Привремена влада на Македонија (1880/1881)

Привремена влада на Македонија - „Единство“


21 мај 1880 година

Но 3
21 мај 1880 година
Гремен теке

До Неговото Превосходителство
Серускиот генерален конзул Н. Улјанов во Солун

Ваше Превосходителство,
Од името на Привремената влада на Македонија Ви го испраќаме ова протоколно решение на националното собрание на Македонија, со молба да го испратите до Н. В. Серускиот Император Александар II. Се надеваме дека руската влада ќе ги потпомогне праведните барања на македонскиот народ и ќе помогне да се здобие со правдини слични на останатите балкански народи.

Привремена влада на Македонија
Претседател:
Васил Симон

Членови:
1. Анастас Димитрович
2. Али Ефенди
________________________________________________________________________

Манифест на Привремената влада на Македонија



23 март 1881 година

Македонци,
Нашата мила татковина Македонија била некогаш една од најславните земји. Македонскиот народ, исто така, удирајќи ги првите темели на воената вештина, со своите победнички фаланги и Аристотеловата просвета, ги цивилизирал човештвото и Азија. Но таа некогаш толку славна наша татковина денес е на прагот на својата пропаст поради нашите грешки и заборавање на нашето потекло. Туѓи и сомнителни народи сакаат да ја заземат нашата земја и да ја уништат нашата народност која, цветејќи со таков сјај, не може и нема никогаш да пропадне. Таа станала како некоја вдовица: толку грозно ја напуштиле нејзините синови. Не го развива повеќе знамето што го носеа во триумф победничките македонски војски. Таа е денес само географски поим. Како да се настојува нејзините победнички белези да бидат покриени со покривот на заборавот. Гробот и го ископале нејзините интриганти кои, крстосувајќи ја нашата земја, и туриле разурнувачки отрови. Овие интриганти се гробари на големата и славна татковина; тоа се, исто така, оние интриганти што бараат да ја издробат или поскоро да направат да влезат во неа победничките трупи на Австро-Унгарија. Со минувањето од еден јарем во друг, регенерацијата на Македонија нема да стане можна и нашата народност ќе пропадне. Моментот за Македонија е критичен: се работи за нејзиниот живот или смрт.
Вистински Македонци, верни деца на татковината!
Зар ќе трпите нашата мила земја да пропадне? Погледајте ја како е покриена во ропство и со рани што и ги направиле околните народи. Погледајте ја и видете и ги нејзините тешки синџири што и ги произведува султанот. Наоѓајќи се во ваквата немоќ и гледајќи ја целата расплакана, наша мила Македонија, нашата драга татковина Ве вика: вие што сте мои верни деца; вие што по Аристотела и Александра Велики сте мои наследници; вие во чии што жили тече македонска крв, не оставајте ме да умрам, туку помогнете ми. Каква тажна глетка за вас, вистински Македонци, ќе биде ако станете очевидци на мојот погреб. Не, не, еве ви ги моите крвави грозни рани, еве ви ги моите тешки синџири: скршете ги нив, излекувајте ми ги моите рани; направете се на знамето што ќе го кренам да биде напишано: единствена и обединета Македонија! Штом тоа ќе го сторите храбро, истерајте ги од вашата земја овие убијци, кои го држат во своите раце знамето на неслогата и внесуваат отцепувачки страсти, ве делат вас, мои деца, на безброј народности, потоа собирајќи се околу знамето на Македонија, како ваш единствен национален белег, дигнете го високо и подгответе го ова славно знаме за потоа да напишете едногласно:
Да живее македонскиот народ, да живее Македонија!
Постои гласот на нашата татковина, постои слободата, тоа скапо наследство на народите. Да ги прогласите овие зборови, тоа значи да ви ракоплескаат слободоумните луѓе, тоа значи да ги повикате благородните срца да побрзаат да дојдат да се бијат за да ви помогнат да ја добиете таа света слобода која од многу векови побегнала од нашата драга татковина.
Македонци, сетете се за нашето потекло и немојте да го откажувате!

Ќустендил, 11/23 март 1881 година.
Верно на оригиналот.
Доспат, 18/30 април 1881 г.

Претседател,
Васил Чомо (Васил Чомо го среќаваме и како Васил Симон)
Секретар,
Никола Трајков

No comments:

Post a Comment