Димитрија Чуповски, кратко биографско видео

 


Александар Турунџев, кратко биографско видео

 


Пере Тошев, кратко биографско видео

 


Петар Наумов Тошев (1865 - 4 мај 1912) — македонски национален херој, учесник во македонското револуционерно движење, член и раководител на Македонската револуционерна организација, апостол и совеста на револуционерна Македонија[1] и национален херој. Пере Наумов Тошев е роден во 1865 година вo Прилеп, во семејство на богати и видни иселеници од Дебарско. Основното образование го завршил во Прилеп, а потоа продолжил да се школува во Солунската машка гимназија, од каде што во 1884 година, поради бунт бил исклучен со група од 12 ученици, меѓу кои и Ѓорче Петров. Во 1884 година завршил VI клас во Пловдивската гимназија. Истата година, во градот Станимака (Асеновград), Пере Тошев, заедно со Спиро Костов од Велес и Владимир Кусев од Прилеп, организирале револуционерен комитет за ослободување на Македонија и Одринско. Исто така, тој бил учесник во обединувањето на Источна Румелија со Бугариja во 1885 година, каде што со неговата чета учествувал во заземањето на градската пошта во Пловдив. Истата година, тој зел учество во Српско-бугарската војна, како доброволец во бугарската армија во одред од 400 македонски доброволци, под команда на Коста Паница. Нападот на неговиот одред бил заслужен за конечниот исход на битката кај Сливница (во близина на Пирот), при што Србите се повлекле. Во битката Пере Тошев бил ранет, а за покажаната храброст бил одликуван со „Орден за храброст“. Од 1892 до 1901 година учителствувал во гимназиите во Прилеп, Скопје, Битола и Солун, сè до Солунската афера во 1901 година, кога заедно со повеќе истакнати револуционери бил уапсен. Притоа, тој бил осуден на 101 година затвор и бил затворен во Подрум Кале (Бодрум Кале) во Мала Азија, но во 1902 година бил амнестиран. Во 1903 година учествувал во Илинденското востание, каде што раководел со Мариовскиот револуционерен реон. Во 1904 година, по заробувањето на Дамјан Груев од србоманскиот војвода Мицко Крстевски, лично отишол и преговарал со Глигор Соколов (Соколовиќ) Ламев за негово пуштање. По востанието, тој бил еден од главните претставници на Реформската струја и се залагал за широка децентрализација на Организацијата. Исто така, бил делегат на Прилепскиот конгрес во 1904 година, а во 1905 година на Рилскиот конгрес на ВМОРО бил избран за член на Централниот комитет на Организацијата. Од 1910 до 1911 година бил училиштен инспектор на училиштата во Солунскиот округ. Во 1911 година заминал да се лекува во Софија, во клиниката на Стефан Сарафов. На 29 февруари 1912 година ја примил веста за склучувањето сојузен договор меѓу Бугарија и Србија, каде што Македонија била поделена на спорна и беспорна зона. Пере Тошев побарал да биде примен во Народното собрание и ислушан, при што бил уапсен. Скршен од поделбата на Македонија, тргнал за Прилеп кај своите најблиски, но на 4 мај, на патот за Прилеп, во Дреновската Клисура, бил убиен од турска заседа. Откако бил убиен, Турците го исекле на парчиња и го закопале во каналот покрај патот. По пет дена, роднините го нашле телото на Пере Тошев, но Турците им забраниле да го погребаат во Прилеп. Така, под засилен надзор на Турците, Пере Тошев бил погребан во дворот од црквата во село Фариш. Во 1996 година, неговите посмртни останки биле префрлени во дворот на црквата „Свето Благовештение“ во Прилеп.

