Ѓорче Петров, Гоце Делчев и Пере Тошев за решенијата на Солунскиот конгрес


Јануари 1903 година



... За да дискутираме по предлогот на ЦК се собравме овде во Софија на заседание околу 20 души видни организациски сили. Учествуваа: Матов, Татарчев, Пере, Борис Сарафов, Славчо Ковачев, Давидов, Делчев, Силјанов, Герџиков, Влчо Андонов од Охридско, Сава Михаилов, Пушкаров, Хаџи Николов и др. Се збиравме на неколку пати од 16 до 24 души.
Матов и Татарчев го прочитаа писмото и брзо ја искажаа својата согласност. Големото мнозинство од собранието ја поткрепуваше идејата за востание... Против востанието категорички станавме само јас и Делчев. пере на се искажа извинувајќи се дека е нов, дојден од затвор, дека не е добро информиран за вистинската положба овде и внатре, а интимната мисла му била против востанието.
Делчев се обиде да ги урне мислењата, тој немаше дар за зборување, се искажа дека е категоричен противник на такво востание како што проектираа, а е за востание какво што бевме планирале јас и тој. Делчев се запали, се испоти, се расфучи.
Јас станав и држев реч тогаш, што траеше шест часа. Како што ми признаа тие, ја разбив увереноста на оние што беа се изјасниле за востание и мнозина од нив станаа (Силјанов, герџиков и др.) и ми признаа: „Ти си несобирлив во твоето мислење“. Јас ги разоткрив вештачките пристапи за Фактите што ги приведуваа тие дека ќе имало избувнувањето на населението, еден по еден ги урнав по признавањето на оние што биле во тие места. На пр. фактот дека селаните излегле со оружје в шума не е уште знак за востание, туку само да избегнат за да не им го земат оружјето Турците и да не настрадаат лично... Точките по однос на опасноста дека ќе пропадне оружјето ги побивав исто така: опасноста не е толку голема; го уверував собранието дека не треба никогаш да се плашиме дека една околија што е подготвена за востание ќе го предаде своето оружје, ами напротив - ако е едно население готово да го предаде своето оружје, тогаш тоа не е подготвено за востание.
По однос на фактичката подготвеност со сигурни податоци, што мене ми беа познати повеќе одошто на самиот ЦК, им докажав дека можеме да ги сметаме за што-годе подготвени само седум околии: Костурската, Леринската, Битолската, Демир-хисарската, Кичевската - Битолско; во Солунско само кукушката и тоа доста слабо; во Струмичко само Струмичката околија и тоа со незгодни пушки кримки и во Скопско само Штипската околија, со кримки и со мартинки... Го уверував собранието: ако го прогласиме ова востание, ќе ја подбиеме идејата за сенародно востание за долго време, зашто ќе се кренат само во неколку околии. Уверував дека е сега невозможно сенародно востание, зашто уште нема подготовки, ниту нужни материјали. За одоваде Вардарскиот дел им претскажував дека ние ќе работиме против сами себеси, зашто ќе ја повториме 1895 година - востание само со чети од Бугарија што ќе бидепротив основните задачи на Организацијата како што ги разбиравме тогаш.
Како резултат на сето тоа апсолутното мнозинство реши да им се соопшти во Солун од името на сите присутни дека сме против земеното решение за востание. Борис и Славчо ( Ковачев - б.р.) навидум се согласија (гласаа против). Останаа само Матов, Татарчев, Хаџи Николов и уште еден - двајца што гласаа за востание . бевме натоварени јас и Матов да го пишуваме писмото. Јас побарав тој и јас да го составиме поодделно проектот за одговор. Во собранието мојата редакција, поотворена и порешителна се прими и се испрати во Солун како мислење на овдешните претставници на Организацијата. За забележување е дека најмногу беа за востание оние што не мислеа да земат и не зедоа учество во востанието. И во Солунскиот конгрес беа за востание најмногу оние околии што подоцна не зедоа учество. Солунската на пример, макар што во Солун се изигра најважната улога за прогласување на востанието.


Спомени на Горчо Петров, стр.154-157.

No comments:

Post a Comment