Карпошовото востание, 25 октомври 1689 година
Карпошово востание — вооружено востание кренато во 1689 г. на територијата на Македонија. Востанието го носи името по својот водач Карпош. Непосреден повод и охрабрување за подигање на востанието дала големата Австро-турска војна, а неговите корени лежеле во незавидната економско-општествена и политичка положба на македонскиот народ. Подигање и тек на востанието Во годините на Австро-турската војна дошло до нагло влошување на економската и политичката положба на населението во земјата. Даночниот притисок, несигурноста и насилствата зеле дотогаш невидени размери. Воените операции ја гонеле државата да го засили принудниот откуп на житата, фуражот, добитокот, дрвата и на други селскостопански производи, по цени далеку под нивната вредност. Биле воведени и ред нови вонредни давачки. Во ова тешко време рајата страдала и од зулумите на турските вони дезертери и одметници од централната власт, меѓу кои посебно се истакнувал злогласниот Јеген-паша, бившиот румелиски беглербег, кој со околу 10.000 одметници пљачкосувал по Балканот. Централната власт успеала да го ликвидира дури во февруари 1689 година. Воената катастрофа и хаотичната внатрешна положба во Османската империја создале погодни услови за широк замав на ајдутството во сите делови од Македонија, а особено во Мариовско, Битолско, Тиквешко, Велешко, Штипско, во Доспат Плаина во северното гранично подрачје. Во таквата атмосфера, ненадејниот продор на австриската војска имал посебно дејство врз расположбата на македонскиот народ. Кон средината на октомври 1689, во севериостичниот дел на Македонија, на просторот помеѓу Ќустендил и Скопје избувнало востание, на чело со познатиот ајдутски арамбаша Карпош. Главно упориште на слободната востаничка територија станала Крива Паланка, која и пред тоа била ослободно турско утврдување, изградена во 1636 година. Тука на востаниците им паднале в раце шест топови. Освен тоа, востаниците изградиле и сосем ново утврдување кај Куманово. Не е исклучено тие да биле во врска и да содејствувале со австриските одреди, особено во времето на нивниот продор во Македонија. Современите турски хроники и месното народно предание го титулираат Карпош како „крал од Куманово“, која титула му ја дал или потврдил австрискиот цар Леополд I, праќајќи му притоа и калпак, како надворешен знак за признанието. Набргу дошло да пресврт на воено-политичката ситуација на Балканот, што имало пресудна улога за натамошната судбина на востанието. Османлиите презеле енергични чекори за стабилизација на ситуацијата во земјата и заполнале подготовките за напад против македонските востаници и австриската војска. На помош на турските војски им пристигнал кримскиот хан Селим Гирај со своите борбени и жестоки татарски одреди. На советувањето во Софија, на 14 ноември 1689, било решено во напад да се тргне преку Ќустендил, односно најпрвин да се ликвидира Карпошовото востание. Прва на удар била Крива Паланка, каде неколку илјади востаници се подготвувале за напад на Ќустендил. Дознавајќи за големата надмоќност на противникот, востаницте ја запалиле Крива Паланка и отстапиле кон Куманово. Веќе идниот ден турските и татарските одреди се појавиле и пред овој град. Востаниците го дочекале непријателот пред новоизградената тврдина. Во судирот бил заробен Карпош заедно со голем број востаници. Последен отпор бил даден од трврдината, која била преземена на јуриш, а нејзините бранители биле уништени. Победниците сега се упатиле кон Скопје, водејќи ги со себе заробените востаници. Во Скопје, крај Камениот мост на Вардар, Карпош бил изведен пред Селим Гирај, набиен на колец, а потоа избоден од татарските копја и фрлен во реката. Тоа се случило во првите денови на декември 1689 година. Трагичната смрт на Карпош го означувала истовремено и крајот на востанието. Македонскиот селанец скапо го платил својот обид за ослободување. За мнозина единствен спас било бегањето далеку на север, зад Сава и Дунав. Дел од нив подоцна преминале дури и во Русија, создавајќи таму свои војнички колонии и одделен „Македонски полк“, кој дејствувал во состав на регуларната руска војска. Во запустените предели од северозападна Македонија започнало масовно населување на албанско население.