 

Панко Брашнаров, кратко биографско видео

 


Панко Брашнаров (познат и како Панко Брашнар; 9 август 1883 (нов стил)- 13 јули 1951) — македонски комунист, член на првиот Централен комитет на ВМРО (Обединета) и потпретседател на Президиумот на АСНОМ. Поради поддршка на Резолуцијата на Информбирото е уапсен и испратен на Голи Оток, каде набрзо умира како најстариот затвореник по основа на Информбирото кој починал во затвор. Панко Брашнаров е роден во Велес. Образованието го започнува во родниот град во месната Егзархиска прогимназиja. По завршувањето на прогимназијата, во 1900 година школувањето го продолжува во Машкото педагошко училиште во Скопје.Учителствувањето го започнува во кумановските села каде почнува да ги шири првите револуционерни идеи. По Младотурската револуција зачленува во Народната федеративна партија. Учителствува до почетокот на Балканските војни како егзархиски учител. Уште пред Балканските војни учествува во работата на Социјалистичката организација во Велес која е дел од Македонско-одринската социјалдемократска група на членовите на Бугарската работничка социјалдемократска партија. Соработува во органот на Васил Главинов, „Класно сознание“. По војните во 1914 година пребегал во Бугарија. Завршил Виши педагошки курс на Егзархијата во Пловдив во 1915 година.За време на Првата светска војна станал воjник во Единаесетта пешадиска македонска дивизија на бугарската војска и бил испратен на фронтот кај Дојран. По Првата светска војна, во 1919 година Брашнаров се враќа во Вардарска Македонија. Србите му нудат да работи како учител, но тој одбива. Работил како воденичар, градинар и крчмар. Станува член на Комунистичката партија на Југославија. Во текот на 1920-тите учествува на повеќе конференции и конгреси на КПЈ. Така, во 1920 г. е избран за делегат од велешката партиска организација на Вуковарскиот конгрес; во 1922 г. учествува на Првата земска конференција на КПЈ во Виена; во 1924 г. е делегат на Третата земска конференција на КПЈ во Белград; во 1926 г. учествува на Третиот конгрес на КПЈ во Виена. На основачкиот конгрес на ВМРО (Обединета) во октомври 1925 година е избран за член на нејзиниот прв Централен комитет. Во август 1926 година е уапсен и во април 1927 година е осуден на две-годишна робија. Од затвор излегува во февруари 1928 година. Кон крајот на мај 1929 година, на пат за конгресот на ВМРО (Об.) во Берлин, е уапсен на југословенско-австриската граница. По настанатата голема провала на ВМРО (Об.) во Вардарска Македонија на 5 јули 1929 година, Брашнаров е спроведен назад во Велес. На судењето во јуни 1930 година тој е осуден на пет години робија и доживотно губење на граѓанските права. Затворен е во затворот во Сремска Митровица. По излегувањето од робија, политички се пасивизира. По окупацијата на Македонија од страна на Бугарија во текот на Втората светска војна, Брашнаров бил член на Бугарскиот централен акционен комитет, а потоа повторно станува бугарски учител (бидејќи администрацијата била бугарска). Од 1943 година се поврзува со партизаните. Во мај 1944 година преминува на слободна територија и станува член на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ. Како најстар делегат го отвора Првото заседание на АСНОМ. На него е избран за потпретседател на Президиумот на АСНОМ. На 6 август е избран за повереник за информации во Президиумот на АСНОМ. По ослободувањето на Македонија, на 26 ноември, во ослободеното Скопје, на Првата конференција на Народноослободителниот фронт на Македонија е избран за негов потпретседател. Реизбран е во Президиумот на АСНОМ на Второто заседание на АСНОМ во декември 1944 и на Третото заседание во април 1945 година. Брашнаров е уапсен на 11 декември 1950 година и на 29 јуни 1951 е осуден на „општествено полезна работа во траење од 24 месеци.“ Во првите денови од јули е испратен во логорот на Голи Оток, каде што набрзо, на 13 јули, умира. 60 години не се знаеше каде се погребани неговите посмртни останки. Во септември 2011 година, новинарска екипа на емисијата КОД, составена од новинарите Владимир Тевчев и Александар Кукулев и снимателот Данчо Стефков успеа да го пронајде гробот на Панко Брашнаров. Закопан е на градските гробишта Мирогој во Загреб. Неговите посмртни остатоци доживеале две есхумации. Во 1953, две години по неговата смрт на Голи оток, тој е погребан на загребските гробишта. Во 1971 година е есхумиран во заедничка гробница, во близина на првото гробно место, а во почетокот на осумдесеттите, неговите коски, заедно со коските на уште неколкумина негови современици се преместени на необележана гробна парцела, на крајот на гробиштата.

