ВМРО vs ДПМНЕ



Како што ни е на сите познато, една од најголемите политички партии во Република Македонија, е партијата ДПМНЕ, која во својот назив ги вклучува и четирите свети букви за нас, македонците, ВМРО. Уште повеќе, оваа политичка партија, која е основана на 17 јуни 1990 година, себе си се смета за наследничка на ВМРО, па дури и се поистоветува со оваа света организација, како продолжение на истата, но во модерна форма на политичка партија.

Пауза. (Сметам дека не е потребна, но, сепак, мала пауза. Па сега повторно прочитајте го горе-изнесениот параграф.)


Најпрво, македонската револуционерна организација од самиот почеток на идејата и сите нејзини понатамошни форми и различни имиња, претставува организација која дејствува во илегала, од проста причина што условите во тоа време го налагаат тоа - Македонија била поробена. Како таква организација, ВМРО дејствувала со терористички акти во најразлични форми, како атентати, бомбашки напади, киднапирања, итн. За ВМРО и неговата историја, има доволно пишани факти и студии, па тука нема да навлегуваме во понатамошни дискусии, а тоа не е ни тема на оваа колумна. Во интерес на темата (определена од самиот наслов), само ќе го констатираме следново: По дефиниција, ВМРО е терористичка организација. Како таква, ВМРО е пример кој се изучува во светската литература за ваков вид на организации. Иако терористичка, што е условено од актите што организацијата ги превземала и ги определила јасно и концизно во своите статути и устави, сепак, ВМРО е света организација за секој македонец, од проста причина што основната цел на нејзината борба е слободна и независна Македонија.

Од друга страна, пак, партијата ДПМНЕ, е политичка организација, основана во слободна Македонија, во периодот во кој Македонија е дел од Југославија, непосредно пред нејзиниот распад. Набргу потоа, Македонија е независна и самостојна република. Независно од тоа како биле третирани оние македонци кои продолжиле да се борат за македонската кауза во рамките на Југославија, Македонија сепак била оформена како држава. Иако, ако подобро се размисли и анализира, Македонија и денес после 27 години независност, не може да кажеме дека е слободна, а не е ни цела! Сепак, тоа е друга тема за дискусија.

Темата на оваа колумна е едноставна: ВМРО vs ДПМНЕ. Првата е револуционерна организација, втората е партија. Се чини дека во оваа реченица е јасно кажано се. Сепак, неопходно е малку да додадеме дополнителни образложенија. Не може една политичка партија, себе си да се смета за наследничка на револуционерна организација, па уште и да се именува со истите букви. Дури и да станува збор за истите индивидуи, кои што биле членови на ВМРО и спроведувале терористички акти, доколку овие индивидуи се решат да стапат на политичка сцена, тие стануваат членови на партија, а тоа е сосема различно. Да биде иронијата уште поголема, денешните членови на партијата ДПМНЕ, ниту биле дел од ВМРО, ниту пак имаат потенцијал и капацитети да бидат револуционери. Дека тоа е така, денес покажуваат фактите, а нели, пред фактите и боговите молчат. Имено, да се биде револуционер, тоа е идеологија всадена длабоко в срце, и вгнездена цврсто во разумот на револуционерот. Во овие 27 години независна Македонија, имаше многу периоди кои ја загрозија уставноста и слободата на Македонија. Низ повеќе наврати имаше такви ситуации (денес уште повеќе има) во кои вистински револуционери не би се поколебале ни за миг, а да не сфатат дека е загрозена татковината и дека е потребно да се превземат акти (и терористички, се разбира) за да се воспостави контрола над непожелните состојби. Сведоци сме дека такви акти вооптшо не се случија, а тоа пак покажува дека денес, во нашата Македонија не постојат револуционери!

