Христо Крстевски за Струмичкиот карневал


Според мислењето на некои етнолози (И. Сувариев), исто така, треба да се прави реска дистинкција помеѓу сурварите, бабарите, василичарите, џамаларите и кукерите (како што ги наречуваат во Бугарија) и карневалот што се одржува на Тримери во Струмица. Сурварите се пандани на бабарите, василичарите, џамаларите. Тие одат, исто така, маскирани во големи групи, напати преправени во мечки, напати во волци и сл. а позната е сликата на Циганот кој оди со Циганката, со задолжителното бебе. Тие одат по куќите за да добијат пари и храна и да благословат, со цел од куќата на домаќинот да ги истераат „злите духови“, бидејќи во некрстените денови низ куќата волнуваат лошите духови. Тие притоа маваат со стапови, викаат, креваат голем шум, палат огнови и рипаат преку нив (малата и големата Ората-копата и сл.). Освен тоа, тие и временски не се совпаѓаат: едните се на Василица, а другите на Тримери. Една можна дилема за тоа е дека Евлија Челебија при поминувањето низ Струмица, некаде кон втората половина на XVII век, можел, да речеме, да наиде на Сурвари наместо на карневалџиите на Тримери, можеби засекогаш ќе остане отворена, но нема сомнение дека дистинкција помеѓу сурварите и тримерските свечености постојано мора да се прави. Што се однесува до името Тримери, кај Стеван Тановиќ и неговите „Српски народни обичаји у Ѓевѓелиској кази“ од 1927 год. постои едно предание според кое Евреите сакале да им напакостат на христијаните кои со голема ревност и верност го почитувале големиот Велигденски пост и бидејќи биле фурнаџии тој ден им ставиле крв во лебот. Христијаните некако разбрале за тоа и не им го купиле лебот. Оттогаш останало ТРИМЕРИ. Се разбира, корелацијата за симболот на троглавата ламја и ТРИМЕРИ е можна, но тоа е сепак само хипотетичко прашање. Она што, меѓутоа, е заедничко на сите би можело да се бара и истражува во носиите, во маските, во црвената боја која насекаде доминира итн. итн. Во таа смисла, би можеле за миг да се присетиме и на мистот, посветеникот од ТРЕСКЕЈАТА, кој преку космичките начела, врзувајќи го црвениот колан, ја изговара својата таинствена заклетва.

No comments:

Post a Comment