Христо Узунов - кратко биографско видео

 


" Мила моја мајко, Јас сум прв твој син и мој долг е да бидам околу тебе, за да не чувствуваш потреба од ништо. Но, можам ли, кога ги чувствуам болките на нашата измачена Татковина, да не се оддадам со љубов на најверен син на нејзиното свето дело? - Маките на татковината се повеќе од сите страданија на секоја наша мајка. И јас - без ни најмалку да те навредувам - се чувствувам повеќе син на втората моја мајка - Македонија, отколку на тебе, која си ме родила. Те молам - во името пак на моите свети чувства кон тебе - да не жалиш, ни да плачеш за мене. Најдоволен ќе се чувствувам, ако ти со своето држење бидеш за пример на другите мајки и сопруги " Ова се дел од зборовите на големиот македонски револуционер Христо Узунов, како дел од едно од неговите предсмртни писма упатени до неговата мајка. Христо Узунов бил роден и пораснат во Охрид. Своето образование го започнал во родното место, а го продолжил во Солун, каде што и пристапил кон македонската револуционерна организација и раководел со тамошниот револуционерен кружок. По враќањето во родниот крај продолжува да раководи со организацијата во охридско-струшкиот регион, а поради својата активност на двапати е затворан во Битолскиот затвор. Бил еден од најистакнатите учесници во Илинденското востанието, а по неговото завршувањето Христо Узунов заедно со својата чета останал да го штити македонското население. На 24 април 1905 година, заедно со своите соборци од Крушево заминува за село Цер, Кичевско, каде е предаден и опколен од силна турска војска. Во нерамна битка загинуваат неколку блиските соработници на војводата Узунов, а тој гледајќи дека се во безизлезна ситуација и несакајќи живи да се предадат, дава наредба за колективно самоубиство во кое загинува заедно со 11 свои другари. Турската војска откако ги пронашла мртвите тела на револуционерите, во нивна чест испукала почесен плотун како почит кон хероите. Во едно од своите последни писма, Христо Узунов пишува: " Последен пат збогум сестро,..... кажи им на другарите дека славно ќе умрам, зошто смртта е последна кога нема слобода. Нека бидат уверени дека делото ќе победи.....а Македонија ќе роди нови борци. Ние ќе живееме.... во спомените ваши." И навистина, војводата Христо Узунов со својата храброст, големина и чесност, останал длабоко врежан во меморијата на Македонскиот народ, како пример за тоа како се сака, како се работи и како се гине за својата татковина. 

 

 

Васил Чакаларов - кратко биографско видео

 


Васил Чакаларов бил еден од најзначајните војводи на Македонската револуционерна организација и учесник во Илинденското востание. Бил роден на 22 февруари 1874 година во селото Смрдеш, Костурско. Во 1901 година од страна на Организацијата бил назначен за војвода во Костурскиот дел на Македонија. Заедно со останатите костурски раководители и дејци, тој успеал да го претвори Костурско и неговата околија во еден од најдобро организираните реони на Македонската револуционерна организација. Бил познат како одличен организатор за тајно пренесување на оружје и муниција, а имал голема улога и во егзекуцијата на голем број на предавници и шпиони. Освен што се борел против турската војска и башибозук, во својот регион водел постојани борби и против грчките андартски чети кои се обидувале да го зацврстат грчкото влијание меѓу македонскиот народ. За време на Илинденското востание, Чакаларов со својата чета зел активно учество во Костурско каде востанието доживеало најголема масовност. Тој раководел со нападот на турскиот гарнизон во село Вишени, а неговата чета учествувала и во ослободувањето на гратчето Клисура и гратчето Невеска во Егејска Македонија. По Илинденското востание со чета се движел во Костурско, се борел против андартите и против грчката пропаганда. За време на Втората балканска меѓусојузничка војна во јуни 1913 година учествувал во ослободувањето на Кавадарци и Неготино од српската власт, а веќе следниот месец заминал во родниот крај да се бори против грчката војска. Токму тука и загинал. На 9 јули 1913 година во близина на месноста Бел Камен, Леринско, по жестоката престрелка со грчки андарти Чакаларов бил смртно ранет. Васил Чакаларов оставил длабок спомен кај народот кој во него гледал свој заштитник и инспиратор за борбата за ослободување. Што значел Чакаларов за населението, за организацијата, но и за непријателите, говори фактот што по неговото загинување, грчките војници му ја пресекле главата и ја разнесувале низ македонските села со цел да го заплашат македонскиот народ, постојано извикувајќи „ Го нема Чакаларов, ја нема и Македонија "

 

Ѓорче Петров - кратко биографско видео

 