Од фактите толку, да се вратиме на темата. За жал, денес ќе видиме како членови на оваа партија (ДПМНЕ) се поистоветуваат со револуционерните дејци од ВМРО. Смешно, трагично, патетично. Во интервју за ТВ медиум, во периодот пред фамозниот конгрес на оваа партија, нејзиниот член Филип Петровски изјавува дека шести пат ќе учествува на конгрес и со тоа се изедначува со Тодор Александров по број на учества на конгреси. Да нема забуни, интервјуто може да го погледнете и сами, тука. Патетиката во оваа изјава е повеќе од очигледна, а преку овој пример јасно се гледа како членовите на ДПМНЕ со огромно задоволство и без трошка срам, се поистоветуваат себеси со револуционери. Ајде да речеме и дека е така, тогаш, почитуван господине Филип, каков сооднос имаш, споредено со Тодор Александров, во поглед на бројот на извршени атентати, терористички акции, бројот на членови во твојата револуционерна дружина или чета, бројот на испукани куршуми, бројот на блиски средби со смртта, итн. ?

Одговорот на тоа прашање е повеќе од очигледен, а со самото тоа веќе и станува појасно која е разликата од ВМРО до ДПМНЕ. Има уште многу други членови од партијата кои би можеле да се наведат како пример. Сашо Мијалков се покажа како добар бизнисмен, за тоа впрочем учел и школо. За патетиката на Груевски и сите негови порази, можеби е подобро и воопшто да не дискутираме.


Конечно, да резимираме. ВМРО е револуционерна организација. Во неа членувале родољубиви македонци, интелектуалци и револуционери. ДПМНЕ е политичка партија. Во неа членуваат политичари, квази-интелектуалци. Зошто квази? Па затоа што вистински интелектуалец би бил свесен дека политичката партија во која што членува не може да ја поистовети со револуционерна и терористичка организација, а и самиот себе не може да се поистовети со револуционер, кога наместо кама и револвер, со себе носи пенкало. Со такво пенкало, во 2001-ва година беше потпишана капитулацијата на првата модерна и независна Република Македонија, во нејзиното најсвето место, Охрид. Чисто за споредба, и Гоце Делчев беше интелектуалец, но носеше и револвер. Од него испукал небројани куршуми за татковината, од куршум и загина. Како ќе завршат нашите денешни политички маскоти, останува да видиме. Едно е сигурно, нивните сметки се дебели, а во нив нема ни „Р“ од револуционери!



Да живее Македонија!


Мизар



Мизар (збор кој на арапски ја означува ѕвездата водилка која на патниците им помага да не се загубат во пустината) е формиран во 1983 во Скопје, во состав: Горазд Чаповски (гитара), Ристо Вртев (вокал), Илија Стојановски (бас) и Панта Џамбазовски (тапани). Во 1985 на местото на Ристо Вртев, како пеач доаѓа Горан Таневски, а како клавијатурист Слободан Стојановски. Истата година снимаат неколку демо песни и тргнуваат на југословенска турнеја заедно со Laibach и Disciplina Kičme.
Во почетокот се повеќе ориентирани на рок, а во 1985 го менуваат стилот и под името Мизар – второ откровение нудат музика заснована на старословенското поење, македонскиот фолклор, византиската традиција и дарк звукот.
Деби албумот „Мизар“ го снимија во 1988, во состав: Горан Таневски, Горазд Чаповски, Борис Георгиев (тапани), Сашо Крстевски (бас) и Катерина Велјановска (клавијатури). Продуцент на албумот е Горан Лисица – Фокс. Албумот го донесе незаборавниот хит „Девојка од бронза“, а освен сопствените песни на албумот се наоѓа и преработката на македонската народна песна „Зајди, зајди“ (можеби најпознатата македонска песна на сите времиња) под името „Златно сонце“. Во 1991 следуваше вториот, уште подобар албум, „Свјат Dreams“ кој ја донесе необичната обработка на "Sweet Dreams" од Eurythmics, обработката на народната „1762“ и песната „Дом“ на Ристо Вртев, првиот пеач на Мизар, денес лидер на Архангел. По снимањето на албумот, бендот го напушта пеачот Горан Таневски, кого го заменува пеачката Нора. Кон крајот на 1991 групата престанува со работа. Таневски се посветува на организација на концерти, Каевски го обновува својот бенд Cyborg, a Чаповски заминува за Австралија каде во 1993 го основа Кисмет, продолжение на Мизар.
По објавување на неколку албуми, Чаповски во 1999 се враќа во Македонија и продолжува да работи со Кисмет, кој, заедно со него, го сочинуваат Илија Стојановски (бас) и Стефан Поповиќ (тапани). Тие го поттикна снимањето на дискот "Tribute To Mizar" (2001, Авалон) на кој песните на Мизар ги обработија македонски алтернативни бендови: Ден потоа, Синијак, Music Makers, Ataraxia, No Name Nation, Мајаковски, Brainless Genius и други. Lithium Records во почетокот на 2003 на дискови ги пре-објави првите две плочи на Мизар, дополнувајќи ги со претходно необјавени демо и концертни снимки.




