Посебности во националниот идентитет


Меморандум за македонскиот литературен јазик

12 ноември 1902 година


...На ова и на другите прашања може да се одговори само потврдно. Нема сомнение дека особеностите на кој и да е говор, а камоли наречје, мат да бидат воведени во сеопшта потреба во писменоста на определена земја, на определен литературен или научен кружок или дури и во писменоста на одреден народ. Тоа може да се направи несвесно или свесно. Историјата на јазикот ни покажува дека јазикот на спомениците пишувани во различно време, или во едно и исто време, но во различни краишта на една јазична територија не е еднакво, а тоа е затоа што секој писател или пишувач на споменикот несвесно внесе во него особености од својот говор и од своето време. Во овој случај ние гледаме несвесно внесување особености од определен говор во јазикот на писменоста.
Понатаму, спомениците од разни краишта од една и иста епоха ги одразуваат во себе говорите на тие краишта. И од тоа произлегува дека одделните личности од одделните краишта, занимавајќи се со литературна работа, ги внасувале во писмениот јазик особеностите од тие говори. Влијанието на говорите врз литературниот јазик се ограничува само кога по извесни причини некој говор или некое наречје ќе преовлада во литературата на одреден народ или земја. Издигнувањето на определен говор на степен на литературен јазик по извесни причини покажува дека свесно може да му се даде општа литературна употреба на кој и да е говор, ако за тоа постојат достатни услови.
Сега се поставува прашањето: потребно ли е да се создаде посебен македонски литературен јазик при постоење на српскиот и бугарскиот литературен јазик?
Причините за образувањето на мак.лит. јазик се две: 1. при образувањето на српскиот јазик - литературниот - на почетокот на век не им било обрнато внимание на говорите на Ист. Србија, Зап. Бугарија и Македонија, па затоа, со примањето на херцеговинскиот говор како литературен јазик, не биле задоволени потребите на источнобугарскиот литературен јазик, со примањето на источнобугарското наречје за општа литературна употреба, исто така им било обрнато малку внимание на источносрпското, зап. бугарското и на сите македонски наречја.
Едностраноста при образувањата на бугарскиот и српскиот литературен јазик само го помогна расцепкувањето на Словените на Балканскиот Полуостров на 2 лагера што се непријателски помеѓу себе и се борат врз почвата на наречјата што ги соединуваат особеностите како на бугарскиот, така и на српскиот јазик. Меѓутоа, ако при образувањето на едниот или на другиот литературен јазик беше издигнат на степен на литературен јазик еден од централните говори на Балканскиот полуостров, тогаш со самото тоа ќе беше можно да се избегне антагонизмот меѓу Словените од разните краишта на Балканскиот Полуостров и да се обединат во една национално-културна целост. Ние сметаме дека македонските наречја, кои Бугарите изцело ги признаваат за бугарски, Србите за српски, всушност ја претставуваат средината помеѓу говорите на денешна Бугарија и Србија, но не и другите српски области, и како такви, во случај еден од нив да се издигне на степен на литературен јазик, можат да послужат како соединителна алка помеѓу сега непријателските Бугарија и Србија.
Втората причина за издигање на едно од мак. наречја на степен на литературен јазик е неопходноста за отстранување на претензиите на Србија и Бугарија за Македонија, отстранувањето на националните пропаганди што го деморализираа мак. население, обединување на словенскиот елемент во Македонија за да се зачува неговото преовладувачко значење за судбината на Македонија...


Димитрија Чуповски. том I . Скопје, 1978, стр. 180-189. (приредил:Блаже Ристовски)

No comments:

Post a Comment