Ѓорче Петров, целосно име Георги Петров Николов, (2 април, 1865, с. Варош, Прилепско - 28 јуни, 1921, Софија, Бугарија) — професор, публицист, историчар, идеолог на Македонската револуционерна организација. Се школувал во Прилеп, Битола, Солун и во Пловдив. Бил учител во Штип (1886-1887). Како учител во Скопје (1888–1891) соработувал со митрополитот Теодосиј Гологанов и ја поддржувал неговата идеја за возобновување на Охридската архиепископија. Бил професор во Битола (1891–1895) и во Егзархиската гимназија во Солун (1895–1897). Основал повеќе револуционерни групи и кружоци на МРО (Штип, Битола, Прилеп, Охрид, Крушево, Кичево, Ресен, Леринско и Костурско). Член на Централен комитет на МРО. Учествувал на Солунскиот конгрес (1896) и бил еден од составувачите на Уставот и на Правилникот на ТМОРО. Ја објавил книгата Материјали по изучувањето на Македонија (Софија, 1896). Корицата на книгата „Материјали по изучувањето на Македонија“ напишана и издадена од Ѓорче Петров во 1896 Бил задграничен претставник на ТМОРО, заедно со Гоце Делчев, во Софија (1897–1901). Учествувал во редактирањето на револуционерниот хектографиран весник На оружје. Во Илинденското востание предводел чета во Прилепско и во Мариовско. По востанието останал во Македонија и работел на обновувањето на организационата мрежа, учествувал на Прилепскиот, Струмичкиот и Рилскиот општ конгрес. На Рилскиот конгрес бил повторно избран за задграничен претставник на Организацијата во Софија. Го редактирал списанието Културно единство (Солун, 1908–1909). Во времето на Балканските војни и на Првата светска војна бил на служба во Серез, Битола и Драма. Член на Привременото претставништво на бившата ВМРО, противник на врховизмот и на делбите на Македонија на Версајската конференција. Убиен по наредба на Тодор Александров.

 

Никола Карев, кратко биографско видео

 


Македонскиот револуционер Никола Карев е роден во 1877 година во Крушево, во мошне сиромашно семејство. Поради сиромаштијата бил принуден да го прекине школувањето и да се вработи како столарски чирак, а на 16 години заминува за Бугарија каде работи во столарската работилница на Васил Главинов. Потоа се враќа во Македонија, каде што се дошколува и станува учител во Битолската гимназија. Во исто време, Карев активно се вклучува во македонската револуционерна организација и станува раководител на Крушевскиот револуционерен комитет. Во пресрет на Илинденското востание, и покрај тоа што бил против негово кревање, сметајќи дека народот сè уште не е доволно подготвен за тоа, по одлуката да се крене востание, зел активно учествува во подготовка и организација на востанието. Спроти Востанието, тој објавува Проглас во кој го повикува народот на востание. "....Браќа, чашата на трпението се прелеа, пламнаа нашите срца и ние, синовите на страдалниот наш народ за да ги исполниме светите завети на нашите дедовци и прадедовци, се органзииравме, дадовме заклетва за верност до смрт и востанавме да и дадеме мир на нашата маченичка мајка Македонија, чија земја е натопена со солзите, потта и крвта на нејзините синови и ќерки и да издвојуваме слобода, леб и човечки правдини..." После ослободувањето на Крушево, Карев бил на чело на новата востаничка власт, поради што и му се припишува функцијата на прв Претседател на македонската република - "Крушевската република ". Никола Карев загинува 2 години после Илинденското востание, во судир со турска војска на 27 април 1905 година во месноста Свиланово. На 50-годишнината од одбележувањето на Илинденското востание, неговите посмртни останки се префрлени во родното Крушево, а на 11 април 1990 година се сместени да почиваат во споменикот "Македониум" со што македонскиот народ достојно се оддолжи на својот голем син, учител и заштитник.

Јане Сандански, кратко биографско видео

 