Во 2002 се раѓа идејата за повторно собирање на грушпата поради спектакуларно службено збогување, и наскоро се собираат под името Мизар – трето откровение и ги збираат сите музичари кои во различни фази доаѓале и заминувале од бендот. Во почетокот на 2003 го објавуваат синглот „Почесна стрелба“, кој во многу кус период ги руши сите рекорди на популарност. Денес, таа песна е прогласена за најдобра македонска песна создадена по распадот на СФРЈ.

Албумот „Кобна убавина“ е сниман од јануари до јули 2003 во студиото Тралала, под продуцентската палка на Горазд Чаповски и Горан Трајковски, а е мастериран во љубљанското Метро, од страна на Јанез Крижај.

Мизар денес го сочинуваат вокалистот Горан Трајковски, гитаристот Горазд Чаповски, басистот Илија Стојановски, тапанарот Жарко Серафимовски и клавијатуристот Влатко Каевски.


Текстот е превземен од официјалната веб страница на МИЗАР.

Леб и Сол

Во првата половина на седумдесетите години од минатиот век музичката сцена во Скопје била релативно мала па идните членови на ЛЕБ И СОЛ често работеа во исти групи. Првиот посериозен проект Влатко и Гаро го имаа со џез - рок групата БРЕГ која ја предводеше Мики Петковски.
Со клавијатуристот Кокан Димушевски и тапанарот Димитрије Чочоровски, Влатко и Бодан го основаат ЛЕБ И СОЛ на 1. Јануари 1976 година. Првите снимки Етида бр.3, Деветка и Песна за нас ги прават во студиото на Радио Скопје за само два часа. Првиот настап вон Македонија го имаат во 1977 година во Нови Сад. На основа на таа снимка добиваат покана за Младинскиот Фестивал во Суботица. Таму добиваат награда, прва поширока афирмација и договор со ПГП - РТС. Во август истата година настапуваат како предгрупа на Бело Дугме на легендарниот концерт Хајдучка Чешма, како и во Сараево, Нови Сад и во Скопје. Со нив е и Гаро кој неколку недели пред тоа се приклучува на групата.
Деби албумот ЛЕБ И СОЛ го снимаат во студиото на РТВ Нови Сад во септември 1977 година. На тој албум доминираат џез - рок теми со етно влијанија, а од вкупно девет песни дури шест се инструментали. Сите четворица компонираат иако Влатко е најпродуктивен. Како хит од таа плоча се издвојува песната Нисам твој.
Набрзо избиваат на самиот врв на Југословенската сцена и за вториот албум ЛЕБ И СОЛ 2 добиваат многу подобри студијски услови. Пратејќи го стилот од деби албумот, покрај високооценетата Абер дојде Донке вториот албум ги нуди и одличните Марија, Акупунктура, Таласна дужина.
Според читателите на, тогаш највлијателниот музички магазин во Југославија Џубокс, ја добиваат титулата "Група на годината" во 1978 година.
Третиот ЛП Ручни рад го снимаат во студиото 5 на Радио Белград. Авторството и понатаму го делат сите четворица. Како амбициозни теми од овој албум се издвојуваат: насловната Ручни рад, Кумова слама и Верни пас . По објавувањето на овој албум групата ја напушта Коки Димушевски. На негово место доаѓа Мики Петковски кој во 1980 година заминува од ЛЕБ И СОЛ. По неговото заминување одлучуваат да работат како трио и тогаш компонираат музика за театарските претстави Диво месо, Убавата Вида, Среќна Нова 49 И многу други. Заминуваат на летна турнеја, свират десет концерти, и потоа во Скопје го подготвуваат новиот албум Бесконачно. Го задржуваат својот стил, а музиката ја прилагодуваат на форматот трио. ЛП-то Бесконачно понуди обработка на старата народна песна Ајде сонце зајде, Влатковата Жива рана, Касно поподне на Гаро и Бодановиот Скакавац. Тоа лето групата ја напушта Гаро, а на негово место како тапанар доаѓа Драгољуб Ѓуричиќ.
ЛП-то Следовање го снимаат во студиото на Радио Скопје, а по првпат самите се продуценти на плочата. На оваа плоча за првпат предничат вокалните песни, а Носим твој жиг го добива епитетот радиски хит.
Летото 1982 година со театарот КПГТ гостуваат низ Америка цели два месеца. Настапуваат во клубови и свират заедно со групата Big Country.
Со објавувањето на двојниот албум Акустична траума се збогуваат со ПГП РТС и преоѓаат во Југотон. Во 1983 година за Југотон го издаваат ЛП-то Калабалак. На него како гости учествуваат Боби Мицев на клавијатури и Петар Каргов на саксофон.
Албумот Тангента настана во Белградското студио Аквариус во 1984 година заедно со Кевин Ејерс како продуцент. Името на оваа плоча го дава токму тој затоа што според него музиката на членовите на ЛЕБ И СОЛ тангентно се доближувала со различити стилови. На оваа плоча гостуваат Лаза Ристовски на клавијатури и Ненад Јелиќ на перкусии. Од овој албум како радиски хит се издвојува песната Контакт је скуп.