 

 

Христо Матов, кратко биографско видео

 


Христо Апостолов Матов (Струга, 10 март 1872 - Софија, 10 февруари 1922) — професор, револуционер и еден од идеолозите на Македонската револуционерна организација. Се образувал во машката гимназија „Св.Кирил и Методиј" во Солун и словенска филологија на Софискиот универзитет. Бил професор и директор во Сер и во Скопје. Бил покрстен од Даме Груев и станал член на Организацијата во 1895 година). По Солунската провала (јануари 1901), како член на Централниот комитет на Организацијата, бил заточен во Бодрум Кале. Во периодот 1902–1905 и 1907–1908 бил задграничен претставник во Софија. По Илинденското востание е еден од главните идеолози на Конзервативната струја и се залагал за запазување на стариот централистички принцип. Бил претседател на Ќустендилскиот конгрес во 1908 година. За време на Првата светска војна, заедно со Георги Баждаров во Скопје го издавале весникот Родина. По Првата светска војна се повлекол од политичката активност поради здравствени причини. Автор е на повеќе книги со теоретска, револуционерна, филолошка и литературна содржина. Успешно се занимавал со литературна и со научна дејност, објавувајќи често свои трудови во бугарската периодика под псевдонимот Дримколов. Води остри полемики со Димо Хаџи Димов, Ѓорче Петров и Јане Сандански. Во поезијата остава одвај забележливи траги, иако располагал со творечки нерв, но на револуционерното дело му се посветува без остаток. Автор е на серија впечатливи политички есеи, во кои се разоткрива како непореклив национален мислител. На овие текстови често се потпишува со псевдонимот Брут.

 

Ѓорѓи Сугарев, кратко биографско видео

 


