Почитуван македонски народе,
Веќе неколку години како живееме под окупација од криминалната инсталација наречена „Северна“, при што гледаме како оваа инсталација врши погубни дејанија по сите основи и во сите сфери. Во оваа колумна ќе стане збор за електричната енергија, нејзината цена и регулацијата на истата.
За почеток, ќе направиме еден краток историски осврт за последните речиси 3 години, почнувајќи од 2021 година, преку кобната 2022 и завршувајќи со сегашната 2023 година. За овој период, ќе ги разгледаме цените на електричната енергија за домаќинства и како тие се менуваат во овој период. На сликата 1 се прикажани четири табели во кои се наведени основните цени како и вкупни цени (со ДДВ, а подоцна и пренос). Сите табели се однесуваат на истите 6 периоди (шест-месечни), онака како што регулаторната комисија за енергетика ги менувала цените (на секои шест месеци).
Слика 1. Цените на електричната енергија во периодот од 2021 до 2023 година
Легенда за табелите: НТ - ниска (ефтина) тарифа; ВТ - висока (скапа) тарифа; Б1 - Блок 1; Б2 - Блок 2; Б3 - Блок 3; Б4 - Блок 4; Пренос - цена за вкупен пренос и дистрибуција;
Во првата табела дадени се основните цени на електрична енергија по киловат-час (kWh), без пресметано ДДВ. Во првите три периоди во цената е вклучен и трошокот за пренос и дистрибуција и истиот не се знае колку точно изнесувал, додека пак, во последните три периоди, оваа цена е посебно дефинирана. Тоа е од средината на 2022 година, кога е воведен новиот тарифен систем со 4 блокови за скапата тарифа.
Во втората табела дадени се цените со пресметан ДДВ и со вклучен трошок за пренос и дистрибуција, односно вкупната цена што ја плаќа едно домаќинство по киловат-час електрична енергија.
Во третата табела дадени се поскапувањата на цените во проценти (споредено со претходниот период). Процентите во првиот период со блокови се во однос на последната (претходната) цена на високата тарифа, додека следните периоди се во однос на соодветниот блок. Процентите на крајот од секоја колона со црвена боја се однесуваат на вкупното поскапување, односно на сегашната цена, во однос на почетокот од 2021 година.
Во четвртата табела дадени се вкупните цени со вклучен ДДВ и трошоци за пренос, но изразени во евра за еден мегават-час (MWh). Ваквата репрезентација дава малку поинаква слика за да сфати и обичен човек колку всушност плаќа електрична енергија споредено со цените на слободниот пазар.
Новиот тарифен модел со блокови
Како што се гледа и од табелите, новиот тарифен модел со блокови е воведен од средината на 2022 година, во екот на светската криза кога цените на електричната енергија во Европа растеа непредвидливо. Како и да е, овој тарифен модел е сосема неиздржан и неприфатлив, и навистина е жално како стручната фела (инженери/професори) не застана цврсто против воведувањето на ваквиот тарифен модел. Изговорот за воведување на овој тарифен модел со блокови, како прво, беше дека постојат одредени домаќинства кои уживаат во луксуз (загревајќи и базени), а плаќаат иста поволна цена за електрична енергија и како второ, ваквиот тарифен модел со блокови би ги натерал граѓаните да штедат повеќе енергија. И двата изговори се неиздржани, а причините се повеќе од едноставни. Имено, ако сакате да воведете еден вид данок на луксуз, односно оние домаќинства кои уживаат во таков луксуз да поседуваат огромни хациенди со по неколку базени со дополнително загревање итн. тоа се решава сосема едноставно. Ваквите домаќинства немаат стандарден приклучок на мрежа, затоа што истите имаат инсталирана моќност на потрошувачи што е многу поголема од максимално дозволената моќност за стандардни приклочоци за домаќинства (како и максимална едновремена моќност). Според тоа, таквите потрошувачи може веднаш да се сместат во посебна категорија и со посебен тарифен модел и на тој начин истите би плаќале повисока цена за електричната енергија што ја трошат за луксуз. Што се однесува пак до поттикот на граѓаните за штедење на енергија, тоа е всушност враќање назад во времето, зошто со овој модел дури и едноставен начин на живот (готвење/греење/перење/пеглање) претставува луксуз за најранливите категории на граѓани.