Јане Сандански, познат како Пиринскиот цар, Сандан-паша и Старикот (18 мај 1872 - 22 април 1915) — македонски национален херој, војвода и водач на Македонската револуционерна организација. Роден е во селото Влахи, Пиринска Македонија, во семејството на Иван Сандански. Во текот Руско-турската војна од 1877 година, неговите родители и соселани биле принудени да избегаат во Горна Џумаја. Знаменосец на една од македонските чети кои во Кресненското востание, бил неговиот татко. По задушувањето на востанието, семејството Сандански се засолнало во Дупница, каде што го минал детството. Завршил основно училиште и два класа од прогимназијата, подоцна станал кондураџиски чирак и му помагал на својот татко во полските работи. Во 1892 година, бил регрутиран во бугарската армија. По завршувањето на воената служба станал молбописец, кај својот чичко Спас Харизанов, адвокат и поранешен македонски учител. Во април 1901 година, за првпат, со 8-члена чета агитирал во името на Организацијата. Истата година, Сандански и Чернопеев во Разлошко, решиле да го грабнат д-р Хаус, протестантски мисионер од Солун. Меѓутоа тој го одложил патувањето и затоа тие решиле да ја киднапираат протестантската мисионерка Мис Стон која се наоѓала во Банско. Целата акција се усложнила и траела шест месеци. На 31 јануари 1902 бил платен откупот, а 23 февруари 1902 година грабнатите биле ослободени од Андон Ќосето во село Градошорци. Внатрешната организација презела енергични мерки против врховистичката агитација. На Крстовден, 27 септември здружените сили на Јане Сандански и Цончев се нашле пред Свети Врач со намера да го нападнат турскиот гарнизон. Меѓутоа тие биле следени од аскер и башибозук од 2.000 души и затоа се утврдиле за да започнат битка. Но одредот на Сандански и Цончев бил обиколен од сите страни и затоа ноќта се повлекле. Планот за напад на гарнизонот во Свети Врач пропаднал, Сандански се повлекол кон Кресна. По востанието во Софија се одржале првите повостанички советувања на Организацијата. На овие советувања дошло до оформување на две гледишта, од кои подоцна ќе произлезат две струи. Кризата и поделбите кој се појавиле по Илинденското востание, во текот на 1904 и 1905 година се продлабочиле. Во април 1905 година, здружените врховистички чети под команда на капетанот го започнале походот во Мелничко. Но врховистите биле начекани во заседа од Сандански. Во престрелката загинале 7 врховисти, а 6 биле ранети. Во текот на Рилскиот конгрес, истакнал дека во минатото сите грешеле, дека е потребно сплотување и помирување. Во летото 1906 година започнале подготовките за Вториот редовен конгрес, меѓутоа тој пропаднал. На 28 ноември 1907 година, по наредба на Сандански, Тодор Паница ги убива Борис Сарафов и Иван Гарванов. По ликвидацијата, бугарските судови ги осудиле на смрт Сандански и Паница, откако ги прогласиле за разбојници. Во втората половина на мај 1908 година се одржал Мајскиот конгрес, каде било решено да се формира нова организација под името Македоно-одринска револуционерна организација. Во јулските денови на 1908 година, приврзаниците на Јане се легализирале и влегле во градовите каде што биле пречекани од младотурските комитети со свечени собири и масовно учество на населението. Јане најпрво влегол во Неврокоп, каде што од балконот на општинската заграда одржал револуционерен говор пред околу 15.000 луѓе. На 15 јули 1908 година, Јане со воз пристигнал во Солун. На железничката станица бил пречекан од специјална младотурска делегација предводена од Енвер Беј, а на 18 јули 1908 година, Јане излегол со познатиот Манифест до сите народности во империјата. Во последните денови на октомври 1912 година, уште пред доаѓањето на силите на Седмата бугарска дивизија, четата на Сандански, во содејство со востанатите селани, организирани и вооружени како селска милиција под раководство на Сандански, по кратка борба со османлискиот аскер, на 27 октомври 1912 година го ослободите Мелник. Триста четници од одредот на Јане Сандански, во содејство со бугарската коњичка група на мајорот Цонев, на 8 ноември 1912 година, влегле во Солун, пред влегувањето на главнината на бугарската војска. По Балканските војни, се вклучил во политичкиот живот на Царството Бугарија. Во јули 1914 година, по иницијатива на Демократската партија, Народното собрание го изгласал т.н. Законот за простување на македонските револуционери. Во есента 1914 година, во полниот разгор на австриско-српскиот судир, Сандански и неговите соборци решиле да се организираат преку собирање на свои приврзаници и евентуални сојузници за борба против политиката на Фердинанд, меѓутоа заговорот пропаднал. По неуспешната акција, западнал во разочараност и се вратил во својот манастир кај Мелник. На 10 април, кај месноста Блатата, била поставена заседа во која бил убиен. Јаневото тело било пронајдено од еден караван, по што било пренесено во Роженскиот манастир. Неговите останки се наоѓаат во црквата Св. Св. Кирил и Методиј.

