8 септември 1991, Ден на независноста на Република Македонија
Ден на независноста на Македонија — државен празник кој се празнува во Македонија на 8 септември. Празникот популарно е наречен и 8-ми Септември. Празникот ја означува сувереноста, независноста и самостојноста на Македонија и македонскиот народ. Референдумот во Македонија се одржал во предвечерјето на распадот на СФРЈ на 8 септември 1991 г. Врз основа на плебисцитот од декември 1990 година на кој словенечкиот народ со уверливо мнозинство се определил за градење суверена држава и Декларацијата за независност, на 24 јуни следната година Словенија прогласила независност. Веднаш по тој чин дошло до оружени конфликти меѓу ЈНА и словенечката територијална одбрана. Воениот судир завршил за триесетина дена со Брионската декларација и повлекување на единиците на ЈНА од Словенија во Србија и во БиХ. Истиот ден заедно со Словенија, врз основа на одлука на Соборот независност прогласила и Хрватска. На 6 мај избиле нереди, а потоа дошло и до престрелки во и околу поморската база „Лора“ во Сплит. Прва жртва на немирите бил војникот Сашо Гешковски од Кавадарци, кој извршувал стражарска служба. Сплитските настани биле почеток на зачестените инциденти и оружени пресметки меѓу силите на Југословенската народна армија и Хрватската национална гарда кои потоа добивале сè повеќе на интензитет, се прошириле и пераснале во отворен оружен конфликт. Тоа создало и хаотична состојба и во БиХ со прогласувањето на Источна Херцеговина, областа Романија и Босанската Краина за Српски автономни области кои се ставиле под директна јурисдикција на сојузната власт, односно на раководството во Србија. Со цел мирно решавање на кризата, на 27 август Eвропската заедница ја донела Декларацијата за Југославија. Биле потпишани и два документа - Спогодба за прекин на огнот, една од многуте безуспешни што потоа ќе следат и Меморандум за проширување на посматрачките активности на ЕЗ во Југославија со кои се операционализираше Декларацијата. Оригиналната страница на Декларацијата за прогласување на Независност Потпис на Декларацијата ставиле тогашниот претседател на претседателството на СФРЈ Стипе Месиќ, од име на Сојузниот извршен совет Анте Марковиќ, како и претседателите на сите шест републики. Од името на ЕЗ Декларацијата ја потпиша Ханс Ван ден Брук, претседател на Министерскиот совет и шеф на дипломаријата на Холандија, која тогаш претседаваше со Заедницата. Со Декларацијата се гарантираше неповредивост на надворешните и внатрешните граници, право на изјаснување на народите за сопствениот суверенитет, негирање на употребата насила како политика на свршен чин, а во спротивно се предвидуваа ригорозни санкции. ЕЗ како последен обид да ја спречи граѓанската војна која се наѕирала од развојот на југословенската криза, на 7 септември во Хаг организира Мировна конфренција за Југославија. Согледувајќи ја состојбата во Југославија, првиот повеќепартиски македонски парламент ја усвоил Декларацијата за независност на 25 јануари 1991 година. По што следуваше и одлуката за распишување на референдум на 8 септември 1991. На 8 септември 1991 година убедливо мнозинство - 95% од граѓаните што излегоа на референдумот, позитивно одговорија на референдумско прашање: „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“? На гласањето, според официјалните податоци, од 1.495.626 гласачи излегле 1.132.981 граѓанин со право на глас или 71,85 отсто, а од вкупниот број граѓани кои гласале на Референдумот позитивно се изјасниле 1.079.308 граѓани односно 95,09 отсто (односно 72,16 % од вкупниот број на граѓани со право на глас). Резултатите само по себе говорат за успешноста на Референдумот. Во официјалниот извештај на Комисијата за спроведување на Референдумот се вели дека за начинот на кој беше спроведен не беа поднесени приговори или жалби поради неправилности или повреди на одредбите на Законот за републички Референдум. Комисијата ја констатирала масовноста на граѓаните со право на глас во Македонија кои се изјасниле "за" самостојна и суверена Македонија. На референдумот му претходела Декларација за независност што првиот повеќепартиски Македонски парламент ја усвоила на 25 јануари 1991 година. Македонците самите резултати ги прифатиле со голем оптимизам и еуфорија. Истотака и високите функционери се големи оптимисти.
Крале Марко, кратко биографско видео
Крале Марко (околу 1335 - 17 мај 1395) — последниот крал што владеел со поголемиот дел од Македонија пред повеќевековната власт на турските султани. Истовремено, тој е најпознатиот јунак на епското народно творештво, не само на Македонците, туку и пошироко. Кралството на Марко било со средиште во Македонија, со Прилеп како главен град. Крал Марко бил еден од четирите синови на кралот Волкашин и неговата сопруга Евросима (Елена). Освен браќата Андреаш, Иваниш и Димитри, Марко имал и сестри: Оливера, Милица, а во усните преданија се спомнуваат и Марија, Угра, Кита, Ѕвезда, Дева, Вида, Угра, Шаина и Беда. Марко имал две сопруги, Елена и Теодора, но не е познато дали имал наследник. За потеклото на фамилијата Мрњавчевиќ нема сигурни сознанија, бидејќи современите пишувани извори не даваат податоци за тоа. Најстари податоци за ова семејство дал дубровничкиот писател Мавро Орбини од XVII век. Според него, тие потекнувале од Ливно, во Херцеговина, од сиромашниот владетел Мрњава, кого царот Душан (1346-1355) го повикал на својот двор и многу го издигнал. Врз основа на ваквото пишување на Орбини прифатено е презимето Мрњавчевиќ за оваа фамилија и како такво одамна е востановено во литературата. За време на владеењето на неговиот татко, Марко ја имал титулата “млад крал“, односно престолонаследник. Во Маричката битка во 1371 год., Марко не учествувал во бојот, туку останал да управува со територијата на земјите на неговиот татко и на чичко му. По неа и по смртта на браќата Мрњавчеви, тој станал крал и формално-правно совладетел на царот Урош. Според некои научници, тој бил и единствениот легитимен наследник на Душановото царство, по смртта на Урош и замирањето на династијата Немањиќи. Но, владеењето на кралот Марко се соочувало со постојани притисоци, како од страна на српските големци, така и од страна на Турците, кои постепено завладувале со Балканот. Набргу, некои територии му биле одземени од кнезот Лазар, Никола Алтомановиќ, Балша и Турците. Тоа било време кога многу од владетелите склучувале мир со Османлиите, станувајќи нивни вазали. Така, и Марко ја признал врховната власт на Мурат I, се обврзал да му плаќа данок и да ѝ служи на турската војска во нејзините воени походи.