Од друга страна, пак, тековниот тарифен модел ги става во ист кош просечните и екстремно богатите домаќинства. Едно просечно семејство кое што како енергенс користи исклучиво електрична енергија (за греење/ладење/готвење итн.) многу лесно може да навлезе во четвртиот блок на скапата тарифа. Границата за влез во блокот 4 е 1050 kWh за период од 30 дена или 35 kWh на ден. Па еве еден реален пример: ако семејството има инсталирано топлинска пумпа (што е дури и енергетски ефикасен производ) со топлинска моќност од 16-18 киловати, тогаш овој уред може да троши максимално од 4 до 5 киловати на час. Ако работи 10 часа со просечна моќност од 3.5 киловати, истиот ќе ја достигне границата за влез во блокот 4.
Цените на електрична енергија на европската берза
Сега за споредба да ги видиме цените на електричната енергија на европската берза и како се движеле во истиот овој три-годишен период. Податоците се превземени од унгарската берза HUPX (HUPX). На сликата 2 се прикажани три табели со средни цени на електричната енергија за секој месец од годината за сите три години: 2021, 2022 и 2023. (Забелешка: за 2023 податоците за месец декември се заклучно со 4 декември бидејќи тогаш се превземени податоците). Дополнително, под секоја табела е впишана и средната вредност на електричната енергија на годишно ниво. Цените се изразени во евра за еден мегават-час (EUR/MWh).
Како што може да се забележи од овие податоци, кризата со превисоки цени започнува при крајот на 2021 година, својот пик го достигнува во месец август 2022 година со просечна цена од 495.29 евра за мегават-час, за во 2023 година берзата да се стабилизира на некое повисоко средно ниво од првата половина на 2021 (пред да започне кризата). Па така, денес средната вредност на годишно ниво за 2023 која изнесува околу 109 евра е дури и помала од средната вредност за 2021 година (113.86 евра).
Слика 2. Средни цени на електричната енергија на европската берза (на месечно и годишно ниво) во периодот од 2021 до 2023 година
Ако сега ја искористиме четвртата табела од сликата 1, каде што се изнесени цените на електричната енергија за домаќинства кај нас изразени во евра за еден мегават-час, јасно ќе видиме колку поскапа струја плаќа нашиот народ дури и споредено со берзанските цени. Во 2022 година, цената за мегават-час во четвртиот блок изнесува 297,5 евра, а тоа е дури и повисоко од средната цена на берза за истата година која изнесува 271.66 евра. Понатаму, денеска кога имаме стабилизирана состојба на берзата, со средна цена на годишно ниво од 109 евра, цената во нашиот четврти блок изнесува неверојатни 369.1 евра !!! Тоа е за 3.39 пати поголема цена од средната берзанска!
Да биде иронијата уште поголема, струјата за домаќинства генерално целосно е обезбедена од домашно производство. Новите барања на ЕСМ за периодот што следи (јануари-јуни 2024) се купопродажна цена од 57 евра за MWh, а за тековниот период јуни-декември 2023 истата е 53 евра за MWh. Дури и со новата цена од 57 евра, ако на тоа ги додадеме и трошоците за пренос (42.6 евра за MWh, според табелата 4 на сликата 1), тогаш добиваме цена од 99.6 евра за MWh. Да напоменеме, ова би била цената во следниот период јануари-јуни 2024, додека сегашната цена е 95.6 евра. Сепак, дури и со новата повисока купопродажна цена, ќе направиме споредба со сегашните цени по блокови:
- Б1: цената е 131.9 евра, што е за 32 евра повисока од реалната, а и за 23 евра повисока од средната цена на берза;
- Б2: цената е 143.9 евра, што е за 44 евра повисока од реалната, а и за 34 евра повисока од средната цена на берза;
- Б3: цената е 171.6 евра, што е за 72 евра повисока од реалната, а и за 62 евра повисока од средната цена на берза;
- Б4: цената е 369.1 евра, што е за 269.5 евра повисока од реалната, а и за 260 евра повисока од средната цена на берза;
Според овие цени, речиси на секое домаќинство, повеќе му се исплати само да купува енергија на берза, отколку да ѝ плаќа на државата „повластена“ цена. Дополнително, како што објаснивме погоре дека едно просечно домаќинство може лесно да влезе во блокот 4, замислете сега дека 10 илјади домаќинства влегле во блок 4 со само 10 kWh. По домаќинство, тоа се само дополнителни 220 денари во сметката, но вкупниот профит на добавувачот изнесува 100 МWh по цена од блок 4 од 369.1 евра, значи вкупно 36,910 евра. Споредено со реалната цена, тука станува збор за сума од 26,950 евра чист профит, што воопшто не е мала сума.
