Прва Клетка на ВМОРО во Кукуш
Кога зборува за своето семејство, топлина и самогордост го проследува раскажувањето на Лика Чопова. Таа раскажува, потврдувајќи ја вонредната меморија, дополнувајќи ги и збогатувајќи ги епизодите со детали што директно не воведуваат во времето за кое станува збор и ни ги прават поблиски луѓето на кои во своите спомени се навраќа таа:
„Татко ми Андон Наков - Чопов е роден во Кукуш во 1865 година. Тој беше син на земјоделецот Нако Чопов. И уште од млади години станал фурнаџија и со тој занает го одгледал многубројното семејство - осумте деца, од кои три умреле млади, а Владимир, Тодор, јас, Туше и Магда пораснавме и, за наша жал, го видовме и доживеавме палењето на Кукуш и раселувањето на кукушани. Владимир, Тодор и Туше му помагаа на татко, продаваа леб, симиди, пити и ѓевреци, а наутро им сервираа појадок на минувачите - Македонци и Турци, пресно млеко и симид.
Во Кукуш мажите во тоа време, таму некаде кон последните години на минатиот век, се собираа во дружини. Татковата дружини се состоеше од 18-мина: Мицо Измирлиев (таткото на Христо Смирненски), Вандо Тодоров, Мицо Грков, Туше Стаменов, Вано Бачваров, Мицо Иванов и други. Честопати, на некој празничен ден, членовите на дружината и нивните семејства се собираа во некоја од куќите и го минуваа времето во пеење на револуционерни песни. Тие пееја тивко, внимателно, за да не ги чујат поробувачите. Татко ми со убав тенор ги пееше песните за Крали Марко, придружувајќи се притоа или со армоника или со кавал. На трпезата на тие седенки секогаш имаше алва, баклава или татлија.
Кога се собраа во нашата куќа, сето внимание на гостите беше свртено кон мајка ми Руша. Таа беше висока, стројна, крупна, лицето и беше украсено со живи кафеави очи, со бисерни заби, со бемка на левата веѓа, со брчка меѓу двете очи која ја одразуваше нејзината храброст и мудрост. Се облекуваше во долг, широк фустан со буфон на раковите, а на главата секогаш имаше свилена шамија орабена со тантели. Кога таа раскажуваше за борбите и за апсењата, белото лице и пламнуваше со некое горчливо руменило. Таа беше првата жена - членка на ВМОРО: вујко Гоце ја организира во април 1895 година, кога од Солун дојде во Кукуш. Тогаш се покрстија и станаа членови на Организацијата и младите Ванчо Бачваров, Вано Тодоров, Гоце Бојаџиев, Г. Думчов (Карчов), Гоце Такеџиев, Г. Андонов, Р. Станишев, Г. Шишков, Иван Измирлиев (татко на Тинка Паница ), Ицо Имов, Кара Вашил, Мицо Грков, Тано Аџиалов, Туше Гугушев, Туше Стаменов, Христо Бучков, Христо Влахов, Христо Делиаџиев, Христо Куслев, Христо Хаџиделев и други. Така се создаде првиот комитет на ВМОРО во Кукуш. Тој почна да работи мошне ентузијазирано: во прво време собра 339 лири, кон 1905 година собра околу 5000 лири, а подоцна собираше пет до шест илјади лири и ги праќаше во Солун до ЦК на ВМОРО.
Дел од раскажувањата на Лика Чопова, внуката на Гоце Делчев. Текстот е извадок од книгата „Огнено семејство“ на Јован Павловски.
Subscribe to:
Post Comments (Atom)
-
Псалм за непостојниот Боли тоа што не постојам Длабоко боли тоа што не постојам Боли главата што ја немам Боли болката во таа глава Б...
-
Црноризец Храбар е анонимен писател во словенската средновековна литература. Некои од славистите сметаат дека позади псевдонимот Црноризец ...
-
1903 година Во четирите горни статији на оваа книга јас сакаф да обрнам погледите на мојите сонародници на нуждата од једно корено измену...
No comments:
Post a Comment