11 Октомври 1941, ден на македонската антифашистичка борба
Ден на востанието на Македонија или Ден на народното востание на македонскиот народ познат и само како 11 Октомври — државен празник кој се празнува на 11 октомври во Македонија. Востанието е против фашизмот и со тоа започнува борбата за ослободување на македонскиот народ. Тоа е важен меѓник во борбата за самобитност и самостојност на македонскиот народ. Со својата вооружена борба, Македонија не станала квислиншка територија, туку, напротив, жешко подрачје за окупаторот и дала свој придонес во победата над фашизмот во Втората светска војна. По фашистичката агресија и окупацијата на Југославија во 1941 година, Македонија повторно е поделена, овојпат помеѓу италијанскиот и бугарскиот окупатор. И пред 11 октомври 1941 година доаѓа до вооружен отпор против окупаторот. Така, на 8 септември Лазо Колевски убива бугарски стражар кај Богомилскиот тунел, истиот ден во Скопје Боро Петрушевски убива бугарски војник, на 7 октомври во Скопје е извршен обид за убиство на агентот Мане Мачков, во кој загинува Благоја Деспотовски - Шовељ, а на 8 октомври Трајко Бошкоски - Тарцан, пробивајќи се низ непријателскиот обрач во Прилеп, убива еден непријателски полицаец. Сепак, за почеток на востанието против фашизмот во Македонија се смета нападот кој Прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“ го извршува во Прилеп на 11 октомври 1941 година. Во нападот учествуваат 16 партизани, распределени во три групи. Првата го напаѓа бугарскиот полициски участок, втората - затворот, а третата има задача да ги прекине телефонските врски и електричната инсталација. Во првата група учествуваат: Аспарух Јосифоски (командир), Душко Наумоски, Блаже Спиркоски, Милан Димоски и Драган Спиркоски. Во втората група биле: Никола Попоски (командир), Мице Козар, Пецо Крстески, Јонче Јанески, Благоја Корубин и Душко Ристески. Во третата група биле: Мице Димески (командир), Крсте Црвенковски, Коле Чашуле, Киро Ќососки и Киро Базеркоски. Помеѓу партизаните немало загинати, а бил убиен еден стражар од участокот во Прилеп од Душко Наумоски. Татко му на Наумоски бил пријател на стражарот Петар Колев, кој бил местен човек од Смилево, мобилизиран. Душко го искористил ова па се приближил и го убил. Дејствија има и во Кумановско. На 12 октомври 1941 година, во областа Студена вода е формиран Кумановскиот (Козјачки) партизански одред, а во областа Менкова колиба Карадачкиот партизански одред. При првите судири со бугарската војска овие партизански одреди биле разбиени. Карадачкиот одред е разбиен на 14 октомври, а Козјачкиот одред - на 17 октомври. Скопскиот партизански одред, формиран веќе во август, не зема учество во овие настани, бидејќи борците не биле известени. Иако активноста на овие први партизански одреди е скромна, таа претставува иницијална каписла за продолжување на борбата. Поради самиот факт дека се работи за голем настан од Македонската историја, низ државата се организираат разни свечености и прослави. Традиционално се одржуваат свечени концерти. Повеќе делегации од Македонското Собрание положуваат цвеќе на гробот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов-Ченто, во Паркот на Револуцијата во Прилеп, како и на Спомен-костурницата на паднатите борци од народноослободителната борба во Куманово. Во Прилеп секоја вечер спроти празникот се одржува традиционалниот импровизиран напад на градот како потсетување на историските настани од предвечерјето на 11 октомври 1941 година. Во Прилеп постои и Меморијален музеј „11 октомври“ во кои се изложени неколку стотици фотографии и значајни документи од народно-ослободителната борба. Прилепскиот градски оркестар организира маршрута од центарот на градот кон Могилата на непобедените. Каде покрај движечкиот оркестар се организира и спектакуларен огномет. Посебна важност има и свечено положување цвеќе на Партизанските гробишта во Скопје од страна на повеќе делегации на Владата, на Собранието, на Претседателот на Македонија, на Главниот одбор на Сојузот на борци на Македонија, делегација на Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата и на Град Скопје. Не изостанува и редовната свечена академија и обраќање на повеќе македонски државници и поранешни партизани во Домот на АРМ во Скопје. Исто така се изведуваат и крводарителски акции.
Никола Петров Русински - кратко биографско видео
Никола Петров е роден на 21 ноември 1875 година во селото Русиново, Малешевско. Со гимназиско образование се стекнува во Кочани. Во периодот од 1893 до 1895 престојува во Цариград, каде се образува и станува близок на социјалистичките идеи, а од септември 1895 до март 1897 година учи во подофицерското училиште во Софија. Во 1895 година се вклучил во редовите на Македонската организација и учествува во акции на четите. Во текот на школувањето во офицерската школа, Никола Петров-Русински се запознал со Гоце Делчев кој го вклучува во Македонската Револуционерна Организација. Во 1897 година, Русински станал четник во првата чета на ТМОРО во Малешевијата, предводена од војводата Васил Чочов. Истата година учествува во киднапирањето на Назлим бег кое го раководел Гоце Делчев, а подоцна се приклучил во четата на Гоце Делчев. Во 1898 година, Никола Петров-Русински се запознал со Васил Главинов, кој во Софија ја формирал Македонско-одринска социјалдемократска група. Русински како социјалист, се вклучува кон групата, во која членуваат Велко Марков, Никола Карев, Димо Хаџи Димов, Лазар Главинов и др. Тргнувајќи од ставот дека без национално ослободување нема ни економска слобода, социјалистите меѓу кои и Русински се залагаат за ослободување на Македонија и ги издигаат слоганите „Македонија за Македонците“ и „Ослободувањето на Македонија е работа на Македонците“. Во таа насока, социјалистите имаат контакти со ТМОРО со која се сложуваат за вооружено ослободување на Македонија и создавање на автономна македонска република со сопствени сили. Тие настапуваат отворено и се спротивставуваат на тврдиот централизам и идејната затвореност на Организацијата. Но, Делчев и Русински имаат голема улога во вклучувањето на голем дел од социјалистите во Организацијата. Никола Русински кој бил испратен од Г. Делчев да го организира Битолскиот револуционерен округ, на 3 јули во 1900 година учествувал на Првата социјалистичка конференција во Македонија одржана во близина на Крушево. Свесни дека можат да имаат влијание доколку и самите се вклучат во редовите на Организацијата, по одржаната конференција во Крушево, социјалистичката група ги доставува предлозите до Окружниот комитет во Битола кој ги