Битката кај Херонеја, 338 година п.н.е
Битка кај Херонеја (338 п.н.е.) — важна битка на Македонското кралство под водство на Филип II Македонски одиграла близу Херонеја, во Беотија и била најголемата победа на Филип II Македонски. Таму Македонците и Тесалијците под командата на Филип (со 32.000 војска) ги поразил помалите здружени сили на Атина и Теба, зацврстувајќи ја македонската хегемонија во Грција. Битката се водела по класичните принципи на војување — фалангата на Атина и нејзиниот сојузник, Теба наспроти македонската фаланга на Филип. Атињаните биле на левото крило, а Тебанците на десното (со важниот Свет баталјон) најдесно. Атињаните и Тебанците биле сместени до центарот на борбената линија. Кај Македонците пак, Филип го командувал десното крило, додека Александар го командувал левото - иако надгледуван од најдобрите команданти на кралот. Славните коњички придружници биле сместени позади македонската борбена линија. Античките извори велат дека двете страни жестоко се бореле долго време. Филип намерно ги повлекол неговите трупи на десното крило за да ги пробие грчките линии. Александар бил прв што ги разбил тебанските линии, проследен од храбар баталјон (веројатно роднини и пријатели); откако го видел ова, Филип се заложил да нападне со сет бес, а Атињаните - страствени, но неувежбани - не можеле да им се спротистават на македонските ветерани. Со повлекувањето на Атињаните, Тебанците останале да се борат сами и биле поразени. Од славните 300 членови на Светиот тебански батаљон, 254 загинале, додека 46 биле ранети и заробени. Грчките полиси биле поразени и потпаднале под македонска власт, но немале статус на робови и не плаќале данок. На Општиот Мир вклучен во зимата 338/7 г.п.н.е. на Грците им била дозволена слобода и автономија но сепак била ограничена, следните обврски наметнати од Филип II Македонски, забрането им било:
- насилно менување на уредувањето
- нова прераспределба на земјата
- отпишување на долговите
- ослободување на робовите
- терање на политичките противници
- конфискација на имотите
- враќање на политичките бегалци
- стапување во служба на други држави
- здружување во сојузи
- меѓусебни борби
- мачење на робови
Преку склучениот мир по битката кај Херонеја, Филип II Македонски иако воено не ги окупирал (освен поставените четири воени бази околу островот Евбеја), сепак остварил негово мешање во внатрешните работи на полисите и приватната сопственост на нивните граѓани, а со тоа и нивна подредена положба во однос на Македонците.
Маричката битка - Ден на погибијата на владетелите Волкашин и Углеша
Маричката битка позната и како Втора Маричка битка, се одиграла на реката Марица близу до селото Черномен (денес Орменио во Грција) на 26 октомври 1371 помеѓу Отоманската војска предводена од Лала Шахин-паша и македонската војска на Волкашин Мрњавчевиќ и неговиот брат, деспотот Јован Углеша.
Битката кај Ис, 5 ноември 331 г.п.н.е.
Битка кај Ис — вооружен судир во кој македонскиот крал Александар III Македонски, го победил Дариј III Кодоман, врховен шах на Персија.
Битката кај Гавгамела, 1 октомври 331 г.пр.н.е
Битка кај Гавгамела — вооружен судир во 331 п.н.е. помеѓу македонската војска предводена од Александар Македонски и персиската војска предводена од Дариј III крал на Ахаjменидска Персија. Во оваа битка Александар Македонски го поразил Дариј III со што практично започнал падот на дотогаш неприкосновената персиска империја.
-
Псалм за непостојниот Боли тоа што не постојам Длабоко боли тоа што не постојам Боли главата што ја немам Боли болката во таа глава Б...
-
Црноризец Храбар е анонимен писател во словенската средновековна литература. Некои од славистите сметаат дека позади псевдонимот Црноризец ...
-
1903 година Во четирите горни статији на оваа книга јас сакаф да обрнам погледите на мојите сонародници на нуждата од једно корено измену...