Десетогодишнината ја одбележуваат кон средината на 1986 година со објавувањето на плочата Звучни зид на која се наоѓа применета музика за театар, филм и телевизија, како и темите од ТВ емисијата Бушава азбука, театарските претстави Ослободување на Скопје, Среќна Нова 49, Коштана и филмовите Шмекер За среќа се потребни тројца. Автори се Влатко и Бодан, а на снимањето учествува и Гаро кој во меѓувреме се враќа во групата.
Брзо после тоа на ЛЕБ И СОЛ им се приклучуваат саксофонистот Гоце Мицанов и клавијатуристот Кирил Џајковски и со нив во 1987 година ја снимаат плочата Као какао.
На оваа плоча за одлучуваат за значаен стилски пресврт и објавуваат десет вокални песни. Плочата ја продуцираат Бодан и Влатко заедно со Брацо Зафировски, а како гости се појавуваат пеачките Беби Дол, Ана Костовска и Рони Ватен на ирски гајди. Текстовите се на Влатко и Горан Стефановски. Со оваа плоча ЛЕБ И СОЛ забележуваат серија хитови како Скопје, Као какао, Мамурни људи и Чувам ноќ од будних.
Наредниот албум Путујемо го снимаат со истата постава. Повторно го продуцираат заедно со Брацо Зафировски и повторно сите песни се вокални. Заедно со гостите Калиопи како пратечки вокал, Зоран Јовановиќ на саксофон и Кире Костов на хорна ЛЕБ И СОЛ на публиката им ја нуди основната тема на плочата поврзана за физичките и менталните патувања. Извесно време во групата како клавијатуриста учестуваваше Валентино Скендеровски, за потоа да се врати Кокан Димушевски кој учествува во снимањето на Путујемо. Ударен хит од овој албум е, сега веќе антологиската Чукни во дрво.
Година дена подоцна, во 1990 година Влатко и Бодан го објавуваат ЦД - то Зодијак со музика компонирана за истоимената балетска претстава на Македонскиот Народен Театар.
Од групата во 1990 година повторно заминува Гаро.
Во мај 1991 година ЛЕБ И СОЛ заминуваат на турнеја во САД и Канада. Во поставата се Влатко, Бодан, Кокан и Драгољуб. Концертот во престижниот CBGB во Њу Јорк забележен е на дискот Live in New York. На овој албум се наоѓаат и записи од пробите во студиото Американ, снимка на песната Благослов од Македонската Православна Црква во Торонто, темата Going back to Skopje снимена во подвижното студио во Торонто и обработката на народната Учи ме мајко, карај ме снимена во Скопје во октомври 1991 година.



Текстот е превземен од страната на Леб и Сол.