прифаќа и им доделува одредени клучни места (војводско место, инспектор на четите). По влегувањето на социјалистите во редовите на ТМОРО, Русински станува истакнат организатор и војвода на чета. Спроведувајќи ги доверените задачи тој до август 1901 година ја развива борбената подготвеност на четите во Демирхисарско, Крушевско, Кичевско, Потоа од август до ноември 1901 година работи на подготовка на четите во Прилепско, Охридско и Струшко од ноември 1901 до декември 1902 година, а Битолско поле и Мариово до 1903 година. Во четата на Русински како подвојводи во своите реони дејствуваат Јордан Пиперката, Веле Марков, Ѓурчин Наумов – Пљакот, Ванчо Србаков, Ѓорѓи Сугарев, Тале Христов и други. Никола Русински присуствувал на Смилевскиот конгрес. Иако како и неговиот пријател Делчев бил за партизанското војување и против кревање на масовно востание, бидејќи четите и населението не биле доволно подготвени за напад врз сите линии на непријателот, тој ги прифаќа одлуките донесени на Смилевскиот конгрес. Русински бил избран заедно со Петар Ацев, Тале Христов, Јордан Тренков и Георги Пешков за член на штабот на Прилепското горско начелство (за Мариовско). Во текот на Илинденското востание 1903 година, Никола Русински чиј помошник војвода е Тодор Златков, командува и со леринските чети, кои се засолнуваат во Мариовско, откако се извлекле од тешката ситуација во Леринскиот реон. По Младотурската револуција во 1908 година Никола Русински живее во Битола, посветувајќи се на социјалистичката идеја и синдикалното движење. Зел учество во Балканската војна, а по војната бил кандидат за парламентарните избори во Пиринска Македонија. Но, набрзо потоа, со почетокот на Првата Светска Војна Русински бил мобилизиран. Меѓу двете светски војни Никола Русински доживува лична драма. По долго боледување му починале сопругата и двете ќерки. По семејната трагедија, тој потполно се посветил на социјалистичката кауза. Во времето на фашизмот во Бугарија, учествувал во антифашистичкото движење и ги криел комунистичките илегалци. Никола Русински умира во крајна беда на 14 јуни 1942 година во Софија. Автор е на книгата „Придонес кон историјата на Внатрешната Македонско - Одринска Револуционерна Организација - за времето 1900 - 1903“, објавена во 1936 година.
Петар Чаулев, кратко биографско видео
Петар Чаулев е роден во 1880 година во Охрид. Неговото семејство потекнува од Албанија откаде дошле и се претопиле во мнозинското македонско население. Завршил гимназија во Битола, каде учествувал во работата на Ученички револуционерни кружоци. Учителствувајќи во Охрид, Чаулев во исто време станал секретар на организационите чети во Охридско. Како војвода на чета и раководител на Охридскиот револуционерен комитет, за време на Илинденското востание учествувал во востаничките борби во Охридско и Кичевско. Во 1911 год. заедно со Тодор Александров и Христо Чернопеев станува член на ЦК на обновената ВМРО. За време на Балканските војни зема активно учество во борбите за ослободување на Македонија. Петар Чаулев е учесник во Тиквешкото востание од јуни 1913 година кога биле ослободени Кавадарци и Неготино, а два месеци подоцна Чаулев се јавува како еден од водачите на (Македонско-албанскиот бунт)Охридско-дебарското востание од 1913 година кое завршило неуспешно. По неуспехот на востанието бега во Албанија, но во 1915 година повторно доаѓа во родниот Охрид каде за време на Првата светска војна бил околиски началник на градот. По првата светска војна одново е член на ЦК на Организацијата, а на 6 мај 1924 година, заедно со Тодор Александров и Александар Протогеров, го потпишал Мајскиот манифест на ВМРО, за обединување на сите револуционерни сили на македонското националноослободително дело. Поради несогласување помеѓу дел од членовите на ЦК Чаулев доаѓа во судир со нив и пребегнува во Италија. Неговиот бурен живот завршува кратко потоа кога на 23 декември 1924 година умира во Милано, Италија.
Христо Татарчев, кратко биографско видео
Христо Татарчев е еден од основачите на Македонската револуционерна организација и прв претседател на нејзиниот Централниот комитет. Роден е во градот Ресен и по професија бил лекар. Уште од млади години го чувствувал тешкиот живот на сопствениот народ и бил сведок на низа настани кои му останале во сеќавање и го предодредиле неговото подоцнежно активирање во револуционерната дејност за ослободување на Македонија. Есента 1892 година Татарчев се вработил како лекар во Солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј". Во текот на следната година Татарчев посетил неколку градови во Македонија со цел подобро да се запознае со состојбите во земјата. По оваа обиколка кај него се развива идејата за формирање на револуционерна организација која може да ја ослободи земјата и да ги пресече туѓите пропаганди во Македонија. Во август 1893 година барајќи медицинска помош кај него дошол Даме Груев и по нивното запознавање тие почнале почесто да комуницираат и отворено да разговараат како да се подобри состојбата на народот. На 23 октомври (стар стил)1893 година, Христо Татарчев заедно со Даме Груев, Иван Хаџи Николов, Антон Димитров, Петар Поп Арсов, и Христо Батанџиев ја формирале Македонската револуционерна организација. ".......Голем дел од народот помина низ какви не морални и физички мачења и лежеше по затворите, без да се издаде револуционерната тајна. И само при таква револуционерна вознес, беа возможни оние возвишени легендарни подвизи на храброст и саможртва на македонскиот борец. Тој импулсиран од волја на натчовечко суштество, во борбата со непријателот, го задржуваше последниот куршум за да си го забие во својот череп, или пак се искачуваше на бесилката со песната, „да живее слободна Македонија"........" По неколку години револуционерна дејност, на 25 јануари 1901 година, за време на таканаречената „Солунска провала", заедно со неколку свои другари Татарчев бил уапсен од турските власи и осуден на доживотен затвор во Подрум-кале. Наредната година е помилуван со уредба на султанот. Татарчев активно се залагал за кревање на Илинденското востание иако имал забелешки за начинот на кој била донесена одлуката за негово кревање. По неуспехот на востанието, Татарчев се јавува како еден од поддржувачите на десната струја на ВМРО. По несогласувањата со Тодор Александров, Татарчев се преселува во Торино од каде што останал активен пишувајќи многу статии за Македонија. Починал далеку од родната Македонија, на 5 јануари 1952 година во Торино, Италија, со единствена желба неговото тело еден ден да биде погребано во главниот град на слободната татковина.