И чисто за споредба, во новата 2024 година ЕСМ најавува купопродажна цена од 57 евра за MWh, а додека во најкритичната 2022 година, купопродажната цена за првата половина била 41 евро, а во втората половина од 2022 се зголемила на 48 евра за MWh. (линк) Дали навистина цената на суровините е покачена за речиси 20% или ... ?
Манипулации со цените
Од табелите на слика 1 многу јасно се гледа како регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) манипулира со цените, особено откако е воведен новиот тарифен модел со блокови. Со новиот тарифен модел, за првпат се дефинира посебна цена на ставката пренос и дистрибуција и истата цена во првиот период е прилично висока (3.54 ден по kWh или 54.77 евра по MWh). Сите паметиме дека имаше доста фактури во кои преносот и дистрибуцијата чинеа повеќе од самата електрична енергија. Тоа само го потврдува фактот дека оваа цена е нереална, ниту пак технички оправдана. Дополнително, во следните два периоди, како што се покачува вредноста на ДДВ, најмногу се манипулира со оваа цена, а се со цел крајното покачување да биде поприфатливо. Па така, од почетните 54.77 евра по MWh, оваа цена се намалува на 43.5 евра, а за втората половина од 2023 година се намалува на 42.6 евра по MWh. Логички се поставува прашањето: што се изменило во овој период за таа цена да се намали за речиси 30% (?) Слично и со ставките за ДДВ, од почетните 18%, намалени на 5%, па зголемени на 10%, за на крај повторно да се вратат на 18%. Ако моделот може да функционира со ставка од 5% ДДВ, зошто тогаш да се врати повторно на 18% ?
Кој кого субвенционира !?
Сите ја гледате рекламата на владата во фактурите од ЕВН, како тоа владата на северна субвенционирала 91.51% од сметките за сите домаќинства. Тотален апсурд е една официјално приватна компанија како што е ЕВН, да ја рекламира владата во своите фактури. Уште поголем апсурд е владата да се рекламира себеси во фактурите од приватна компанија. Шлаг на апсурдот е и тоа што примерот за субвенција изнесен во фактурите е математички неточен, а со тоа и самата реклама е нејасна.
Конечно, дојдовме и до прашањето од самиот наслов на оваа колумна: Кој кого субвенционира? Од погоре изнесените анализи и податоци, одговорот на ова прашање е повеќе од очигледен. Владата НЕ го субвенционира народот! Напротив (и за жал), народот ја субвенционира владата!
Заклучок
Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) не ја регулира цената на електричната енергија за да го заштити народот, туку ја регулира цената за да го зголеми профитот на политичките тајкуни, а на сметка на народот. Кога РКЕ ќе си ја работеше својата работа за која што е предвидена и платена од народот, тогаш логично би било да очекуваме поефтина струја и отфрлање на фамозниот тарифен модел со блокови. Но сепак, РКЕ е во служба на тајкуните, а на грбот на народот. Уште повеќе, од Македонија се одзема огромно количество државно земјоделско земјиште и истото им се подарува на политичките тајкуни за приватни соларни централи, од кои што профитот ќе го имаат само тајкуните. Во нормална држава, на државно земјиште се отвораат соларни централи во државна сопственост, кои ќе донесат добробит за целиот народ и државата како систем. Но, тоа е веќе друга тема која покрива повеќе аспекти, од тоа како се узурпира државно земјиште, па како тие централи влијаат на био-диверзитот и многу други фактори.
За крај, македонски народе, разбуди се!
Да сте живи и здрави!
Да живее Македонија!
-----
Автор на колумната: Армакедон, слободоумен Македонец.
Датум на објава: 7 декември, 2023 година.
* Блогот „За македонските прашања“ се оградува од секакви ставови или тврдења изнесени во колумните. Овој блог само остава простор за објава на колумни, со цел да излезе во пресрет на авторите, кои имаат нешто да кажат на дадена тема, да дадат свое видување по однос на некои прашања и да поттикнат размислување или дебата помеѓу читателите на блогот. Колумните се објавуваат во целост, онака како што се доставени до администраторот на блогот. Авторите на колумните го задржуваат правото на текстот, како и правото да се потпишат со своето цело име, акроним, или пак да останат анонимни.
No comments:
Post a Comment