајна личност од д-р Хаус. На тие денови нешто подоцна Јане Сандански вака се наврати во сеќавањето:
„Од зборувањето со протестантите разбравме дека Хаус тешко може да се доведе до Банско, ама дознавме дека токму во тоа време дошла една Американка, мис Стон. Се заинтересирав и рабрав дека таа е важна личност. Му кажав на Чернопеев и тој се согласи да ја фатиме...Стоевме цел ден и приквечер околу пет часот наближија. Бевме облечени во турски облеки - аскерски и слично. Ги фативме. На една баба што се наоѓаше со нив и која сакавме да ја земеме за придружничка на мис Стон и’ се слоши.
Мина еден Турчин, за кого потоа дознавме дека бил контрабандит и му рековме да запре. Тој слезе од коњот и почна да бега кон спротивната бусија. Се кренаа оттаму комитите и тој пукна со револвер, рани малку еден комита во темето, но веднаш беше фатен и убиен. Тргнавме со грабнатите. Тоа стана на 21 август вечерта, кај „Потпрената скала“ на патот меѓу Банско и Горна Ѓумаја. Патем, ние зборувавме турски, ама не знаевме турски. Вториот ден грабнатите не’ прашаа што сме, ние им рековме дека меѓу нас има и Турци и секакви. Се исплашија и почнаа да плачат и првите пет-шест дена речиси плачеа секој ден. Најпосле решив да им откријам се’, ама и покрај сето тоа не беа спокојни...“
Се’ до 18 јануари 1902 година траеја преговорите за откуп на мис Стон и нејзината придружничка, госпоѓа Цилка, која во меѓувреме, на 21 декември 1901 година, се породи - доби ќеркичка.
Да се вратиме на сеќавањата на Сандански:
„Тогаш ги испратив Чернопеев и Асенов во Бугарија да водат преговори со Дикинсон. Им реков да го ликвидираат прашањето како што знаат, зашто веќе ни беше дојдено до гуша. Пак се вратив со жените во Покровник (во куќата на Стоилко), потоа оттаму минав за Србиново (на 21 декември вечерта), патувавме дванаесет часа пат и стигнавме во куќата на некој си Никола, во зимникот и на крај село, во лозјата. На Цилка и реков дека ќе патуваме и ја прашав дали може, дали и’ наближува времето да добие пород. Уште пред два месеца имавме подготвено се’ што треба - ние наоѓавме платно, а тие, жените, шиеја фустанчиња и пеленки, плетеа итн. По еден час Цилка ми јави дека ќе роди и на мис Стон и порачуваше „се’“, ако случајно не остане жива. Таа веруваше дека по тие преживеани потреси одвај ли ќе има нормално породување. Викнав две жени од селото и лесно се породи - момиче, здраво, полно. Го зедовме детето, другарите и’ честитаа и ги почестив. На третиот ден пак тргнавме...“
Значи, на 18 јануари д-р Хаус, истиот оној д-р Хаус што требаше да биде грабнат во една куќа во Банско остави 14 илјади златни лири. Сандански на комитите им даде по две лири, а другите ги даде на чување на неколку доверливи лица. Четири илјади лири му даде на Гоце Делчев, тој да ги употреби како што знае и умее.

* Дикинсон беше американски дипломат во Цариград, кој специјално допатува во Софија за да преговара со претставниците на Јане Сандански околу ослободувањето на Мис Стон и нејзината придружничка.

No comments:

Post a Comment