Дениција ..


Песна за мојата песна



Отспрегни ce машки ветру, мој личен телалу,
надлетајте го својот глас птицо и грмотевицо,
бидете редачки мои мачни посестрими
и искрај в краја пренесете ја песната за мојата песна:
За таа топола меѓу две пустини, меѓу две планини,
за тој постојан бакнеж меѓу две пречисти усти,
за тоа виножито меѓу две возбудени шуми,
за таа неизодлива ноќ меѓу две преноќишта,
за таа потпалена свеќа меѓу два непријателски черепа,
за таа мировна труба меѓу две завојувани земји,
за таа воздушна коњица меѓу две села,
меѓу две стомни вода,
за тој преотворен чадор на печурката,
за таа препрочитана телеграма меѓу два братски дожда,
за таа непомрдната Деница меѓу две оддалечени утра,
за тоа растојание меѓу два одѕива,
за тие речни слабини меѓу две скарани перачки,
за тој затскриен студ меѓу две топли соби,
за тој буквар, за таа сметалка меѓу два ближни града,
за тоа засолниште меѓу две селски горештини,
за тој пејзаж, меѓу две писма, меѓу две боишта,
меѓу две Крушевски Републики,
за таа пот, за тој дијамант меѓу две стушени чела,
за таа грутка снег меѓу две детски дланки,
за тој сончев прстен, за таа рамноденица,
за таа расонета струја меѓу две растителни ноќи,
за тоа запечатено пладне меѓу две речни промаи,
за таа капка вода меѓу две суви непца,
за таа камбанарија меѓу два ѕидара, меѓу два ѕвонара,
за тоа нескротливо животно, за тоа милозливо Невреме,
за тој водопад меѓу моиве две раце,
ЗА ДЕНИЦИЈА.


Кога ја љубев Дениција



Кога ја љубев Дениција,
како да калемев светлина на мракот,
како да топев снегови фатени во движење,
како да станував единствен сведок
за бакнежот меѓу металот и громот.

Кога ја љубев Дениција,
како да му пронајдував брзина и на каменот,
како да ја одделував душата од телото,
како да го палев барутот
на тилот од смилот и трендафилот.

Кога ја љубев Дениција,
како да внесував летен воздух во воздухот зимен,
како да ги откривав сите руднуци на злато,
како да добивав телефонска врска со сонот
од сите успани работници.

Оти ја љубев Дениција,
како што ги отварав пролетните аптеки,
сместени во гласот од славејот,
како што славејот ги спријателуваше
небото и земјата,
како што таа ми ја одземаше тежината,
додека трчав кон неа,
како што не можев да видам ништо освен неа,
како што таа живееше додеја јас умирав,
како што и јас не знаев како би умрел,
ако таа не се родеше.

Кога ја љубев Дениција,
како да учествував во создавањето
на првата Македонска Држава.


Од Дениција на Петре М. Андреевски.

Михаил Ренџов - Поезија


Псалм за непостојниот



Боли тоа што не постојам
Длабоко боли тоа што не постојам
Боли главата што ја немам
Боли болката во таа глава
Боли окото во таа глава што не постои
Боли пустелијата околу таа глава
Боли единствениот патник
Кој потајно минува низ таа глава
Кој запален доаѓа да ми соопшти
Оти јас сосема не постојам
Оти длабоко боли тоа што не постојам.
__________________________________________________

Страв



Ветрот ми го пожолте дрвото
Срцето ми е темно.

Нели вие ме гоневте до полноќ?

Скокаат славеи над мојата куќа
Стравот ми е бршлен на ѕидот
Пожар во полноќна галија

Го слушате ли гласот
Во тајната соба на срцето?

Ноќта е златен облак
Вие ѕвезди што ми покажувате
Лажен пат.

Славеите на небо се убиваат.
__________________________________________________

Раѓање



неопфатна
совршена
светлина -

се роди мојот брат.

неопфатна
совршена
светлина

се роди мојата сестра.

неопфатна
совршена
темнина -

се родив јас.

и така...
по две совршени живеачки
премина мојата сестра
а потоа мојот брат.

