Димитрија Чуповски, „Балканска Федеративна Демократска Република“


18 јуни 1917 г.

Балканот за балканските народи,
Полно самоопределување на секоја нација.

Сегашната светска војна на многу поробени народи им носи слобода и самоопределување. Македонија со векови се борела и леела потоци крв за оваа слобода и независност, нп та предавнички, неправедно беше раскината од злосторничкиот шовинизам и од алчноста на крвавите династии на државите што ја опкружуваат. Резултатите од овој беспримерен грабеш во историјата предизвикаа не само заемно истребување на балканските народи, но потоа и досега невиодена светска војна. Сега, кога големиот дел од Балканскиот Полуостров е во урнатини, а остатоците од неговите народи се наоѓаат под тешкото австро-германско ропство, ние, Македонците, настрадани повеќе од кој и да е друг, ве повикуваме сите вас, балкански народи, да ги заборавите минатите расправии, да се обедините и да се приклучите кон нашата општобалканска револуционерна програма за заедничка упорна борба и за создавање Балканска Федеративна Демократска Република.

Програмата на нашиот Револуционерен комитет се состои од следниве основни пунктови:
1. Сите балкански народи се должни да ги урнат постојните династии и да воведат кај себе републикански начин на управување.
2. Секоја балканска република во својот внатрешен живот треба да биде наполно самостојна.
3. Сите балкански републики составуваат една општа Балканска Федеративна Демократска Република.
4. Во составот на Балканската Федеративна Демократска Република влегуваат следниве републики: Македонската, Албанската, Црногорската, Грчката, Српската, Бугарската, Хрватската, Босанско-Херцеговинската, Словенечката и Тракиската.
5. Самостојни републики на Балканот се признаваат не само едноплеменски држави, туку и оние области, со мешано население, чиишто животни интереси тесно се поврзани со географските, историските, политичките и културно-економските услови.
6. Во републиките со мешано население можат да се образуваат автономни окрузи и општини, каде што секоја народност ќе има полна слобода на родниот јазик, верата и обичаите.
7. Официјален јазик на секоја одделна република е јазик на мнозинството.
8. Секоја одделна република испраќа свои ополномоштени народни пратеници во општиот Сојузен парламент на Балканската Федеративна Демократска Република.
9. Од составот на ополномоштените народни пратеници се формира Сојузна влада и Совет што го заменува претседателот на Федеративна Република.
10. Во составот на Сојузната влада и во Советот влегуваат еднаков број лица од секоја република-федерација.
11. Федеративната влада и Советот ги раководат сите општофедеративни внатрешни и надворешни меѓународни работи на Балканската Република.



18.4.1917 г.

Македонски револуционерен комитет
Д. Павле-Чуповски
Б.Ристовски, Димитрија Чуповски, , стр. 266-269.

No comments:

Post a Comment