Пере Тошев, кратко биографско видео
Петар Наумов Тошев (1865 - 4 мај 1912) — македонски национален херој, учесник во македонското револуционерно движење, член и раководител на Македонската револуционерна организација, апостол и совеста на револуционерна Македонија[1] и национален херој. Пере Наумов Тошев е роден во 1865 година вo Прилеп, во семејство на богати и видни иселеници од Дебарско. Основното образование го завршил во Прилеп, а потоа продолжил да се школува во Солунската машка гимназија, од каде што во 1884 година, поради бунт бил исклучен со група од 12 ученици, меѓу кои и Ѓорче Петров. Во 1884 година завршил VI клас во Пловдивската гимназија. Истата година, во градот Станимака (Асеновград), Пере Тошев, заедно со Спиро Костов од Велес и Владимир Кусев од Прилеп, организирале револуционерен комитет за ослободување на Македонија и Одринско. Исто така, тој бил учесник во обединувањето на Источна Румелија со Бугариja во 1885 година, каде што со неговата чета учествувал во заземањето на градската пошта во Пловдив. Истата година, тој зел учество во Српско-бугарската војна, како доброволец во бугарската армија во одред од 400 македонски доброволци, под команда на Коста Паница. Нападот на неговиот одред бил заслужен за конечниот исход на битката кај Сливница (во близина на Пирот), при што Србите се повлекле. Во битката Пере Тошев бил ранет, а за покажаната храброст бил одликуван со „Орден за храброст“. Од 1892 до 1901 година учителствувал во гимназиите во Прилеп, Скопје, Битола и Солун, сè до Солунската афера во 1901 година, кога заедно со повеќе истакнати револуционери бил уапсен. Притоа, тој бил осуден на 101 година затвор и бил затворен во Подрум Кале (Бодрум Кале) во Мала Азија, но во 1902 година бил амнестиран. Во 1903 година учествувал во Илинденското востание, каде што раководел со Мариовскиот револуционерен реон. Во 1904 година, по заробувањето на Дамјан Груев од србоманскиот војвода Мицко Крстевски, лично отишол и преговарал со Глигор Соколов (Соколовиќ) Ламев за негово пуштање. По востанието, тој бил еден од главните претставници на Реформската струја и се залагал за широка децентрализација на Организацијата. Исто така, бил делегат на Прилепскиот конгрес во 1904 година, а во 1905 година на Рилскиот конгрес на ВМОРО бил избран за член на Централниот комитет на Организацијата. Од 1910 до 1911 година бил училиштен инспектор на училиштата во Солунскиот округ. Во 1911 година заминал да се лекува во Софија, во клиниката на Стефан Сарафов. На 29 февруари 1912 година ја примил веста за склучувањето сојузен договор меѓу Бугарија и Србија, каде што Македонија била поделена на спорна и беспорна зона. Пере Тошев побарал да биде примен во Народното собрание и ислушан, при што бил уапсен. Скршен од поделбата на Македонија, тргнал за Прилеп кај своите најблиски, но на 4 мај, на патот за Прилеп, во Дреновската Клисура, бил убиен од турска заседа. Откако бил убиен, Турците го исекле на парчиња и го закопале во каналот покрај патот. По пет дена, роднините го нашле телото на Пере Тошев, но Турците им забраниле да го погребаат во Прилеп. Така, под засилен надзор на Турците, Пере Тошев бил погребан во дворот од црквата во село Фариш. Во 1996 година, неговите посмртни останки биле префрлени во дворот на црквата „Свето Благовештение“ во Прилеп.
Панко Брашнаров, кратко биографско видео
Панко Брашнаров (познат и како Панко Брашнар; 9 август 1883 (нов стил)- 13 јули 1951) — македонски комунист, член на првиот Централен комитет на ВМРО (Обединета) и потпретседател на Президиумот на АСНОМ. Поради поддршка на Резолуцијата на Информбирото е уапсен и испратен на Голи Оток, каде набрзо умира како најстариот затвореник по основа на Информбирото кој починал во затвор. Панко Брашнаров е роден во Велес. Образованието го започнува во родниот град во месната Егзархиска прогимназиja. По завршувањето на прогимназијата, во 1900 година школувањето го продолжува во Машкото педагошко училиште во Скопје.Учителствувањето го започнува во кумановските села каде почнува да ги шири првите револуционерни идеи. По Младотурската револуција зачленува во Народната федеративна партија. Учителствува до почетокот на Балканските војни како егзархиски учител. Уште пред Балканските војни учествува во работата на Социјалистичката организација во Велес која е дел од Македонско-одринската социјалдемократска група на членовите на Бугарската работничка социјалдемократска партија. Соработува во органот на Васил Главинов, „Класно сознание“. По војните во 1914 година пребегал во Бугарија. Завршил Виши педагошки курс на Егзархијата во Пловдив во 1915 година.За време на Првата светска војна станал воjник во Единаесетта пешадиска македонска дивизија на бугарската војска и бил испратен на фронтот кај Дојран. По Првата светска војна, во 1919 година Брашнаров се враќа во Вардарска Македонија. Србите му нудат да работи како учител, но тој одбива. Работил како воденичар, градинар и крчмар. Станува член на Комунистичката партија на Југославија. Во текот на 1920-тите учествува на повеќе конференции и конгреси на КПЈ. Така, во 1920 г. е избран за делегат од велешката партиска организација на Вуковарскиот конгрес; во 1922 г. учествува на Првата земска конференција на КПЈ во Виена; во 1924 г. е делегат на Третата земска конференција на КПЈ во Белград; во 1926 г. учествува на Третиот конгрес на КПЈ во Виена. На основачкиот конгрес на ВМРО (Обединета) во октомври 1925 година е избран за член на нејзиниот прв Централен комитет. Во август 1926 година е уапсен и во април 1927 година е осуден на две-годишна робија. Од затвор излегува во февруари 1928 година. Кон крајот на мај 1929 година, на пат за конгресот на ВМРО (Об.) во Берлин, е уапсен на југословенско-австриската граница. По настанатата голема провала на ВМРО (Об.) во Вардарска Македонија на 5 јули 1929 година, Брашнаров е спроведен назад во Велес. На судењето во јуни 1930 година тој е осуден на пет години робија и доживотно губење на граѓанските права. Затворен е во затворот во Сремска Митровица. По излегувањето од робија, политички се пасивизира. По окупацијата на Македонија од страна на Бугарија во текот на Втората светска војна, Брашнаров бил член на Бугарскиот централен акционен комитет, а потоа повторно станува бугарски учител (бидејќи администрацијата била бугарска). Од 1943 година се поврзува со партизаните. Во мај 1944 година преминува на слободна територија и станува член на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ. Како најстар делегат го отвора Првото заседание на АСНОМ. На него е избран за потпретседател на Президиумот на АСНОМ. На 6 август е избран за повереник за информации во Президиумот на АСНОМ. По ослободувањето на Македонија, на 26 ноември, во ослободеното Скопје, на Првата конференција на Народноослободителниот фронт на Македонија е избран за негов потпретседател. Реизбран е во Президиумот на АСНОМ на Второто заседание на АСНОМ во декември 1944 и на Третото заседание во април 1945 година. Брашнаров е уапсен на 11 декември 1950 година и на 29 јуни 1951 е осуден на „општествено полезна работа во траење од 24 месеци.“ Во првите денови од јули е испратен во логорот на Голи Оток, каде што набрзо, на 13 јули, умира. 60 години не се знаеше каде се погребани неговите посмртни останки. Во септември 2011 година, новинарска екипа на емисијата КОД, составена од новинарите Владимир Тевчев и Александар Кукулев и снимателот Данчо Стефков успеа да го пронајде гробот на Панко Брашнаров. Закопан е на градските гробишта Мирогој во Загреб. Неговите посмртни остатоци доживеале две есхумации. Во 1953, две години по неговата смрт на Голи оток, тој е погребан на загребските гробишта. Во 1971 година е есхумиран во заедничка гробница, во близина на првото гробно место, а во почетокот на осумдесеттите, неговите коски, заедно со коските на уште неколкумина негови современици се преместени на необележана гробна парцела, на крајот на гробиштата.