Ѓорѓи Сугарев (1876 - 24 март 1906) бил македонски револуционер, член и војвода на Битолскиот револуционерен округ на Македонската револуционерна организација. Ѓорѓи Сугарев е роден во Битола во 1876 година во семејство од крајно сиромашни родители. Мајка му е Донка Сугарева (1846-1932). Браќата му Христо, Вангел и Михаил емигрираат во САД и активно учествуваат во работата на Македонската патриотска организација. Уште во детските години тој ја почувствувал омразата кон турскиот аскер, а во младинските години таа добила сè поголем размер. Поради големите семејни оскудици Сугарев не успеал да заврши IV клас во Битолската бугарска егзархиска гимназија. Поради тоа, тој ја напуштил гимназијата и ѝ се оддал на учителската кариера, преку којашто успеал да го прави тоа што најмногу му лежи на срце. Тој учителствува во градот Битола, Битолската и Кичевска околија. Во 1901 година, незадоволен од легалната дејност, Сугарев станал четник во демир-хисарската чета на војводата Никола Русински. Истата година, тој бил избран за член на раководното тело на Битолскиот револуционерен округ, и за да може да ја исполнува дадената организациска должност, тој повторно станал учител во Битола. Ја напуштил Битола и со неколкумина другари започнал нелегална дејност во Битолската околија. Сугарев оди секаде каде што се чувствува потреба од неговата организаторска вештина. Тој ги посетил скоро сите села во Демир-хисарско, Кичевско, Ресенско, Крушевско и Поречјето. Сугарев учествувал како делегат на Смилевскиот конгрес во 1903 година, на кој било донесено решение за кревање на вооружено востание во Македонија. Тој бил назначен за горски началник во Битолско. Востанието го затекнало Сугарев во селата околу Битола. Уште од самиот почеток на востанието на 2 август 1903, војводата Сугарев учествувал во заземањето на селата околу Битола. Цели 3 месеци здружените чети под негова команда војувале против многубројниот противник. Водејќи десетици жестоки битки против осмалиската војска, тивкиот, скромниот и секогаш молчеливиот борец создал легенди за него сред локалното население. Тој се претворил во легенда за време на битката кај село Ѓавато, каде што со својата храброст, тој на својот народ му дал пример како се војува за својата земја. По крајот на Илинденското востание, голем број на комити и војводи побегнале во Бугарија. Сугарев бил еден од малкуте раководители кои останале во нивните реони. После востанието, Сугарев најмногу работел на борбата против грчката и српската пропаганда во Македонија. Пролетта на 1906 година, поради појавувањето на грчки андарти во Мариовско, Битолскиот револуционерен округ му наредил на Ѓорѓи Сугарев да оди во Мариово и да се пресмета со непријателските грчки андарти. Во тоа време, Петар Лигушев, началник на Битолската окружна организација, главно поради лични интереси, започнал на битолскиот валија да му предава тајни на комитетот. Така, тој на битолскиот валија му ја предал маршутата на четата на Сугарев која била на пат кон Мариово за пресметка со андартите. Точно кога на утрото на 24 март 1906 година Сугарев пристигал во село Паралово, кон селото се испратила илјадна војска која го опколила селото. Следувала битка, која траела цело попладне. Гледајќи дека нема излез, Ѓорѓи Сугарев ги истрошил сите куршуми, а со последниот се самоубил. Со него загинала и целата негова чета од 21 комита. Според една друга верзија за смртта на Сугарев, која била пренесувана од колено на колено, Сугарев добил писмо од страна на четник во кое пишувало дека тој треба да дојде во Јени Мале во Битола на разговор околу тоа како да се среди ситуацијата во организацијата и поради тоа што не можат да одлучат кој да биде локален војвода, исто така и за да се пресмета со грчките андарти кои наводно започнале сериозно да го повредуваат населението. Писмото било напишано и испратено од Петар Лигушев. Сугарев како задолжен за тие работи се упатил кон тој регион. Во меѓувреме, Лигушев го набедува селскиот поп да му каже на Сугарев кога ќе дојде дека Лигушев ќе го чека кај манастирот, а во исто време им дал до знаење на османлискиот аскер дека четата на Сугарев ќе се појави на тоа место. Сугарев, заедно со својата чета се појавил на договореното место, но бил пресретнат од страна на османлиската полиција. Четата на Сугарев броела 25 луѓе кои тој ги раководел. Нападнати, битката траела скоро цела ноќ. Следниот ден, на местото на настанот биле пронајдени телата на 24 борци. Не било пронајдено телото токму на Сугарев. Ѓорги Сугарев по големата битка со аскерот бил тешко ранет, но не починал. Сугарев успеал да побегне од османлискиот обрач и да се засолни во селото. Тој неколку часа безуспешно барал помош, но наводно и таму бил пресретнат од Лигушев или од Црни Петар, кој пак му го нанел последниот смртоносен удар. Телото на Сугарев ниту пак неговата пушка не се пронајдени до ден денешен. Ниту пак по долго долго пребарување на планинските места бил пронајден трупот негов од страна на Турците.

 

Андон Ќосето, кратко биографско видео

 


Андон Лазов Јанев, познат како Ќосето или Касапот (1855 - 10 септември 1953) — македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење кон крајот на XIX и почетокот на XX век. Својата дејност ја започнал како терорист на Македонската револуционерна организација, а подоцна станува нејзин војвода. Роден во 1855 година во село Голозинци, Велешко. До 16-годишна возраст се занимава со овчарство, заедно со двајцата браќа и двете сестри. Откако неговиот татко е уапсен и одведен во Солун, се преселил во Велес кај својот чичко.