 

Дамјан Груев, кратко биографско видео

 


Гоце Делчев, кратко биографско видео

 

Ѓорѓи Николов Делчев, попознат како Гоце Делчев (Кукуш, 4 февруари 1872 - Баница, 4 мај 1903) — македонски национален херој, учесник во македонското револуционерно движење, деец на Македонската револуционерна организација, апостол и срцето на револуционерна Македонија, идеолог, организатор и водач на македонското револуционерно националноослободително движење кон крајот на XIX и почетокот на XX век.[6] Во Бугарија исто така му оддаваат почит на Делчев како национален херој. Се школувал во Кукуш, каде што завршил прогимназиско образование (1879– 1887), во Солун, во Солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“ каде што раководел таен ученички револуционерен кружок, и во Софија во Военото училиште (1891–1894). Се вратил во Македонија (1894) и во Штип бил учител во Ново Село. Тука се сретнал со Даме Груев и се вклучил во раководењето на Mакедонска револуционерна организација. Тој ја проширил мрежата на Организацијата (пролетта 1895 г.) и преку Виница организирал тајни канали. Во Солун учествувал на советувањето со водечките личности на Организацијата: Даме Груев, Пере Тошев и др. за заземање став кон Македонскиот комитет основан во Софија. Во септември бил назначен за директор на училиштето во Штип. Пред крајот на декември 1895 г. Делчев ополномоштен од ЦК на МРО, отпатувал во Софија на разговори со Македонскиот комитет и неговиот придонес кон македонското дело, меѓутоа разговорите биле неуспешни. Организирал пунктови на МРО во Ќустендил и во Дупница (во почетокот на 1896), а во февруари во Штип организирал протестна демонстрација против власта. Учествувал на Солунскиот конгрес на кој била усвоена нова идеологија и стратегија во дејствувањето. Со Ѓорче Петров ги изработиле новиот Устав и Правилник на Организацијата. Во текот на Доневата афера поради недостаток на докази бил ослободен, меѓутоа во мај повторно бил уапсен и спроведен во Скопје каде што бил затворен во Куршумли-ан, но повторно бил ослободен. Сепак аферата го свртела вниманието на турските власти кон Делчев. Во септември бил назначен за главен учител (директор) во Банско од каде што ја продолжил дејноста за ширење на мрежата на Револуционерната организација. Се откажал од учителската должност и целосно се посветил на македонското ослободително дело. Ја презел должноста на задграничен претставник на МРО во Софија. Со писмо до католичкиот надбискуп во Пловдив, Менини на Ватикан му ја претставил целта на македонската борба: да се исправи неправедното решение на Берлинскиот договор за Македонија и за добивање полна политичка автономија. По Солунската афера, Делчев и Ѓорче Петров, како задгранични претставници, ги презеле надлежностите на Централниот комитет. По добиеното известување за апсењето на членовите на ЦК во Солун, со Ѓорче Петров во средината на март издале инструктивно писмо до окружните, до околиските и до селските комитети, како и до војводите на четите, за продолжување на дејствувањето според постојната програма. Делчев бил посветен на функционирањето на тајните канали, курирската служба, тајната пошта, обезбедувањето материјални средства и снабдувањето на Организацијата со оружје, со муниција, со револуционерна литература и со весници. Организирал производство на бомби и експлозиви во с. Саблер (Ќустендилско), Бургас, Пловдив, а потоа и на Св. Гора (меѓу Зографскиот манастир и Хиландар). Тој е основач на Четничкиот институт и творец и воспитувач на првите организациско-агитациони чети и војводи. Заедно со Ѓорче Петров изработиле Правилник за четите. Со формирањето на селската милиција била доградена четничката организација, која непосредно ја раководел Делчев, со статус на главен ревизор. Револуционерната организација ја презела на дело судската и извршната власт. Дејствувала тајна македонска држава во Османлиската Империја. За зацврстување на редовите во Организацијата Делчев извршил неколку инструктивни обиколки. Во зимата на 1900 година тој ги обиколил комитетите во Одринско, со цел подобра координација меѓу македонските и тракиските револуционери. Од август 1901 до март 1902 година Делчев ги обиколил и комитетите во централниот и во западниот дел од Македонија. Тој исто така го предводел конгресот на Одринскиот револуционерен округ одржан во Пловдив, во април 1902 година, а потоа Делчев презел обиколка и во централните Родопи. На крајот од септември жестоко го осудил Горноџумајското востание. Делчев го отфрлил решението на Солунскиот конгрес од 1903 година за кревање востание и со чета заминал во внатрешноста на Македонија со раководните кадри да издејствува повлекување на решението за масовно востание. Во април, во Солун се сретнал со Даме Груев, кој штотуку се вратил од заточение, двајцата се договориле востанието да се води со засилени четнички дејствија и терористички акции. Од Солун се упатил за Серско на закажаниот конгрес на Серскиот револуционерен округ. Пристигнал во селото Баница, Серско на 3 мај. Војската го опколила селото и во борбата утрото загинал Делчев, бескомпромисниот борец за самостојна македонска држава.