Христо Матов, кратко биографско видео
Христо Апостолов Матов (Струга, 10 март 1872 - Софија, 10 февруари 1922) — професор, револуционер и еден од идеолозите на Македонската револуционерна организација. Се образувал во машката гимназија „Св.Кирил и Методиј" во Солун и словенска филологија на Софискиот универзитет. Бил професор и директор во Сер и во Скопје. Бил покрстен од Даме Груев и станал член на Организацијата во 1895 година). По Солунската провала (јануари 1901), како член на Централниот комитет на Организацијата, бил заточен во Бодрум Кале. Во периодот 1902–1905 и 1907–1908 бил задграничен претставник во Софија. По Илинденското востание е еден од главните идеолози на Конзервативната струја и се залагал за запазување на стариот централистички принцип. Бил претседател на Ќустендилскиот конгрес во 1908 година. За време на Првата светска војна, заедно со Георги Баждаров во Скопје го издавале весникот Родина. По Првата светска војна се повлекол од политичката активност поради здравствени причини. Автор е на повеќе книги со теоретска, револуционерна, филолошка и литературна содржина. Успешно се занимавал со литературна и со научна дејност, објавувајќи често свои трудови во бугарската периодика под псевдонимот Дримколов. Води остри полемики со Димо Хаџи Димов, Ѓорче Петров и Јане Сандански. Во поезијата остава одвај забележливи траги, иако располагал со творечки нерв, но на револуционерното дело му се посветува без остаток. Автор е на серија впечатливи политички есеи, во кои се разоткрива како непореклив национален мислител. На овие текстови често се потпишува со псевдонимот Брут.
Ѓорѓи Сугарев, кратко биографско видео
Ѓорѓи Сугарев (1876 - 24 март 1906) бил македонски револуционер, член и војвода на Битолскиот револуционерен округ на Македонската револуционерна организација. Ѓорѓи Сугарев е роден во Битола во 1876 година во семејство од крајно сиромашни родители. Мајка му е Донка Сугарева (1846-1932). Браќата му Христо, Вангел и Михаил емигрираат во САД и активно учествуваат во работата на Македонската патриотска организација. Уште во детските години тој ја почувствувал омразата кон турскиот аскер, а во младинските години таа добила сè поголем размер. Поради големите семејни оскудици Сугарев не успеал да заврши IV клас во Битолската бугарска егзархиска гимназија. Поради тоа, тој ја напуштил гимназијата и ѝ се оддал на учителската кариера, преку којашто успеал да го прави тоа што најмногу му лежи на срце. Тој учителствува во градот Битола, Битолската и Кичевска околија. Во 1901 година, незадоволен од легалната дејност, Сугарев станал четник во демир-хисарската чета на војводата Никола Русински. Истата година, тој бил избран за член на раководното тело на Битолскиот револуционерен округ, и за да може да ја исполнува дадената организациска должност, тој повторно станал учител во Битола. Ја напуштил Битола и со неколкумина другари започнал нелегална дејност во Битолската околија. Сугарев оди секаде каде што се чувствува потреба од неговата организаторска вештина. Тој ги посетил скоро сите села во Демир-хисарско, Кичевско, Ресенско, Крушевско и Поречјето. Сугарев учествувал како делегат на Смилевскиот конгрес во 1903 година, на кој било донесено решение за кревање на вооружено востание во Македонија. Тој бил назначен за горски началник во Битолско. Востанието го затекнало Сугарев во селата околу Битола. Уште од самиот почеток на востанието на 2 август 1903, војводата Сугарев учествувал во заземањето на селата околу Битола. Цели 3 месеци здружените чети под негова команда војувале против многубројниот противник. Водејќи десетици жестоки битки против осмалиската војска, тивкиот, скромниот и секогаш молчеливиот борец создал легенди за него сред локалното население. Тој се претворил во легенда за време на битката кај село Ѓавато, каде што со својата храброст, тој на својот народ му дал пример како се војува за својата земја. По крајот на Илинденското востание, голем број на комити и војводи побегнале во Бугарија. Сугарев бил еден од малкуте раководители кои останале во нивните реони. После востанието, Сугарев најмногу работел на борбата против грчката и српската пропаганда во Македонија. Пролетта на 1906 година, поради појавувањето на грчки андарти во Мариовско, Битолскиот револуционерен округ му наредил на Ѓорѓи Сугарев да оди во Мариово и да се пресмета со непријателските грчки андарти. Во тоа време, Петар Лигушев, началник на Битолската окружна организација, главно поради лични интереси, започнал на битолскиот валија да му предава тајни на комитетот. Така, тој на битолскиот валија му ја предал маршутата на четата на Сугарев која била на пат кон Мариово за пресметка со андартите. Точно кога на утрото на 24 март 1906 година Сугарев пристигал во село Паралово, кон селото се испратила илјадна војска која го опколила селото. Следувала битка, која траела цело попладне. Гледајќи дека нема излез, Ѓорѓи Сугарев ги истрошил сите куршуми, а со последниот се самоубил. Со него загинала и целата негова чета од 21 комита. Според една друга верзија за смртта на Сугарев, која била пренесувана од колено на колено, Сугарев добил писмо од страна на четник во кое пишувало дека тој треба да дојде во Јени Мале во Битола на разговор околу тоа како да се среди ситуацијата во организацијата и поради тоа што не можат да одлучат кој да биде локален војвода, исто така и за да се пресмета со грчките андарти кои наводно започнале сериозно да го повредуваат населението. Писмото било напишано и испратено од Петар Лигушев. Сугарев како задолжен за тие работи се упатил кон тој регион. Во меѓувреме, Лигушев го набедува селскиот поп да му каже на Сугарев кога ќе дојде дека Лигушев ќе го чека кај манастирот, а во исто време им дал до знаење на османлискиот аскер дека четата на Сугарев ќе се појави на тоа место. Сугарев, заедно со својата чета се појавил на договореното место, но бил пресретнат од страна на османлиската полиција. Четата на Сугарев броела 25 луѓе кои тој ги раководел. Нападнати, битката траела скоро цела ноќ. Следниот ден, на местото на настанот биле пронајдени телата на 24 борци. Не било пронајдено телото токму на Сугарев. Ѓорги Сугарев по големата битка со аскерот бил тешко ранет, но не починал. Сугарев успеал да побегне од османлискиот обрач и да се засолни во селото. Тој неколку часа безуспешно барал помош, но наводно и таму бил пресретнат од Лигушев или од Црни Петар, кој пак му го нанел последниот смртоносен удар. Телото на Сугарев ниту пак неговата пушка не се пронајдени до ден денешен. Ниту пак по долго долго пребарување на планинските места бил пронајден трупот негов од страна на Турците.