а јас?
ќе прашате

преминав во миг
на совршена светлина
начната од мисла една:
И мртов
ова да ви го
соопштам.
__________________________________________________

Одиме за рака фатени



Одиме
за рака фатени:
Ангелот и планината
Славејот и тишината
Душата и темнината

Одиме за рака фатени.

Одиме
за срце фатени:
Ѕверката и планината
Кобецот и тишината
Црвот и темнината

Одиме
За срце фатени.
__________________________________________________


Различности



Постои различност меѓу дрвјето:
Дрво со седало.
И дрво без седало.

Во седалото се испилува радоста
И влегува во нас
Другото постои заради различност.

Постои разлика меѓу тревите:
Трева со бубалка
И трева без бубалка.
Бубалката брмчи
И ни го населува увото
Другото постои заради различност.

Постои различност меѓу луѓето:
Постои човек со тага
Постои човек без неа.
Човекот без тага си ти
А оној со тага сум јас

а постојам само заради
Различност.

Михаил Ренџов


Михаил Ренџов е роден на 25-ти август 1936 година во Штип. Средното образование го завршил во својот роден град. Дипломирал на правниот факултет на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Работел во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје како советник по библиотекарство. Член е на Македонскиот ПЕН центар и на Друштвото на писателите на Македонија.

Ренџов е истакнат македонски поет, раскажувач, преведувач.
Автор е на повеќе дела, меѓу кои:
Лирика: „Иселеник на огинот“ (1965), „На работ од сонот“ (1972), „Збор и бол“, „Полноќ“ (1979), „Нерези“ (1982), „Аутодафе“ (1985), „Феникс“ (сонети) (1987), „Земја, потоп“ (1991), „Вечната, бесконечната“ (1996), „Јас оксиморон“ (1998), „Псалми“ (2000) и др.
Поеми: „Тој“ (лирска поема) (1993), „Апокалипса“ (драмска поема) (2002), „Земја“.
Проза: „Захариј и други раскази“ (2004).
Препеви: „Гилгамеш“ и други дела од асировавилонската поезија, делови од јидиш - поезијата, поезија од Лермонтов, Пушкин, Лучијан Блага, Дритеро Аголи, Каролина Илика и други.

Добитник е на десетина национални и интернационални награди: „Браќа Миладиновци“, „Прличевиот ловоров венец“, „Рациновото признание“, „Ацо Шопов“, “Grand prix international” во Романија за неговата целокупна работа и др.
Застапуван е во антологиите на македонската, југословенската и светската поезија.

Армакедон - Мизар (кобна убавина)


АРМАКЕДОН


Со тимпани и труби, торжества,
го дочекаа младиот цар:
на постела од свила безбожно дете,
на новата правда син.

Среде ноќ волците вијат
низ празни булевари со подземен крик.
По кожа ми врват морници ладни,
в глава ми удира гонг.

Од Исток до Запад,
од Тибет до Урал:
Terrible beauty is born! - W.B. Yeats


Над главава ми фрштат жешки јазици,
од водата се ведат гнасни ѕверови.
Го држам силно в рака крстот железен
со верба дека се уште сум со тебе.

Лажен сум бард на бродот наречен пропаст,
поморец без очи и без глас.
Изгубен сум син на стравот од вода и од пламен,
со глава нурната в длабок вир.

Господи од верба венец исплети ми,
над мојава глава пред напукнат ѕид.

Смрт од вода, страв од потоп,
изградете кораб, изградете мост
и бидете спремни на жестока љубов
како на Оној, распнатиот на крст!

Еве доаѓам по нив,
нема да одминам никого.
В рака носам огнен жиг,
посилен од нивното мастило.
Еве ме пак и пак,
немам страв но носам страшна пресуда.
И носам радосна вест:
твојата крв е нивна слобода!

Над главава ми летаат бесни змејови,
од очиве ми искрат молњи пламени.
Замавнувам со мечот косам пред себе,
Господи, Ти си моето силно оружје!

Зад мене летаат сили и престоли,
бегајте гнасни ѕверој, змии, гуштери!
Одвнатре бликнува Твојата светлина:
Ќе ги погубиме со убавина!


(Г. Трајкоски)



Мизар

Албум: Кобна убавина (2004)