Андон Ќосето, кратко биографско видео
Андон Лазов Јанев, познат како Ќосето или Касапот (1855 - 10 септември 1953) — македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење кон крајот на XIX и почетокот на XX век. Својата дејност ја започнал како терорист на Македонската револуционерна организација, а подоцна станува нејзин војвода. Роден во 1855 година во село Голозинци, Велешко. До 16-годишна возраст се занимава со овчарство, заедно со двајцата браќа и двете сестри. Откако неговиот татко е уапсен и одведен во Солун, се преселил во Велес кај својот чичко.
Христо Узунов - кратко биографско видео
" Мила моја мајко, Јас сум прв твој син и мој долг е да бидам околу тебе, за да не чувствуваш потреба од ништо. Но, можам ли, кога ги чувствуам болките на нашата измачена Татковина, да не се оддадам со љубов на најверен син на нејзиното свето дело? - Маките на татковината се повеќе од сите страданија на секоја наша мајка. И јас - без ни најмалку да те навредувам - се чувствувам повеќе син на втората моја мајка - Македонија, отколку на тебе, која си ме родила. Те молам - во името пак на моите свети чувства кон тебе - да не жалиш, ни да плачеш за мене. Најдоволен ќе се чувствувам, ако ти со своето држење бидеш за пример на другите мајки и сопруги " Ова се дел од зборовите на големиот македонски револуционер Христо Узунов, како дел од едно од неговите предсмртни писма упатени до неговата мајка. Христо Узунов бил роден и пораснат во Охрид. Своето образование го започнал во родното место, а го продолжил во Солун, каде што и пристапил кон македонската револуционерна организација и раководел со тамошниот револуционерен кружок. По враќањето во родниот крај продолжува да раководи со организацијата во охридско-струшкиот регион, а поради својата активност на двапати е затворан во Битолскиот затвор. Бил еден од најистакнатите учесници во Илинденското востанието, а по неговото завршувањето Христо Узунов заедно со својата чета останал да го штити македонското население. На 24 април 1905 година, заедно со своите соборци од Крушево заминува за село Цер, Кичевско, каде е предаден и опколен од силна турска војска. Во нерамна битка загинуваат неколку блиските соработници на војводата Узунов, а тој гледајќи дека се во безизлезна ситуација и несакајќи живи да се предадат, дава наредба за колективно самоубиство во кое загинува заедно со 11 свои другари. Турската војска откако ги пронашла мртвите тела на револуционерите, во нивна чест испукала почесен плотун како почит кон хероите. Во едно од своите последни писма, Христо Узунов пишува: " Последен пат збогум сестро,..... кажи им на другарите дека славно ќе умрам, зошто смртта е последна кога нема слобода. Нека бидат уверени дека делото ќе победи.....а Македонија ќе роди нови борци. Ние ќе живееме.... во спомените ваши." И навистина, војводата Христо Узунов со својата храброст, големина и чесност, останал длабоко врежан во меморијата на Македонскиот народ, како пример за тоа како се сака, како се работи и како се гине за својата татковина.
Васил Чакаларов - кратко биографско видео
Васил Чакаларов бил еден од најзначајните војводи на Македонската револуционерна организација и учесник во Илинденското востание. Бил роден на 22 февруари 1874 година во селото Смрдеш, Костурско. Во 1901 година од страна на Организацијата бил назначен за војвода во Костурскиот дел на Македонија. Заедно со останатите костурски раководители и дејци, тој успеал да го претвори Костурско и неговата околија во еден од најдобро организираните реони на Македонската револуционерна организација. Бил познат како одличен организатор за тајно пренесување на оружје и муниција, а имал голема улога и во егзекуцијата на голем број на предавници и шпиони. Освен што се борел против турската војска и башибозук, во својот регион водел постојани борби и против грчките андартски чети кои се обидувале да го зацврстат грчкото влијание меѓу македонскиот народ. За време на Илинденското востание, Чакаларов со својата чета зел активно учество во Костурско каде востанието доживеало најголема масовност. Тој раководел со нападот на турскиот гарнизон во село Вишени, а неговата чета учествувала и во ослободувањето на гратчето Клисура и гратчето Невеска во Егејска Македонија. По Илинденското востание со чета се движел во Костурско, се борел против андартите и против грчката пропаганда. За време на Втората балканска меѓусојузничка војна во јуни 1913 година учествувал во ослободувањето на Кавадарци и Неготино од српската власт, а веќе следниот месец заминал во родниот крај да се бори против грчката војска. Токму тука и загинал. На 9 јули 1913 година во близина на месноста Бел Камен, Леринско, по жестоката престрелка со грчки андарти Чакаларов бил смртно ранет. Васил Чакаларов оставил длабок спомен кај народот кој во него гледал свој заштитник и инспиратор за борбата за ослободување. Што значел Чакаларов за населението, за организацијата, но и за непријателите, говори фактот што по неговото загинување, грчките војници му ја пресекле главата и ја разнесувале низ македонските села со цел да го заплашат македонскиот народ, постојано извикувајќи „ Го нема Чакаларов, ја нема и Македонија "
Ѓорче Петров - кратко биографско видео
Ѓорче Петров, целосно име Георги Петров Николов, (2 април, 1865, с. Варош, Прилепско - 28 јуни, 1921, Софија, Бугарија) — професор, публицист, историчар, идеолог на Македонската револуционерна организација. Се школувал во Прилеп, Битола, Солун и во Пловдив. Бил учител во Штип (1886-1887). Како учител во Скопје (1888–1891) соработувал со митрополитот Теодосиј Гологанов и ја поддржувал неговата идеја за возобновување на Охридската архиепископија. Бил професор во Битола (1891–1895) и во Егзархиската гимназија во Солун (1895–1897). Основал повеќе револуционерни групи и кружоци на МРО (Штип, Битола, Прилеп, Охрид, Крушево, Кичево, Ресен, Леринско и Костурско). Член на Централен комитет на МРО. Учествувал на Солунскиот конгрес (1896) и бил еден од составувачите на Уставот и на Правилникот на ТМОРО. Ја објавил книгата Материјали по изучувањето на Македонија (Софија, 1896). Корицата на книгата „Материјали по изучувањето на Македонија“ напишана и издадена од Ѓорче Петров во 1896 Бил задграничен претставник на ТМОРО, заедно со Гоце Делчев, во Софија (1897–1901). Учествувал во редактирањето на револуционерниот хектографиран весник На оружје. Во Илинденското востание предводел чета во Прилепско и во Мариовско. По востанието останал во Македонија и работел на обновувањето на организационата мрежа, учествувал на Прилепскиот, Струмичкиот и Рилскиот општ конгрес. На Рилскиот конгрес бил повторно избран за задграничен претставник на Организацијата во Софија. Го редактирал списанието Културно единство (Солун, 1908–1909). Во времето на Балканските војни и на Првата светска војна бил на служба во Серез, Битола и Драма. Член на Привременото претставништво на бившата ВМРО, противник на врховизмот и на делбите на Македонија на Версајската конференција. Убиен по наредба на Тодор Александров.
Никола Карев, кратко биографско видео
Македонскиот револуционер Никола Карев е роден во 1877 година во Крушево, во мошне сиромашно семејство. Поради сиромаштијата бил принуден да го прекине школувањето и да се вработи како столарски чирак, а на 16 години заминува за Бугарија каде работи во столарската работилница на Васил Главинов. Потоа се враќа во Македонија, каде што се дошколува и станува учител во Битолската гимназија. Во исто време, Карев активно се вклучува во македонската револуционерна организација и станува раководител на Крушевскиот револуционерен комитет.
Во пресрет на Илинденското востание, и покрај тоа што бил против негово кревање, сметајќи дека народот сè уште не е доволно подготвен за тоа, по одлуката да се крене востание, зел активно учествува во подготовка и организација на востанието. Спроти Востанието, тој објавува Проглас во кој го повикува народот на востание.
"....Браќа, чашата на трпението се прелеа, пламнаа нашите срца и ние, синовите на страдалниот наш народ за да ги исполниме светите завети на нашите дедовци и прадедовци, се органзииравме, дадовме заклетва за верност до смрт и востанавме да и дадеме мир на нашата маченичка мајка Македонија, чија земја е натопена со солзите, потта и крвта на нејзините синови и ќерки и да издвојуваме слобода, леб и човечки правдини..."
После ослободувањето на Крушево, Карев бил на чело на новата востаничка власт, поради што и му се припишува функцијата на прв Претседател на македонската република - "Крушевската република ".
Никола Карев загинува 2 години после Илинденското востание, во судир со турска војска на 27 април 1905 година во месноста Свиланово.
На 50-годишнината од одбележувањето на Илинденското востание, неговите посмртни останки се префрлени во родното Крушево, а на 11 април 1990 година се сместени да почиваат во споменикот "Македониум" со што македонскиот народ достојно се оддолжи на својот голем син, учител и заштитник.
Јане Сандански, кратко биографско видео
Јане Сандански, познат како Пиринскиот цар, Сандан-паша и Старикот (18 мај 1872 - 22 април 1915) — македонски национален херој, војвода и водач на Македонската револуционерна организација. Роден е во селото Влахи, Пиринска Македонија, во семејството на Иван Сандански. Во текот Руско-турската војна од 1877 година, неговите родители и соселани биле принудени да избегаат во Горна Џумаја. Знаменосец на една од македонските чети кои во Кресненското востание, бил неговиот татко. По задушувањето на востанието, семејството Сандански се засолнало во Дупница, каде што го минал детството. Завршил основно училиште и два класа од прогимназијата, подоцна станал кондураџиски чирак и му помагал на својот татко во полските работи. Во 1892 година, бил регрутиран во бугарската армија. По завршувањето на воената служба станал молбописец, кај својот чичко Спас Харизанов, адвокат и поранешен македонски учител. Во април 1901 година, за првпат, со 8-члена чета агитирал во името на Организацијата. Истата година, Сандански и Чернопеев во Разлошко, решиле да го грабнат д-р Хаус, протестантски мисионер од Солун. Меѓутоа тој го одложил патувањето и затоа тие решиле да ја киднапираат протестантската мисионерка Мис Стон која се наоѓала во Банско. Целата акција се усложнила и траела шест месеци. На 31 јануари 1902 бил платен откупот, а 23 февруари 1902 година грабнатите биле ослободени од Андон Ќосето во село Градошорци. Внатрешната организација презела енергични мерки против врховистичката агитација. На Крстовден, 27 септември здружените сили на Јане Сандански и Цончев се нашле пред Свети Врач со намера да го нападнат турскиот гарнизон. Меѓутоа тие биле следени од аскер и башибозук од 2.000 души и затоа се утврдиле за да започнат битка. Но одредот на Сандански и Цончев бил обиколен од сите страни и затоа ноќта се повлекле. Планот за напад на гарнизонот во Свети Врач пропаднал, Сандански се повлекол кон Кресна. По востанието во Софија се одржале првите повостанички советувања на Организацијата. На овие советувања дошло до оформување на две гледишта, од кои подоцна ќе произлезат две струи. Кризата и поделбите кој се појавиле по Илинденското востание, во текот на 1904 и 1905 година се продлабочиле. Во април 1905 година, здружените врховистички чети под команда на капетанот го започнале походот во Мелничко. Но врховистите биле начекани во заседа од Сандански. Во престрелката загинале 7 врховисти, а 6 биле ранети. Во текот на Рилскиот конгрес, истакнал дека во минатото сите грешеле, дека е потребно сплотување и помирување. Во летото 1906 година започнале подготовките за Вториот редовен конгрес, меѓутоа тој пропаднал. На 28 ноември 1907 година, по наредба на Сандански, Тодор Паница ги убива Борис Сарафов и Иван Гарванов. По ликвидацијата, бугарските судови ги осудиле на смрт Сандански и Паница, откако ги прогласиле за разбојници. Во втората половина на мај 1908 година се одржал Мајскиот конгрес, каде било решено да се формира нова организација под името Македоно-одринска револуционерна организација. Во јулските денови на 1908 година, приврзаниците на Јане се легализирале и влегле во градовите каде што биле пречекани од младотурските комитети со свечени собири и масовно учество на населението. Јане најпрво влегол во Неврокоп, каде што од балконот на општинската заграда одржал револуционерен говор пред околу 15.000 луѓе. На 15 јули 1908 година, Јане со воз пристигнал во Солун. На железничката станица бил пречекан од специјална младотурска делегација предводена од Енвер Беј, а на 18 јули 1908 година, Јане излегол со познатиот Манифест до сите народности во империјата. Во последните денови на октомври 1912 година, уште пред доаѓањето на силите на Седмата бугарска дивизија, четата на Сандански, во содејство со востанатите селани, организирани и вооружени како селска милиција под раководство на Сандански, по кратка борба со османлискиот аскер, на 27 октомври 1912 година го ослободите Мелник. Триста четници од одредот на Јане Сандански, во содејство со бугарската коњичка група на мајорот Цонев, на 8 ноември 1912 година, влегле во Солун, пред влегувањето на главнината на бугарската војска. По Балканските војни, се вклучил во политичкиот живот на Царството Бугарија. Во јули 1914 година, по иницијатива на Демократската партија, Народното собрание го изгласал т.н. Законот за простување на македонските револуционери. Во есента 1914 година, во полниот разгор на австриско-српскиот судир, Сандански и неговите соборци решиле да се организираат преку собирање на свои приврзаници и евентуални сојузници за борба против политиката на Фердинанд, меѓутоа заговорот пропаднал. По неуспешната акција, западнал во разочараност и се вратил во својот манастир кај Мелник. На 10 април, кај месноста Блатата, била поставена заседа во која бил убиен. Јаневото тело било пронајдено од еден караван, по што било пренесено во Роженскиот манастир. Неговите останки се наоѓаат во црквата Св. Св. Кирил и Методиј.
Гоце Делчев, кратко биографско видео
Ѓорѓи Николов Делчев, попознат како Гоце Делчев (Кукуш, 4 февруари 1872 - Баница, 4 мај 1903) — македонски национален херој, учесник во македонското револуционерно движење, деец на Македонската револуционерна организација, апостол и срцето на револуционерна Македонија, идеолог, организатор и водач на македонското револуционерно националноослободително движење кон крајот на XIX и почетокот на XX век.[6] Во Бугарија исто така му оддаваат почит на Делчев како национален херој. Се школувал во Кукуш, каде што завршил прогимназиско образование (1879– 1887), во Солун, во Солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“ каде што раководел таен ученички револуционерен кружок, и во Софија во Военото училиште (1891–1894). Се вратил во Македонија (1894) и во Штип бил учител во Ново Село. Тука се сретнал со Даме Груев и се вклучил во раководењето на Mакедонска револуционерна организација. Тој ја проширил мрежата на Организацијата (пролетта 1895 г.) и преку Виница организирал тајни канали. Во Солун учествувал на советувањето со водечките личности на Организацијата: Даме Груев, Пере Тошев и др. за заземање став кон Македонскиот комитет основан во Софија. Во септември бил назначен за директор на училиштето во Штип. Пред крајот на декември 1895 г. Делчев ополномоштен од ЦК на МРО, отпатувал во Софија на разговори со Македонскиот комитет и неговиот придонес кон македонското дело, меѓутоа разговорите биле неуспешни. Организирал пунктови на МРО во Ќустендил и во Дупница (во почетокот на 1896), а во февруари во Штип организирал протестна демонстрација против власта. Учествувал на Солунскиот конгрес на кој била усвоена нова идеологија и стратегија во дејствувањето. Со Ѓорче Петров ги изработиле новиот Устав и Правилник на Организацијата. Во текот на Доневата афера поради недостаток на докази бил ослободен, меѓутоа во мај повторно бил уапсен и спроведен во Скопје каде што бил затворен во Куршумли-ан, но повторно бил ослободен. Сепак аферата го свртела вниманието на турските власти кон Делчев. Во септември бил назначен за главен учител (директор) во Банско од каде што ја продолжил дејноста за ширење на мрежата на Револуционерната организација. Се откажал од учителската должност и целосно се посветил на македонското ослободително дело. Ја презел должноста на задграничен претставник на МРО во Софија. Со писмо до католичкиот надбискуп во Пловдив, Менини на Ватикан му ја претставил целта на македонската борба: да се исправи неправедното решение на Берлинскиот договор за Македонија и за добивање полна политичка автономија. По Солунската афера, Делчев и Ѓорче Петров, како задгранични претставници, ги презеле надлежностите на Централниот комитет. По добиеното известување за апсењето на членовите на ЦК во Солун, со Ѓорче Петров во средината на март издале инструктивно писмо до окружните, до околиските и до селските комитети, како и до војводите на четите, за продолжување на дејствувањето според постојната програма. Делчев бил посветен на функционирањето на тајните канали, курирската служба, тајната пошта, обезбедувањето материјални средства и снабдувањето на Организацијата со оружје, со муниција, со револуционерна литература и со весници. Организирал производство на бомби и експлозиви во с. Саблер (Ќустендилско), Бургас, Пловдив, а потоа и на Св. Гора (меѓу Зографскиот манастир и Хиландар). Тој е основач на Четничкиот институт и творец и воспитувач на првите организациско-агитациони чети и војводи. Заедно со Ѓорче Петров изработиле Правилник за четите. Со формирањето на селската милиција била доградена четничката организација, која непосредно ја раководел Делчев, со статус на главен ревизор. Револуционерната организација ја презела на дело судската и извршната власт. Дејствувала тајна македонска држава во Османлиската Империја. За зацврстување на редовите во Организацијата Делчев извршил неколку инструктивни обиколки. Во зимата на 1900 година тој ги обиколил комитетите во Одринско, со цел подобра координација меѓу македонските и тракиските револуционери. Од август 1901 до март 1902 година Делчев ги обиколил и комитетите во централниот и во западниот дел од Македонија. Тој исто така го предводел конгресот на Одринскиот револуционерен округ одржан во Пловдив, во април 1902 година, а потоа Делчев презел обиколка и во централните Родопи. На крајот од септември жестоко го осудил Горноџумајското востание. Делчев го отфрлил решението на Солунскиот конгрес од 1903 година за кревање востание и со чета заминал во внатрешноста на Македонија со раководните кадри да издејствува повлекување на решението за масовно востание. Во април, во Солун се сретнал со Даме Груев, кој штотуку се вратил од заточение, двајцата се договориле востанието да се води со засилени четнички дејствија и терористички акции. Од Солун се упатил за Серско на закажаниот конгрес на Серскиот револуционерен округ. Пристигнал во селото Баница, Серско на 3 мај. Војската го опколила селото и во борбата утрото загинал Делчев, бескомпромисниот борец за самостојна македонска држава.
-
Псалм за непостојниот Боли тоа што не постојам Длабоко боли тоа што не постојам Боли главата што ја немам Боли болката во таа глава Б...
-
Црноризец Храбар е анонимен писател во словенската средновековна литература. Некои од славистите сметаат дека позади псевдонимот Црноризец ...
-
1903 година Во четирите горни статији на оваа книга јас сакаф да обрнам погледите на мојите сонародници на нуждата од једно корено измену...